177/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 ноември 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/2000).

2. Трајко Јовев од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената законска одредба биле изменети формулациите на ставовите 1 и 2 од членот 48 од Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/1998), со што се давала можност на мнозинскиот број сопственици на становите, по пат на надгласување на останатите сопственици на становите во зградата, да остваруваат права во делот на заедничките простории и деловите во станбената зграда што служат на зградата во целина.

Со ваквата законска определба спротивно на членот 30 од Уставот, се нарушувало правото на сопственост на помалиот број сопственици, кои имале еднакво право на сопственост како и мнозинскиот број сопственици.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување, во ставот 1 и 2 од членот 48 од Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.21/1998), зборот “сопствениците” се заменува со зборовите “мнозинството сопственици”.

Со овие измени, одредбите од ставот 1 и 2 од членот 48 од Законот предвидуваат дека поправките и преправките на заедничките простории и делови во станбената зграда што служат на зградата како целина, како и преправките на зградата, се вршат врз основа на согласност на мнозинството сопственици на сите станови на зградата, односно на влезот на зградата.

Ако мнозинството сопственици на станбената зграда не се согласат по предлог на заинтересираниот сопственик, за поправките и преправките, на заедничките простории и делови во станбената зграда што служат на зградата како целина, како и преправките на зградата, ќе одлучи надлежниот суд во вонпроцесна постапка.

4. Разгледувајќи ја иницијативата Судот утврди дека со Решение У.бр.197/2001 од 13 февруари 2002 година не повел постапка за оценување на уставноста на одредбата од членот 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за домување (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/2000).

Ова затоа што со оспорената законска одредба не се повредува сопственоста и правата што произлегуваат од неа бидејќи станува збор за етажни сопственици врз заеднички простории кои и служат на зградата како целина, за што важи принципот на мнозинско одлучување.

Согласно членот 28 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а не постојат основи за поинакво одучување.

Со иницијативата се оспорува одредбата од Законот од истите причини кои веќе биле ценети со наведеното решение на Судот. Со оглед на тоа што Судот не повел постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот, а нема основи за поинакво одлучување по однос на наводите во оваа иницијатива, согласно членот 28 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.177/2004
17 ноември 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова