У.бр.179/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 4 јуни 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за измена на ГУП за блок 80, бр.07-1556/14 од 31 мај 2012 година, („Службен гласник на општина Тетово“ бр. 40/2012 од 5 јуни 2012) и Одлуката за измена на ДУП за блок 80, бр.07-2674/9 oд 29 август 2012 година („Службен гласник на општина Тетово бр.43/2012 од 31 август 2012), донесени од Советот на Општина Тетово.

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на одлуките наведени во точката 1 на ова решение.

3. Група граѓани од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлуките наведени во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, при донесувањето на оспорените одлуки не биле почитувани позитивните закони за просторно и урбанистичко планирање. Се наведуваат следниве повреди на постапката за донесување на оспорените одлуки: на стручната расправа одржана за делумната измена на ГУП во оспорениот дел, станало збор да во КП.бр.4672/2 биде изграден еден објект со намена супраструктура Е2– бензинска станица, а не за два објекти како што било предвидено со планот (хотелски комплекс и продавница); на стручната расправа се дискутирало, со новата измена на ГУП во КП.4672/1 да се пробие пат со што би се поврзал патот К.Р.Дрнц со магистралниот пат В.С.Бато, и кој би претставувал директна врска од магистралниот пат кон Попова Шапка. Бидејќи се работи за магистрален пат (Ул. В.С.Бато во Тетово) потребна била согласност од Агенцијата за патишта на Република Македонија за приклучување на бензиската пумпа на тој пат – согласно член 15 точка 13 од Законот за патишта , што не било направено; намената на двете парцели според ГУП-от кој важел пред измената што се оспорува бил лесна незагадувачка индустрија, а сега со измената бил предвиден објект со намена супраструктура (бензиска пумпа); не било побарано мислење од Министерството за екологија и просторно планирање за изградбата на бензиската пумпа со оглед на тоа што се работи за објект-градба кој е од загадувачки карактер; органот бил должен да побара услови од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на просторното планирање; извештајот за стручната расправа бил спротивен на Законот за просторно и урбанистичко планирање; во однос на оспорениот ДУП, се укажува дека тој не бил усогласен со градежниот плански опфат, означен во незаконски донесениот ГУП.

Во иницијативата се наведува дека при донесувањето на двата оспорени плана не биле почитувани одредбите од Законот кои се однесуваат на јавната презентација и јавната анкета. Процедурата за делумна измена на дел од ГУП и ДУП за блок 80 на општина Тетово, била усвоена согласно стариот Закон за просторно и урбанистичко планирање кој веќе не бил во сила („Службен весник на РМ бр.24/2008 и 91/2009). Законот за просторно и урбанистичко планирање бил повреден и поради тоа што при донесувањето на оспорените планови не биле почитувани стандардите и нормативите за урбанистичко планирање, што е образложено на пет страници во иницијативата.

Во прилог на иницијативата доставени се фотокопии од оспорените акти како и од повеќе дописи со кои подносителите на иницијативата се обраќале до надлежните органи на општината (градоначалникот, Советот на општината, Секторот за урбанизам и комунални работи на општина Тетово, Градежната инспекција на Општина Тетово) како и до надлежните државни органи (Министерството за локална самоуправа, Министерството за транспорт и врски, Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво,) во кои било укажувано на незаконитоста на оспорените одлуки, било информирано за градежните работи отпочнати врз основа на плановите и се барало нивно запирање, но на кои дописи според подносителот на иницијативата не било одговарано.

4. Судот на седницата утврди дека првооспорената Одлука за измена на Генералниот урбанистички план за блок 80, бр.07-1556/14 ја донел Советот на општина Тетово на 31 мај 2012 година и таа е ојбавена во „Службен гласник на општина Тетово“ бр. 40/2012 од 5 јуни 2012 година.

Според членот 1 од наведената одлука, се усвојува Предлог на ГУП за урбан блок 80 со површина (16.26 ха) за плански период 2011-2021, помеѓу улиците „Браќа Миладиновци“, “Б.Тоска“, „Вонвардарска“ и „В.С.Бато„ – општина Тетово, техничка документација со технички број 3-1/12 изработена од ДОО „УРБАН ПЛАН“ Тетово.

Во членот 2 од Одлуката е наведено дека составен дел на оваа Одлука е техничката документација бр.3-1/12, изработена од ДОО „УРБАН ПЛАН“ Тетово, која не се објавува, а од која еден примерок се чува во архивата на општина Тетово, еден кај органот што го спроведува овој план – Секторот за урбанизам на општина Тетово, еден во надлежниот Државен архив, еден примерок кај Министерство за транспорт и врски, еден примерок кај Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, еден примерок се доставува до Агенцијата за запишување на правата на недвижности – ПЕ Тетово, а седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот (општина Тетово) заради достапност на јавноста.

Согласно членот 3 од Одлуката, Советот на општината е должен во рок од 30 дена од донесување на планот да обезбеди картирање на планот на хамер или астролон. Картираните подлоги се предаваат на Агенцијата за катастар на недвижностите на чување и користење, како подлоги за издавање на нумерички податоци.

Во членот 4 од Одлуката е наведено дека донесениот урбанистички план не може да се применува пред да се исполнат условите од член 2 и 3 на оваа Одлука.

Според членот 5 од Одлуката, одлуката стапува во сила 8-от ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Тетово“.

Судот на седницата утврди дека второоспорената Одлука за измена на Деталниот урбанистички план за блок 80, бр.07-2674/9 ја донел Советот на општина Тетово на 29 август 2012 година и таа е објавена во „Службен гласник на општина Тетово“ бр.43/2012 од 31 август 2012 година.

Според член 1 од наведената одлука, со оваа Одлука се усвојува Предлог за измена и дополнување на ДУП за урбан блок 80 површина (3,26 ха) за плански период 2012-2017, помеѓу улиците: „Браќа Миладинови, ул. “Видео Смилевски Бато“, ул.„Киро Ристовски Дрнц крак“ и „Браќа Миладинови крак“ општина Тетово, техничка документација со технички број 6-2/12 изработена од ДОО „УРБАН ПЛАН“ Тетово.

Во членот 2 од Одлуката е наведено дека составен дел на оваа Одлука е техничката документација 6-2/12 изработена од ДОО „УРБАН ПЛАН“ Тетово, која не се објавува, а од која еден примерок се чува во архивата на општина Тетово, еден кај органот што го спроведува овој план – Секторот за урбанизам на општина Тетово, еден во надлежниот Државен архив, еден примерок кај Министерство за транспорт и врски, еден примерок кај Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, еден примерок се доставува до Агенцијата за запишување на правата на недвижности – ПЕ Тетово, а седмиот примерок се изложува кај донесувачот на планот (општина Тетово) заради достапност на јавноста.

Согласно член 3 од Одлуката, Советот на општината е должен во рок од 30 дена од донесување на планот да обезбеди картирање на планот на хамер или астролон. Картираните подлоги се предаваат на Агенцијата за катастар на недвижностите на чување и користење, како подлоги за издавање на нумерички податоци.

Во членот 4 од Одлуката е наведено дека донесениот урбанистички план не може да се применува пред да се исполнат условите од член 2 и 3 на оваа Oдлука.

Според членот 5 од Одлуката, таа стапува во сила 8-от ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Тетово“.

Судот на седницата и во претходна постапка утврди дека иницијативата е примена и заведена во Судот на 15 ноември 2012 година. Со писмен допис У.бр.179/12 од 19 ноември 2012 година Судот ја достави иницијативата до Советот на општина Тетово со барање да даде мислење по наводите во иницијативата и да ги достави оспорените одлуки заедно со целокупната документација што претходела на нивното донесување.

Поради непостапување по барањето, Уставниот суд со писмена ургенција од 17 декември 2012 година, побара од Советот на општина Тетово во рок од 7 дена да ги достави оспорените акти, мислење и документација.

На 18 јануари 2013 година Уставниот суд упати повторно писмен допис – втора ургенција со истото барање.

Поради непостапување по барањата на Уставниот суд, Судот на 25 февруари 2013 година писмено се обрати до Министерството за локалната самоуправа и побара тоа, во рамките на своите надлежности, да ги преземе потребните мерки со кои ќе се обезбеди потребната документација да биде доставена до Уставниот суд, како би можел Судот да ја води постапката по овој предмет.

Државниот инспекторат за локална самоуправа при Министерството за локална самоуправа, со допис бр.17-647/2 од 11 март 2013 година, го информира Уставниот суд дека на 11 март 2013 година инспекторатот упатил писмено барање до градоначалникот и до претседателот на Советот на општина Тетово да ја достават документацијата поврзана со оспорените одлуки и дека за резултатите од нивната ургенција дополнително ќе го известат Судот.

Градоначалникот на општина Тетово, со писмен допис бр.09-1857/1 од 4 април 2013 година до Уставниот суд достави документација за постапката за донесување на двете оспорени одлуки, без да даде мислење по однос на наводите во иницијативата.

По увидот во доставената документација, во претходната постапка се утврди дека во документацијата недостасуваат определени документи, поради што Уставниот суд се обрати повторно до Советот на општина Тетово со писмен допис под У.бр.179/12 од 16 април 2013 година со барање да му бидат доставени потребните документи.

Во однос на Генералниот урбанистички план, Судот побара да му бидат доставени:

– Планска програма за изработка на планот (бр.09-834 од 12 март 2012 година);
– Одговор на стручната ревизија (бр.0307/1-3/12, од 20 март 2012 година, изработена од „УРБАН ПЛАН“ Тетово.
– Одлука за утврдување на нацрт измена и дополна на ГУП урбан блок 80 Тетово, бр.07-783/41 од 29 март 2012;

Во однос на деталниот урбанистички план, Судот побара да му бидат доставени:

– Стручна ревизија, изготвена од КОМУНАПРОЕКТ, јуни 2012
– Програма за изработка на урбанистички планови на општина Тетово за 2012 (бр.07-783/38 од 29 март 2012, Измена и дополнување на Програмата за изработка на урбанистички планови на општина Тетово за 2012 (бр.07-1800/4 од 28 јуни 2012);
– Одлука за усвојување на Предлог ДУП

И по истекот на рокот (2 мај 2013 година) бараните документи сеуште не се доставени до Уставниот суд.

По поднесувањето на иницијативата, подносителот во повеќе наврати упати до Уставниот суд ургенции и барања за итно постапување по предметот со оглед на тоа што на терен се одвивале интензивни градежни работи.

5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, темелна вредност на уставниот поредок на Републиката е уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и унапредувањето на животната средина и на природата.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесувањето на плановите, како и другите прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.51/2005, 137/2007, 151/2007-исправка, 91/2009 124/2010 18/2011, 53/2011 и 144/2012) во чие време на важење се донесени оспорените одлуки.

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено дека изработувањето, донесувањето и спроведувањето на Просторниот план на Република Македонија и на урбанистичките планови се работи од јавен интерес.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во посебен дел од Законот означен и насловен со “II. Планирање на просторот”, кој ги опфаќа членовите од 7 до 48.

Според членот 7 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следните планови: Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Генерален урбанистички план се донесува за населено место град утврдено со закон. Генералниот урбанистички план од ставот 1 на овој член содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија, како и нумерички дел со билансни показатели. (член 10 ставови 1 и 2). Генералниот урбанистички план се донесува врз основа на издадени услови за планирање на просторот согласно со закон. Изменување и дополнување на Генералниот урбанистички план со кое се врши проширување на планскиот опфат, се врши врз основа на услови за планирање за просторот за делот за кој се проширува планскиот опфат. (став 6)

Согласно член 11 ставовите 1 и 2 од Законот, детален урбанистички план, се донесува за плански опфат за кој е донесен генерален урбанистички план. Деталниот урбанистички план содржи текстуален дел и графички приказ на планските решенија на опфатот, како и нумерички дел со билансни показатели за планскиот опфат и за инфраструктурата.

Според член 13-а од Законот, со урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4 на овој закон предмет на планирање може да биде и една градежна парцела, а може да се врши и нивно изменување и дополнување во рамките на една градежна парцела, доколку постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура. Во случаите од ставот 1 на овој член, урбанистичките планови се донесуваат во постапка утврдена во членот 24 од овој закон, а јавната анкета трае од најмалку пет до најмногу десет работни дена.

Според член 15 став 1 од Законот, за согледување на планските можности за планирање на просторот односно изготвување на урбанистички планови освен детален урбанистички план, донесувачот на планот е должен да побара услови за планирање на просторот, од органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на просторното планирање, согласно со закон. Услови за планирање на просторот не се бараат при изработување на урбанистички планови и измени и дополнувања на урбанистички планови доколку тие се прават во период кога е на сила истиот Просторен план на Република Македонија според кој претходно се издадени услови за планирање на просторот за истиот плански опфат.

Според член 15-а, урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, државната урбанистичка планска документација и локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат. Планската програма се состои од текстуален и графички дел. Планската програма ја изработува овластено правно лице од членот 18 на овој закон по барање на донесувачот на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, односно по барање на барателот за одобрување на државната и локалната урбанистичка планска документација односно урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп. Планската програма за урбанистичките планови од членот 7 точка 2 и за локалната урбанистичка планска документација од овој закон ја одобрува радоначалникот на предлог на Комисијата од членот 17 став 4 на овој закон, а за државната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп ја одобрува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот на предлог на Комисијата од членот 31 став 2 на овој закон. Одобрената планска програма се заверува со печат и потпис од страна на членовите на надлежната комисија. Пред одобрување на планската програма за урбанистичките планови, државната и локалната урбанистичка планска документација од членот 11-а на овој закон согласност дава Министерството за одбрана, а за урбанистичките планови од членот 11-б на овој закон согласност дава Министерството за култура.

Според член 17 став 1 од Законот, за изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон , општините и градот Скопје донесуваат годишна Програма. Според ставот 2 од истиот член од Законот, програмата од ставот 1 на овој член општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.

Изработување на урбанистички планови, согласно член 18 од Законот, вршат правни лица кои поседуваат лиценца, што ја издава органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот под услови утврдени во овој член од Законот.

Согласно член 19 став 1 од Законот, урбанистичките планови и државната и локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп се изработуваат на ажурирани геодетски подлоги, во соодветен размер, согласно со закон. Континуираното ажурирање на геодетските подлоги е обврска на донесувачот на планот кој ги сноси и трошоците за ажурирањето (став 2).

Според членот 22 став 1 од Законот плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план. На нацртот на плановите, согласно членот 21 од Законот се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон, прописите донесени врз основа на овој закон и друг закон. Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје врши овластено правно лице од член 18 став 1 на овој закон, определено од градоначалникот на општината или на градот Скопје. Согласно став 5 на овој член, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапување по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во членот 23 од Законот е уредена поконкретно постапката за донесување на генерален урбанистички план. По нацртот на генералните урбанистички планови се организира стручна расправа со учество на субјектите од членот 29 ставови 1 и 2 на овој закон и други заинтересирани лица од подрачјето опфатено со планот. Заинтересираните лица и субјектите од членот 29 ставови 1 и 2 на овој закон можат да достават забелешки по нацртот на планот, во рок од десет дена од одржувањето на стручната расправа а доколку истите не бидат доставени ќе се смета дека немаат забелешки на планското решение. Стручна расправа по утврдените нацрти на планови од ставот 1 на овој член, организира градоначалникот на општината и градоначалникот на градот Скопје. Времето и местото на одржување на стручната расправа на нацртот на планот се објавува во најмалку две јавни гласила, најмалку два работни дена пред одржувањето. За стручната расправа се изработува извештај. Извештајот од ставот 2 на овој член со записник од расправата и со посебни образложенија за прифатените и неприфатени забелешки од стручната расправа го изработува стручна комисија составена од три члена и тоа еден претставник од донесувачот на планот. Извештајот од ставот 3 на овој член е составен дел на предлогот на планот.

Во членот 24 од Законот поблиску е уредена постапката за донесување на деталниот урбанистички план. Според ставот 1 на овој член од Законот, по нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета. Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од членот 17 став 4 на овој закон. За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај. За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение. Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината. Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот. Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози. Доколку комисијата од став 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета. Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.

Според членот 25 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон. Во ставот 2 на овој член од Законот утврдено е дека на плановите изработени во форма на предлог на план се дава согласност од органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека плановите се изработени согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Согласно ставот 3 на член 25 од Законот мислењето од ставот 1 и согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на мислењето и согласноста не одговори во наведениот рок ќе се смета дека мислењето и согласноста се издадени. Според ставот 5 на истиот член по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Во членот 31 став 1 од Законот, помеѓу другото е предвидено дека во постапката за изработување на плановите задолжително се применуваат стандардите и нормативите за уредување на урбанистичкото планирање.

6. Од наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање произлегува дека законодавецот предвидел комплексна постапка во која се донесуваат урбанистичките планови која се состои од повеќе фази и повеќе дејствија. Секоја фаза во постапката резултира со донесување на соодветна документација во форма и содржина утврдена со наведените одредби од Законот.

Во конкретниот случај, од утврдената фактичка состојба, произлегува дека Советот на општина Тетово, како доносител на двете оспорени одлуки, и покрај неколкуте упатени писмени барања и ургенции од страна на Судот и Министерството за локална самоуправа, не ја достави комплетната документација од постапката за донесување на оспорените одлуки – Одлука за измена на ГУП за блок 80, бр.07-1556/14 од 31 мај 2012 година и Одлуката за измена на ДУП за блок 80, бр.07-2674/9 oд 29 август 2012 година.

Недоставувањето на комплетната документација од страна на Советот на Општина Тетово, според оценката на Судот, остава простор за сомнение дека доносителот на оспорените одлуки не ја почитувал и спровел постапката за нивното донесување согласно законските одредби од Законот за просторното и урбанистичко планирање. Поради наведеното, Судот утврди дека постојат основи за поведување на постапка за оценување на законитоста на оспорените одлуки. Воедно, сомнението дека постапката за изменување и дополнување на оспорените планови не е водена на начин предвиден со Законот, според мислењето на Судот, не е во согласност со принципот на уредување и хуманизација на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, поради што Судот смета дека постојат основи за поведување на постапка за оценување и на уставноста на оспорените одлуки. Ваквиот став произлегува и од уставно-судската практика на Уствниот суд (Решение У.бр.143/2004 од 29 јуни 2005 и Одлука У.бр. 143/2004 од 5 октомври 2005 година; Решение У.број. 1/2008 од 17 септември 2008 и Одлука У.бр.1/2008 од 20 ноември 2008).

Поради изнесеното основано сомнение по однос на уставноста и законитоста на двете оспорени одлуки и со оглед на доставените информации од страна на подносителите на иницијативата за интензивните градежни работи што се во тек, Судот оцени дека со извршувањето на оспорените одлуки би можеле да настанат тешко отстранливи последици, односно дека се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд за изрекување на времена мерка.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение во однос на точката 1 Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски, а во однос на точката 2, со мнозинство гласови.

У.бр.179/2012
4 јуни 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски