176/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 декември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 1 во делот „правата и обврските на работодавецот и невработеното односно вработеното инвалидно лице“, член 15, член 16, член 17, член 18 став 2, член 21, член 22 и член 23 од Правилникот за работно оспособување на инвалидни лица, донесен од Управниот одбор на Агенцијата за вработување во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.54/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите означени во точката 1 од ова решение од Правилникот за работно оспособување на инвалидни лица.

Според наводите на подносителот на иницијативата наведените одредби од Правилникот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51 и член 96 од Уставот на Република Македонија, член 12 став 4 од Законот за вработување на инвалидни лица и членовите 56 став 1 и 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, затоа што со актите што ги донесува Управниот одбор на Агенцијата за вработување не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Во член 12 став 4 од Законот за вработување на инвалидни лица предвидено е дека работното оспособување може да се врши кај работодавецот и кај други работодавци според посебна програма под услови и на начин утврдени со акт на Заводот. Меѓутоа, Управниот одбор на Агенцијата за вработување во Република Македонија ги надминал и овие законски овластувања кога на своја рака изворно ги утврдил правата и обврските на работодавците и невработените односно вработените лица.

3. Судот на седницата утврди дека Во член 1 од Правилникот за работно оспособување на инвалидни лица е предвидено дека со овој правилник се уредуваат: начинот и условите за работно оспособување на невработено инвалидно лице заради вработување и работно оспособување на вработеното инвалидно лице за практична работа за определени работи согласно потребите на работодавецот и инвалидното лице, правата и обврските на работодавецот и невработеното односно вработеното инвалидно лице (оспорен дел), изборот на невработеното инвалидно лице за работно оспособување, верификација на работната оспособеност на инвалидното лице, евиденцијата за работно оспособување и други прашања од значење за работното оспособување.

Во оспорениот член 15 од Правилникот е предвидено дека работодавецот чие барање за доделување на средства од посебниот фонд за работно оспособување е решено негативно, нема право да поднесе барање за работно оспособување на инвалидни лица пред истекот на една година сметано од денот на одбивањето на барањето.

Во оспорениот член 16 од Правилникот е предвидено дека Центарот за вработување склучува договор со секое инвалидно лице вклучено во Програмата за работно оспособување, со кој поблиску се регулираат правата и обврските од работното оспособување.

Средствата кои се доделуваат за работно оспособување на невработеното инвалидно лице изнесуваат:

– за секое невработено инвалидно лице, парична помош во месечен износ од 5000,00 денари.
– за реализација на Програмата за работно оспособување кај работодавецот, како надомест на трошоци за група од 1 до 5 лица – средства во месечен износ од 10.000 денари, од 6 до 10 лица – средства во месечен износ од 20.000 денари и над 10 лица средства во месечен износ од 30.000 денари.

Средствата кои се доделуваат за работно оспособување на вработено инвалидно лице изнесуваат: за секое вработено инвалидно лице парична помош во месечен износ од 3000,00 денари, за реализација на Програмата за работно оспособување кај работодавецот, како надомест на трошоци за група од 1 до 5 лица средства во месечен износ од 8000,00 денари, од 6 до 10 лица средства во месечен износ од 16.000 денари и над 10 лица средства во месечен износ од 24.000 денари.

Средствата од став 1 алинеја 1 и од став 2 алинеја 1 од овој член, Центарот за вработување врз основа на договор ги исплаќа на инвалидните лица, а средствата од став 1 алинеја 2 и став 2 алинеја 2 од овој член Центарот за вработување врз основа на договор ги исплаќа на жиро-сметка на работодавецот за чии потреби се врши работното оспособување на инвалидни лица, односно на работдавецот кај кого работното оспособување ќе се изведува.

Во оспорениот став 2 на член 18 од Правилникот е предвидено дека работодавецот е должен до Центарот за вработување месечно да доставува известување за редовноста на секое инвалидно лице кое работно се оспособува.

Во оспорениот член 21 од Правилникот е предвидено дека работодавецот со невработеното инвалидно лице кое работно се оспособило е должен да заснова работен однос на неопределено време веднаш, а најдоцна 8 дена по завршување на работното оспособување.

Ако работодавецот од неоправдани причини го прекине работното оспособување пред неговото завршување должен е на Центарот за вработување да му ги надомести средствата во рок од 8 дена од денот на прекинот на работното оспособување со законска затезна камата.

Работодавецот е должен да ги врати примените средства за инвалидно лице со кое по успешното завршување на работното оспособување не заснова односно засновал работен однос на неопределено време, а на кое му престанал работниот однос не по вина на инвалидното лице, пред истекот на една година од денот на засновањето на работниот однос.

По засновањето на работниот однос, работодавецот не може да го намали бројот на вработените инвалидни лица на неопределено време во рок од една година, освен во случаите кога работниот однос престанува по сила на закон или во случај на смрт.

Работодавецот е должен да ги врати примените средства за вработените инвалидни лица кои работно се оспособени ако им престане работниот однос пред истекот на една година од денот на засновање на работниот однос, освен по сила на закон или во случај на смрт.

Во оспорениот член 22 од Правилникот е предвидено дека инвалидното лице кое по своја вина или волја ќе го прекине работното оспособување должно е на Центарот за вработување да му ги надомести средствата во рок од 8 дена од денот на прекинот на работното оспособување со законска затезна камата и истото се брише од евиденција на невработени лица и може повторно да се пријави по истекот на една година.

Инвалидното лице кое со успех ќе го заврши работното оспособување и заснова работен однос на неопределено време и доколку во рок од една година од денот на засновањето на работниот однос му престане истиот, по негова волја или вина должен е на Центарот за вработување да му ги надомести средствата заедно со законски затезна камата.

Во оспорениот член 23 од Правилникот е предвидено дека барателот на средствата од Посебниот фонд за работно оспособување на кого му се дадени средствата, повторно може да поднесе барање за доделување на средства по истекот на една година од денот на вработувањето на инвалидното лице кое било упатено на работно оспособување, освен за работно оспособување на веќе вработени инвалидни лица.

4. Според член 34 од Уставот граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според став 2 на наведениот член од Уставот, Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани.

Според став 3 од наведениот член Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Во насока на операционализација на наведените уставни одредби, покрај другите донесени се Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и Законот за вработување на инвалидни лица.

Со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003 и 37/2004) се уредуваат прашања на размена на трудот, правата и обврските на работодавецот, невработени лица и државата во врска со вработување и осигурување во случај на невработеност и други прашања од значење за вработувањето.

Во член 3 од Законот покрај другите основни задачи на размена на трудот е и обезбедување на посебни услови за вработување на невработените инвалидни лица.

Според членовите 4 и 5 од наведениот закон стручните организациски, административни и други работи што се однесуваат на вработувањето и осигурувањето ги врши Агенцијата за вработување како јавна установа која врши дејност од јавен интерес.

Според член 15 став 1 од наведениот закон со обука, преквалификација или доквалификација се овозможува стекнување и дополнување на знаењето на невработеното и други лица заради вработување. Обуката, преквалификација или доквалификација се организира и врши во Агенцијата, односно работодавецот, според посебни програми, под услови и на начин утврдени со актот на Агенцијата.

Според член 89 од Законот со Агенцијата за вработување управува Управниот одбор кој е составен од девет члена од редот на стручни лица со познавање или искуство од областа на вработувањето од кои пет претставници именува Владата на Република Македонија, а по два претставника се именуваат од организацијата на работодавецот и организацијата на мнозинскиот синдикат за време од четири години со право на повторен избор.

Според член 90, пак, од Законот, Управниот одбор покрај другото, донесува статут и други акти, управува со средства на Агенцијата, одлучува за користење на средства на Агенцијата, одлучува и за други работи утврдени со Закон и Статут на Агенцијата.

Од наведеното произлегува дека Агенцијата за вработување е јавна установа која врши дејност од јавен интерес и со неа управува Управен одбор како колективно тело на управување со точно утврдени надлежности меѓу кои тој е овластен да донесува акти, а кои се однесуваат на операционализација на правото на инвалидите утврдени со закон.

Оттука, Судот смета дека не се основани наводите во иницијативата дека Управниот одбор не е овластен да донесува прописи за извршување на законот и дека такво овластување има само Агенцијата, затоа што Управниот одбор е тело кое управува со Агенцијата и таа може да ги врши своите надлежности, само преку органите на управување и раководење.

5. Со Законот за вработување на инвалидни лица („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/2000, 16/2004, 62/2005 и 113/2005) се уредуваат посебни услови за вработување и работење на инвалидни лица: кога самостојно вршат дејност како трговец поединец кај работодавец или има својство на работодавец во државната администрација, единицата на локалната самоуправа, јавните претпријатија, установите, агенциите и фондовите и други државни институции како и условите за основање и погодностите за работење на трговските друштва за вработување на инвалидни лица – заштитни друштва.

Од анализата на содржината на членовите 4, 6, 12, 12а и 15 од Законот произлегува дека законодавецот утврдил општи рамки, а кои се однесуваат на правата на инвалидните лица работно да се оспособуваат, а кои се евиденитрани во Агенцијата за вработување, дека овие лица ги упатува Агенцијата за вработување кај работодавецот, дека во Агенцијата за вработување со закон е основан посебен фонд од чии средства 10% се исклучиво наменети за финансирање на подобрувањето на условите и работењето на инвалидни лица и адаптација на работните места при што Агенцијата со корисникот на средствата склучува договор за користење на средствата.

Со Правилникот за работно оспособување на инвалидни лица се уредува работното оспособување на инвалидното лице за практична работа за определени работи согласно потребите на работодавецот и инвалидното лице; кои инвалидни лица се упатуваат на работно оспособување; кој ги упатува овие лица; кој врши оценка на работната способност заради добивање на наод, оценка и мислење за работна способност за работното место за кое се оспособува лицето.

Во членовите 6 и 7 од Правилникот е утврдено кој поднесува барање за оспособување на вработено односно невработено инвалидно лице како и тоа кои документи се потребни да бидат доставени кон барањето за работно оспособување.

Во членовите 8, 9, 10 и 11 од Правилникот е утврдено дека работното оспособување се врши врз основа на програма (теоретски и практичен дел) изработена од работодавецот во соработка со Центарот за вработување и времетраење на работното оспособување кое не може да биде пократко од 1 ниту подолго од 3 месеци.

Центарот за вработување по поднесеното барање за работно оспособување врши увид кај работодавецот кој искажал потреба за работно оспособување на инвалидно лице односно кај друг работодавец, каде се врши работното оспособување, како и доставување на мислење до Агенцијата за вработување, а Управниот одбор одлучува за доделување на средства од Посебниот фонд за реализација на програмата за работно оспособување со донесување на решение.

Во членот 13 од Правилникот е предвидено дека за изведување на работно оспособување на инвалидни лица врз основа на решение на Управниот одбор се склучува договор помеѓу Центарот за вработување и работодавецот кој искажал потреба за работно оспособување, а ако работното оспособување се врши кај друг работодавец учесник во договорот е и работодавецот кај кого работното оспособување ќе се изведува.

Во член 14 од Правилникот се утврдени елементите на договорот од член 13, а кои се однесуваат на: опис на работата, оспособување услови под кои ќе се изведува работата, оспособувањето, бројот на инвалидни лица кои работно ќе се оспособуваат, времетраењето на работното оспособување, лица обучувачи кои ќе го спроведуваат оспособувањето, трошоци за реализирање на работното оспособување, засновање на работен однос на неопределено време со работно оспособените инвалидни лица и други меѓусебни права и обврски.

Понатаму, во оспорените членови е утврдена висината на средствата што од Посебниот фонд се доделуваат за работно оспособување на невработено односно вработеното инвалидно лице, рок во кој работодавецот не може да поднесе барање за доделување на средства за работно оспособувње, склучување на посебни договори на Центарот со секое инвалидно лице вклучено во програмата за работно оспособување, обврска на работодавецот да ги врати примените средства на лицата кои успешно го завршиле работното оспособување, а не ги вработил како и обврската на инвалидното лице кое по своја вина ќе го прекине работното оспособување да ги врати средствата.

6. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото и поделбата на власта на законодавна, извршна и судска.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамки на Уставот и законите.

Во членот 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000 и 44/2002), министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон.

Во членот 56 став 1 од овој закон е предвидено дека со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби наспрема целината на Правилникот и неговите оспорени одредби сметаме дека не се основани наводите во иницијативата дека со оспорените одредби од Правилникот се уредуваат права и обврски за граѓанинот и со тоа се доведува во прашање начелото на поделба на власта и други одредби од Уставот и законите. Ова затоа што правата на инвалидните лица работно да се оспособуваат и правата на работодавецот да бара оспособување на инвалидни лица кои се вработени кај него е утврдено со Законот за инвалидни лица. Од друга страна, ова право инвалидните лица односно работодавците да можат да го остварат, односно да ги користат средства за работно оспособување на инвалидни лица строго наменски со оглед на фактот што средствата се обезбедуваат од Посебниот фонд основан точно за оваа намена за што овие субјекти склучуваат посебни договори.

Оттука, според мислењето на Судот со оспорените одредби иако навидум може да се добие впечаток дека се утврдуваат права и обврски за инвалидните лица и работодавците ако ти се гледаат изолирано од целината на Законот за инвалидни лица, во суштина се врши операционализација на законските норми за остварување на правото на инвалидните лица работно да се оспособат. Имено, со нив се доуредува начинот на остварување на со закон утврденото право за што впрочем согласно член 15 од Законот за инвалидните лица, лицата кои го остваруваат ова право и ги користат средствата од Посебниот фонд склучуваат договор со Агенцијата, или поточно речено со оспорените одредби во суштина се разработуваат елементите од договорот склучен меѓу Агенцијата за вработување, инвалидното лице и работодавецот кој има потреба од работно оспособување на инвалидно лице или работодавец кај кого се врши работното оспособување на инвалидното лице, поради што не може да се постави прашањето за нивната согласност со уставните и законските одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.176/2006
6 декември 2006 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи