180/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 18 февруари 2009, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 109 од Законот за електронските комуникации („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2005, 14/2007, 55/2007 и 98/2008).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на целината на Глава единаесетта „Електронски комуникации во воена и вонредна состојба„ и членовите 106, 107 и 108 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување поста-пка за оценување на уставноста на Глава единаесетта „Електронски комуникации во воена и вонредна состојба„ и членовите 106, 107, 108 и 109 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената глава и оспорените членови од Законот немале уставна основа, од причина што слободите и правата на човекот и граѓанинот, во кои спаѓало и правото на штрајк од членот 38 од Уставот, можеле да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба само според одредбите од Уставот (член 54 став 1 и 2 од Уставот), а не и според закон и одлука на давателите и/или операторите на универзалните услуги, како што било предвидено со оспорените одредби од члено-вите 106 до 109 од Законот. Освен тоа, определбата од членот 106 од Законот дека давателите и/или операторите на универзалните услуги, за време на штрајк, се должни да донесат одлука со која ќе одредат вработени кои за време на штрајк мораат да обезбедат непречено обезбедување на универзална услуга или исполнување на обврските на операторот, без поблиско дефинирање на истите оставало простор за арбитрерност од страна на давателите и/или операторите на универзалните услуги при определувањето на тие работи, што Уставот не го дозволувал. Ова од причини што условите под кои се реализира правото на штрајк можело да се утврдат само со закон и со колективен договор (член 32 став 5 и член 38 од Уставот), а не и со подзаконски акт, како што било во случајот. Според наведеното, подностелот на иницијативата смета дека се повредувале член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, член 32 став 5, член 38, член 51 и член 54 ставови 1 и 2 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека, оспорените членови 106,107, 108 и 109 од Законот се содржани во Глава единаесетта со наслов „Електронски комуникации во воена и вонредна состојба.

Според содржината на членот 106 (Итни мерки за обезбе-дување на услуги) од Законот, операторите кои обезбедуваат пристап до јавна комуникациска мрежа и користење на јавни комуникациски услуги имаат обврска да донесат и достават до Агенцијата план на мерки за да се обезбеди интегритетот на јавната телекомуникациска мрежа и пристапот до јавните комуникациски услуги во случај на пад на мрежата, воена или вонредна состојба или елементарна непогода (став 1). Со мерките од планот од ставот 1 на овој член треба да се обезбеди непречен пристап и користење на броевите за итни повици (став 2). Со плановите за мерки се обврзуваат операторите да ги спроведуваат итните мерки во текот на целото траење на околностите или настанот кој довел до нивна примена (став 3). Владата на Република Македонија на предлог на министерот надлежен за еле-ктронски комуникации и Агенцијата, може да пропише мерки кои мораат да бидат вклучени во плановите на мерки од ставот 1 на овој член (став 4).

Според содржината на членот 107 (Мерки во случај на вонредна состојба) од Законот, операторите на јавни комуникациски мрежи имаат обврс­ка да ги прилагодат нивните мрежи со цел да им дадат приоритет на комуникациите од определени мрежни приклучни точки пред другите комуникации (став 1). Владата на Република Македонија со одлука ги определу­ва групите на корисници со право на приоритетни мрежни приклучни точки согласно со ставот 1 од овој член кои можат да се користат само во случај на пад на мрежа, воена или вонредна состојба или елементарна непогода (став 2). Владата на Република Македонија може да ги задолжи операторите на јавните комуникциски мрежи да го прекинат работе­њето на другите комуникациски приклучни точки со цел да се обезбе­ди функциони-рање на приоритетните мрежни приклучни точки. Влада­та на Репу-блика Македонија може со одлука да предвиди и други мерки и ограничувања или прекини на функционирањето (став 3). Со одлуките на Владата на Република Македонија донесе­ни согласно со ставот 3 од овој член треба да се предвиди временс­киот период неопходен за отстранување на вонредните околности (став 4). Во случај на воена или вонредна сосотојба, или елемен­тарна непогода, Владата на Република Македонија може на операто­рите да им издаде и соодветни наредби заради справување со настанатата состојба (став 5). Владата на Република Македонија може да пропише и други мерки кои задолжително ќе бидат имплементирани во случај на воена состојба, вонредна состојба или елементарна непогода (став 6).

Според членот 108 (Надомест на трошоци) од Законот, операторите од членот 106 на овој закон имаат право на соодветен надоместок за направените оправдани трошоци за исполнување на наведените обврски (став 1). На предлог на министерот надлежен за електронски комуникации, а по претходна консултација со операто-рите, Владата на Република Македонија одлучува за износот на надоместокот од ставот 1 на овој член (став 2).

Според членот 109 (Обезбедување на универзална услуга за време на штрајк) од Законот, давателите и/или операторите на универзални услуги се должни да донесат одлука со која ќе одредат вработени кои за време на штрајк мораат да обезбедат непречено обезбедување на универзална услуга или исполнување на обврските на операторот согласно со членот 106 од овој закон.

5. Според членот 8 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот на Репу-блика Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓани-нот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото и поделбата на државната власт на законо-давна, извршна и судска се едни од темелните вредности на уста-вниот поредок на Република Македонија.

Според членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Во членот 51 од Уставот е утврдено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Во ставот 2 на овој член од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот.

Од анализата на цитираните уставни одредби произле-гува дека Уставот на Република Македонија, утврдувајќи ги принци­пите на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот; владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, истовремено ги утврдил и носителите на секоја од оваа власт со тоа што посебно ја определил и нивната надлежност, однос­но работите што тие ги вршат. Воедно, во заштитата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот Уставот, во членот 54 став 4, определил нивно ограничување за време на воена или вонредна состојба, кое ограничување ни во вакви околности не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувако постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Според член 68 алинеја 2 од Уставот, Собранието на Република Македонија, како носител на законодавната власт, има право со закон да ги уреди сите прашања од определена област што се законска материја, а во тие рамки да предвиди и посебни мерки и активности за обезбедување на неопходното ниво на функционирање на системите и институциите од тие области во услови и на воена или вонредна состојба, како што во конкретниот случај тоа е направено во областа на електронските комуникации. Исклучок од наведеното правило претставува членот 126 од Уставот, чии одредби истовре-мено претставуваат и отстапување од принципот на поделбата на власта, затоа што во услови на воена или вонредна состојба, наместо Собранието, законо­давната власт ја врши Владата на Република Македонија, со оглед на тоа што уредбите со законска сила за чие донесување е овластена таа, по својот карактер, содржина и дејство имаат сила на закон.

Во членот 4 од Законот за електронски комуникации е определено значењето на употребените изрази, меѓу кои: електронска комуникациска мрежа (точка 1), јавна комуникациска мрежа (точка 4), оператор на јавна комуникациска мрежа (точка 9), јавна комуника-циска услуга (точка 10), давател на јавна комуникациска услуга (точка 11), универзална услуга (точка 14), давател на универзална услуга (точка 15), план за нумерација на јавните комуникациски мрежи и услуги на Република Македонија (точка 18), корисник (точка 32), краен корисник (точка 33) и броеви на служби за итни повици (точка 39).

Во Законот се уредени условите и начинот на вршење на дејноста од областа на електронските комуникации и другите прашања што се од значење за функционирање на јавните комуника-циски мрежи и давање на јавни комуникациски услуги во редовни услови. Законодавецот во оспорената Глава единаесетта, во члено­вите 106 до 109 утврдил и посебни мерки за обезбедување на функ­ционирањето на јавните комуникациски мрежи и користење на јавните комуникациски услуги во услови на воена и вонредна состојба.

Тргнувајќи од анализата на членовите 106 и 107 од Законот произлегува дека законодавецот во овие одредби го уредува начинот на постапување на операторите кои обезбедуваат пристап до јавната комуникациска мрежа, во случај и за време на пад на мрежата, воена или вонредна состојба или елементарна непогода, како и овластувањата и начинот на постапување на Владата, Мини-стерството за електронски комуникации и Агенцијата за електронски комуникации во вакви состојби. Целта од ваквото уредување е да се обезбеди интегритетот на јавната телекомуникациска мрежа и приста­пот до јавните комуникациски услуги, непречен пристап и користење на броевите за итни повици, како и давање приоритет на комуни­ка­ци­ите од определени мрежни приклучни точки пред другите комуника­ции. Од анализата на оспорениот член 108 од Законот произлегува дека со него се уредува правото на операторите на соодветен надоместок за направените оправдани трошоци за исполнување на наведените обврски.

Анализирајќи ги оспорените членови 106, 107 и 108 од Законот, од аспект на наводите од иницијативата, за сторена повреда на членот 54 став 2 од Уставот, а поради противуставно ограни-чување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, Судот оцени дека во овој случај таква повреда не е сторена. Според оваа уставна одредба, слободите и правата на човекот и граѓанинот, можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредби на Уставот, од каде произлегува дека остварувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот може да бидат ограни-чени само при така настанати состојби, со исклучок на конкретни слободи и права (член 54 став 4 од Уставот) кои и во настанатите состојби не можат да бидат ниту ограничени ниту суспендирани.

За време на воена или вонредна состојба се доведува во прашање безбедноста на државата, животот или здравјето на граѓа­ните и нужно се наметнува потребата државата да биде насочена првенствено кон зачувување на нејзината безбедност, а уживањето на одредени слободи и права во такви состојби доаѓа во втор план.

Одредбата од членот 54 став 2 од Уставот, според Судот, дозволува привремено суспендирање на остварувањето на уставно загарантираните слободи и права, а поради вонредните околности што постојат за време на воена и вонредна состојба, при што отсуството на изречна уставна одредба за можноста од ограничу­вање на остварувањето на конкретни слободи и права не може да се толкува дека нивното уживање е апсолутно, независно право кое се остварува без какви и да е граници, без респектирање на безбед­носта на државата и без почитување на слободите и правата на другите. Во Уставот не е воспоставен пристап за апсолутно, нелими­тирано ужива-ње на слободите и правата, а заради потребата од уредување на начинот на остварување на слободите и правата, Уставот не ја исклу-чува можноста од нивно законско уредување.

Врз основа на изнесеното, според Судот, оспорените член 106, 107 и 108 од Законот, ценети од аспект на иницијативата, се во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, член 32 став 5, член 38, член 51 и член 54 ставови 1 и 2 од Уставот.

6. Од посебната анализа на оспорениот член 109 од Зако­нот Судот имаше предвид дека истата ја уредува должноста на давателите и операторите на универзални услуги да донесат одлука, односно подзаконски акт, со кој ќе одредат вработени кои за време на штрајк мораат да обезбедат непречено обезбедување на униве-рзална услуга или исполнување на обврските на операторот. Донесу-вањето на ваква одлука, според оцена на Судот, остава простор за арбитрерност, бидејќи со законски определената должност за донесу-вање на таква одлука се уредува самото право на штрајк со подзако-нски акт, наме­сто со закон и со колективен договор како што бара членот 32 став 5 од Уставот. Ова уште повеќе ако се има предвид дека во оспорениот член 109 од Законот не е содржано поблиско упатување за тоа кои се и каде се содржани критериумите врз основа на кои ќе се определат вработените кои за време на штрајк ќе мораат да го обезбедат функционирањето на јавната комуникациска мрежа и давањето на јавната комуникациска услуга за време на воена и вонредна состојба.

Тргнувајќи од наведеното пред Судот се постави прашањето за согласност на оспорениот член 109 од со член 8 став 1 алинеја 3, член 32 став 5 и член 38 од Уставот.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.180/2008
18 февруари 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски