У.бр.178/2002

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 јануари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Упатство за обрасците во управната постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.32/78).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.
Во иницијативата се наведува дека со решение У.бр.18/98 од 03.07.2002 година Уставниот суд на Република Македонија повел постапка за оценување уставноста на Законот за општата управна постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.32/78). членот 297 став 3 од овој закон претставувал основ за донесување на оспореното Упатство. Со оглед дека Судот го донел наведеното решение, иницијаторот смета дека оспорениот акт повеќе не може да егзистира во правниот поредок бидејќи не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 95 став 3 и 96 од Уставот на Република Македонија и Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000).
3. Судот на седницата утврди дека Упатството за обрасците во управната постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.14/81) е донесено од страна на тогашниот републички секретар за законодавство и организација врз основа на членот 297 став 3 од Законот за општата управна постапка (“Службен лист на СФРЈ” бр.32/78) и членот 10 од Законот за решавање на судирот на надлежности, за изземањето на службените лица и органите надлежни за решавање по жалба во управаната постапка (“Службен весник на СРМ” бр.22/78).
Упатството е составено од еден член со седум става. Во првиот став е наведено дека, за одделни дејства во управната постапка, согласно со Законот за општата управна постапка (ЗОУП) се пропишуваат обрасците подетално наведени во 34 точки во продолжението на одредбата. Така на пример :
– точката 1), се однесува на овластувањето на службеното лице за решавање на одделни управни работи, со означување на членот 35 став 3 од ЗОУП, како правен основ за овој образец и ознаката на овој образец како ОУП-1;
– точката 4), се однесува на објава за прием на поднесоци, со означување на членот 65 од ЗОУП, како правен основ за овој образец и ознаката на овој образец како ОУП – 4;
– точката 9), се однесува на покана за странка, со означување на членот 71 од ЗОУП, како правен основ за овој образец и ознаката на овој образец како ОУП-9;
– точката 20), се однесува на доставницата, со означува-е на членот 97 до ЗОУП, како правен о снов и ознаката на овој образец како ОУП – 20 и така натаму.
Во ставот 2 е опеределено дека обрасците од точките 1 до 34 и објаснувањата што се отпечатени кон ова упатство се негов составен дел. Понатамошните ставови се однесуваат на начинот на пополнување на обрасците и кој се ги користи овие обрасци. Потоа е содржана одредба за користење на претходно отпечатените обрасци најдоцна до 31.12. 1981 година и во последниот став е определено дека Упатството влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во ” Службениот весник на Социјалистичка Република Македонија”.
Во натамошниот текст на Упатството следуваат обрасците според точките од ставот 1.
4. Во член 110 од Уставот на Република Македонија е определена надлежноста на Уставниот суд. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.
Тргнувајќи од анализата на одредбите на оспореното Упатство, Судот заклучи дека истото содржи исклучиво технички норми за формата на обрасците во управната постапка, начинот на нивното пополнување и набројување на органите што ги користат овие обрасци и по својата функција упатството служи за извршување на одредбите од Законот за општата управна постапка, преку унифицирањето на обрасците што се користат во оваа постапка. За ваков вид на акти што по својата правна природа не регулираат односи помеѓу субјектите, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

5. Од изнесените причини Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од Претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.178/2002
29 јануари 2002 год.
С к о п ј е
ла

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов