178/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 3 декември 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на дејствијата на Педагошкиот факултет во Битола при одлучувањето, распишувањето и спроведувањето на Конкурсот з а избор на наставници на Педагошкиот факултет во Битола, објавен од деканот на Факултетот, во весникот “Дневник” на 7 јули 2003 година.
2. М-р Ице Котески од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на дејствијата на Педагошкиот факултет во Битола во текот на одлучувањето, распишувањето и спроведувањето на Конкурсот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, дејствијата и активностите на Педагошкиот факултет во Битола за спроведување на Конкурсот биле во спротивност со повеќе одредби од Законот за високото образование и со Правилникот за единствените критериуми и постапката за избор во наставно-научни, наставни, наставно-стручни и соработнички звања, донесен од Универзитетот “Св. Климент Охридски” – Битола, па со оглед на тоа што прописите неправилно се применувале и извршувале, произлегувало дека Факултетот постапувал спротивно и на Уставот на Република Македонија.
Посебно со иницијативата се наведува дека Факултетот постапил незаконито кога избрал рецензиона комисија за оценка на пријавените кандидати за давање предлог за избор во звање на еден од кандидатите на Конкурсот, бидејќи ова тело не било формирано во соодветен стручен состав согласно членот 140 став 3 од Законот за високото образование, и поради тоа комисијата не можела стручно и компетентно да работи. Исто така, Конкурост не бил навремено распишан во смисла на членот 77 став 1 точка 5 и членот 143 став 1 од Законот, односно тој требало да се распише на 1 април 2003 година. Ова поради тоа што со навременото распишување на Конкурсот во случајов ќе се обезбедело, пред истекот на рокот од 6 месеци (предвиден со Законот) од исполнувањето на условите за пензија на дотогашниот професор по предметите “основи на музичка култура со методика и основи на музичко воспитание со методика” да се избере нов наставен кадар на факултетот, кој навремено би започнал со предавањата, а кои се уште не се реализирале бидејќи немало избран наставник по овие предмети.
3. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите. Според наведената уставна норма, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи и да ги оценува активностите и дејствијата на субјектите во правото за начинот на извршувањето и примената на законите и другите прописи.
Согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, меѓу другото, и ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Од иницијативата јасно произлегува дека подносителот бара Уставниот суд да ја преиспита примената на прописите со кои се уредува изборот на наставници во високообразовните установи конкретно во случајов преку оценка на активностите и дејствијата на Педагошкиот факултет во Битола во спроведувањето на постапката за избор на наставници по објавениот Конкурс од 7 јули 2003 година, за што Судот утврди дека не е надлежен да одлучува.
Врз основа на наведеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.178/2003
3 декември 2003 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова