18/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 15 април 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на член 5 од Правилникот за организација и систематизација на работите и задачите на управните и административните органи на општина Кавадарци, донесен од градоначалникот на општина Кавадарци на 22.12.2000 година (пречистен текст).
2. Илија Чилиманов – адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување законитоста на член 5 од правилникот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите од иницијативата со оспорениот член 5 од правилникот во кој е опишана систематизација на бројот на работите и задачите во управните и административни органи на општината, соодветната стручна подготовка и работно искуство како и потребниот број на извршители, градоначалникот фактички ја променил одлуката на Советот на општина Кавадарции за бројот на извршителите во управните и административни органи што е во спротивност со член 43 точка 6 од Законот за локална самоуправа кој важел во време на донесување на оспорениот правилник односно со член 50 став 1 точка 4 од постојниот Закон за локална самоуправа и член 67 точка 2 од Статутот на општина Кавадарци.
3. Судот на седницата утврди дека на 29 декември 1997 година Советот на општина Кавадарции донесол Одлука за определување на вкупниот број на вработени во управните и административни органи во општина Кавадарци.
Во член 2 од одлуката е предвидено дека бројот на вработените во управните и административни органи во општина Кавадарци изнесува 24 извршители.
Работното ангажирање на нови вработени ќе се изврши по донесување на актот за систематизација на работите и задачите од страна на градоначалникот согласно потребите и создадените услови за тоа.
Врз основа на член 3 точка 3 од Законот за државните службеници, член 43 став 1 точка 6 од Законот за локална самоуправа, а согласно член 15 од Одлуката за основање, организација и работа на управните и административни органи на општина Кавадарци, градоначалникот на општина Кавадарци на 20.12.2000 година, донесол Правилник за организација и систематизација на работите и задачите на управните и административните органи на општината.
Со овој правилник се уредува внатрешната организација и систематизација на работите и задачите на управните и административни органи на општината, начин на работа, назив и распоред на работни места и задачи, број на извршители, како и права и должности и одговорности на извршителите во управните и административни органи на општината.
Во член 4 од Правилникот е предвидено дека бројот на извршители во управните и административни органи изнесува 24 извршители.
Во оспорениот член 5 е предвидено дека систематизацијата на бројот на работите и задачите во управните и административни органи на општината, соодветната стручна подготовка и работното искуство, како и потребниот број на извршители се утврдени поименично (раководител на управен орган, инспектор за локални патишта и сообраќај, комунален инспектор, референт за надзор и комуникација со изградба, референт за урбанизам и друго) при што од утврдениот број на извршители произлегува дека се предвидении 31 извршител.
4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Според член 28 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето во неа.
Имајќи ја предвид содржината на оспорениот правилник, Судот оцени дека истиот не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, но е интерен акт со кој се овозможува остварување на работата во единицата на локалната самоуправа, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.18/2003
15 април 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов