178/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 16 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 19 став 2 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994, 11/1995, 71/2996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008, 161/2008 и 81/2009).

2. Трајче Спирковски од Прилеп и 77 други потписници на иницијативата на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 19 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата сите работници кои примале паричен надоместок поради невработеност (стечајни работници и технолошки вишок), а за кои Агенцијата за вработување плаќала придонес за пензиско и инвалидско осигурување биле доведени во нееднаква положба бидејќи до 31 декември 2008 година на овие лица им се плаќал придонес на друга основица, односно на просечниот износ на платите и придонесите пред да им престане работниот однос.

Со извршените измени во Законот, според подносителот, им била загрозена правната сигурност, со оглед на тоа што на нивна штета се менувала пензиската основица, со што при пензионирање тие би имале помала основа. Ваквата одредба, според подносителот, не била во согласност со членовите 34 и 35 од Уставот, затоа што со неа се нарушувал и принципот на стекнато право.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 19 став 1 поместен во главата „Стекнување и утврдување на права” поднасловот „Пензиска основа“ е предвидено дека: „Старосна пензија се утврдува од месечниот просек на платите што осигуреникот ги остварувал за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 јануари 1970 година (Во натамошниот текст: пензиска основа).

Во оспорениот став 2 на член 19 од Законот е предвидено дека: „За определување на пензиска основа, покрај месечниот просек на плати се зема и надоместокот на плати, односно паричниот надоместок во случај на невработеност“.

Во ставот 3 (кој бил став 2 пред измените) е предвидено дека: „За осигурениците од член 11 точка 2 (лица на служба во АРМ), старосната пензија се утврдува од пензиската основа односно од месечниот просек на плати што осигуреникот ги остварил за време на вкупното траење на осигурувањето, а најрано од 1 април 1992 година.“

Според ставот 4 (кој бил став 3) на член 19 од Законот, како година на осигурување од која се зема платата за утврдување на пензиска основа се зема календарската година во која осигуреникот остварил плата, односно надоместок на плата за најмалку шест месеци стаж на осигурување.

По исклучок од став 4 на овој член, платата односно надоместокот на платата остварен во годината во која осигуреникот остварува право на старосна пензија не се зема за утврдување на пензиската основа.

4. Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 9 од Уставот е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор, а според член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната правичност.

Од наведените уставни одредби, произлегува дека Уставот го прокламира и утврдува општиот принцип на правото на граѓаните на социјална сигурност и социјално осигурување кое е препуштено на уредување со закон и колективен договор. Исто така, Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните, која се остварува врз основа на начелото на социјална правичност. Според тоа, прокламацијата на тие уставни принципи произлегува од социјалниот карактер на државата, а видовите на правата што се стекнуваат со социјалното осигурување, нивната висина, начин на стекнување и користење се резервирани за законодавната власт, која има широк простор за уредување на сите релевантни односи кои се од значење за остварување на социјалната сигурност на граѓаните.

Со Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредува задолжителното пензиско и инвалидско осигурување на работниците во работен однос и на физичките лица кои вршат дејност, основите на капиталното финансирано пензиско осигурување, како и посебните услови под кои одделни категории на осигуреници ги остваруваат правата од пензиското и ивалидското осигурување (член 1).

Согласно членот 3 на овој закон, со задолжително пензиско и инвалидско осигурување по основа на работа, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат права во случај на старост, општа неспособност за работа или професионална неспособност за работа, смрт и телесно оштетување.

Правата од пензиското и инвалидското осигурување, согласно член 4 на овој закон, се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувањето на средствата за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со овој закон.
Правата од пензиско и инвалидско осигурување се утврдени во член 5 од Законот, и тоа:
1) право на старосна пензија;
2) право на инвалидска пензија;
3) професионална рехабилитација и права на соодветни парични надоместоци;
4) право на семејна пензија;
5) право на паричен надоместок за телесно оштетување и
6) право на најнизок износ на пензија.

Осигурениците со задолжително пензиско и инвалидско осигурување се утврдени со член 11 од Законот, и тоа:
1) работниците во работен однос во претпријатие и друго правно лице кое врши стопанска дејност, установа, друго правно лице кое врши дејност на јавна служба, државен орган и орган на единиците на локалната самоуправа и во домашно и странско физичко и правно лице (во натамошниот текст: работодавец);
2) лицата на служба во постојаниот состав на Армијата на Република Македонија (војници по договор, помлади офицери, офицери и граѓански лица на служба во Армијата);
3) избраните или именуваните носители на јавна и друга функција, ако за вршењето на функцијата примаат плата, односно остваруваат надоместок на плата за вршење на таа функција;
4) државјаните на Република Македонија кои на територијата на Република Македонија се вработени кај странски и меѓународни органи, организации и установи, кај странски дипломатски и конзуларни претставништва или се во лична служба на странски државјани, ако со меѓународен договор не е поинаку определено;
5) државјаните на Република Македонија вработени во странство, ако за тоа време не се задолжително осигурани кај странски носител на осигурувањето;
6) државјаните на Република Македонија вработени кај странски работодавец во држава во која се задолжително осигурани, но во која правата од пензиското и инвалидското осигурување, што како права се утврдени со овој закон, не можат да ги остваруваат или не можат да ги користат надвор од таа држава;
7) физичките лица кои вршат дејност;
8) индивидуалните земјоделци-обврзници на данок од приход од земјоделска дејност на кои земјоделската дејност им е единствено занимање (индивидуални земјоделци);
9) невработени лица кои примаат паричен надоместок најмногу до навршување на 15 години пензиски стаж;
10) инвалидите на трудот за време на чекање за упатување и за време на професионална рехабилитација и соодветно вработување;
11) самостојните уметници кои со таков статус се здобиле според критериумите, во соодветна постапка и со соодветен акт на министерот за култура и
12) професионални спортисти кои имаат склучено договор за вработување со професионален спортски клуб.

Во членовите од 19 до 32 од Законот, се уредени прашањата кои се однесуваат за тоа од што зависи и на кој начин се утврдува пензиската основа за остварување на старосна пензија. Така пензиската основа се утврдува од: месечниот просек на платите што ги примал работникот за време на вкупното траење на осигурувањето, од висината на паричниот надомест по и за време на привремената спреченост за работа, од висината на надоместок на плата за време на привремена спреченост од работа поради болест и повреда, за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, а како пензиска основа на невработени лица кои примаат паричен надоместок во случај на професионална рехабилитација се зема паричниот надоместок.

Во членот 14 од Законот за придонеси од задолжителното социјално осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 142/2008 и 64/2009 ) е утврдено што претставува основица за пресметување и плаќање на придонесите, при што за невработените лица корисници на паричен надоместок за време на привремена невработеност основа претставува надоместокот што го примаат.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, како и од одредбите од Законот за пензиското и инвалидското осигурување и Законот за придонесите од задолжителното социјално осигурување, наспрема содржината на оспорената одредба, Судот оцени дека наводите од иницијативата не се основани. Ова затоа што остварувањето на старосната пензија и нејзината висина не зависи само од должината на пензискиот стаж, туку и од месечниот просек на плати, односно надоместок на плати или надоместок што осигуреникот го прима во одредени случаи за кои примања осигуреникот или Агенцијата плаќа придонес за пензиско и инвалидско осигурување.

Според Судот, предвиденото законско решение паричниот надомест кој го прима осигуреникот во случај на привремена невработеност да претставува основа за утврдување на пензијата на осигуреникот е поставено на сосема реални и објективни основи, поради што оцени дека со предвидениот начин на уредување на ова прашање не се доведуваат во прашање остварувањето на правата од социјална заштита како што наведува подносителот. Фактот, што пред донесување на измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, пензиската основа во случаи кога осигуреникот остварувал парични надоместоци се утврдувала од платата од која бил определен паричниот надоместок што било поповолно за осигурениците не може да претставува доволен основ за изразување на сомнение за неуставноста на оспорената одредба од аспект на начелото на еднаквост.
Според Судот, во конкретниов случај не може да стане збор за губење на стекнато право, како што наведува подносителот на иницијативата, туку за промена на режим за утврдување на основица за пресметување на пензија, кој ќе се однесува на сите осигуреници во иднина. Исто така, со предвидениот начин на утврдување на пензиската основа кога се работи за случаи кога осигурениците примаат паричен надоместок и кој се однесува на сите осигуреници кои по влегување во сила на измените на Законот примаат паричен надоместок, а осигурениците на кои до влегувањето во сила на Законот им се исплатувал паричен надоместок или надоместок на плата, пензиската основа ќе им се определува од основицата од која бил определен паричниот надоместок односно плата не се доведуваат во прашање уставните одредби за остварување на правата од социјалното осигурување.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.178/2009
16 декември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски