179/1994-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1994 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување законитоста на

– Одлуката за определување на висината на надоместокот на трошоците што му се предизвикани на ЈП “Електростопанство на Македонија” Скопје со приклучување на трошилата на новите потрошувачи, односно со зголемување на приклучната моќност на постојните потрошувачи, донесена од Работничкиот совет на 29 септември 1993 година;

– Правилникот за постапката, начинот и условите за приклучување на нови потрошувачи и зголемување на моќноста на постарите потрошувачи, донесен од Собранието на СИЗ за енергетика на 17 април 1992 година; и на

– Правилникот за постапката, начинот и условите за приклучување нови потрошувачи и зголемување на моќноста на постарите потрошувачи, донесен од Работничкиот совет на Јавното претпријатие на 27 мај 1994 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Општинското јавно правобранителство од општините Битола и Демир Хисар и Фаница Сарџоска – адвокат од Битола му поднесоа иницијативи за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што оспорената одлука не била во согласност со Законот за енергетика од причини што во член 38 став 1 било предвиденко дека со Општите услови за испорачка на соодветен вид на енергија поблиску се определувале условите и начинот на испорака како и меѓусебните права и обврски, но со закон не била предвидена обврска корисниците на електрична енергија да плаќаат надомест за приклучување на електрична мрежа, а електростопанството при приклучување на нови потрошувачи нема никакви трошоци.

Одлуката, исто така, не била во согласност со член 39 од Законот за градежно земјиште затоа што надоместокот за уредување на земјиштето се плаќал врз основа на Програма која ја донесува собранието на општината врз основа на урбанистички план, одлуката на ЈП “Електростопанство на Македонија” не била во согласност со Одлуката за уредување на градежното земјиште на подрачјето на Општина Битола и со Правилникот за определување на обемот на уредувањето и степенот на опремувањето на градежното земјиште со комунални објекти и затоа што оспорените правилници Уставниот суд на Република Македонија и покрај тоа што укинал некои нивни одредби, ЈП “Електорстопанство” ја донел оспорената одлука и сеуште ги применува правилниците.

3. Разгледувајќи ги иницијативите, Судот утврди дека оспорените акти биле предмет на оценување пред Уставниот суд на Република Македонија и со решение У.бр.111/94 од 13 октомври 1994 година не повел постапка за оценување законитоста на Одлуката за определување на висината на надоместокот за трошоци што се признава на ЈП “Електростопанство на Македонија” со приклучување на нови потрошувачи односно зголемување на приклучната моќност на постојните потрошувачи. Со Одлуката У.бр.120/91 од 16 јули 1993 година ги укинал членовите 19-34 од Правилникот за постапката, начинот и усогласувањето за приклучување нови потрошувачи и зголемувањето моќноста на постојните потрошувачи, донесен од Работничкиот совет на Јавното претпријагтие “Електростопанство на Македонија” и членовите 18-32 од Правилникот на СИЗ за енергетика од 17 април 1992 година, а за останатите одредби од правилниците ја запрел постапката.

По повод на новите иницијативи, Судот не наоѓа основ за поинакво одлучување.

Во однос на наводите во иницијативата дали укинатите одредби од правилникот се применуваат е фактичко прашање за што Уставниот суд на Република Македонија, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија не е надлежен да одлучува.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов