176/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 30 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Програмата за уредување на градежното земјиште во делот “објекти од времен карактер”, донесена од Собранието на Општина Титов Велес на 22 декември 1995 година (“Службен гласник на Општина Титов Велес” бр.2/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Панче Жежовски од Титов Велес му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на делот “објекти од времен карактер” од Програмата означена во точката 1 од ова решение затоа што во тој дел од Програмата било предвидено корисниците на времените објекти (времено користење на градежно земјиште под закуп) според утврдените зони да плаќаат многу висока закупнина по м2, без да бидат утврдени критериуми на кој начин ќе се утврдува закупнината. Исто така, се наведува дека граѓаните кои користеле под закуп градежно земјиште биле ставени во понеповолна положба од граѓаните на кои им се доделува градежно земјиште на трајно користење, затоа што овие граѓани плаќале многу пониска цена, што не било во согласност со Уставот и со закон.

3. На седницата Судот утврди дека Програмата за уредување на градежно земјиште за 1996 година на подрачјето на Општината Титов Велес содржи: простор кој ќе се уредува во текот на 1996 година, извори на средства, пресметка на трошоци и начинот на доделувањето на градежното земјиште. Во оспорениот дел од Програмата – објекти од времен карактер е определено дека корисниците на времени објекти ќе плаќаат закупнина по м2 за користење на градежното земјиште во 3 зони и се определени пресметковни бодови врз основа на кои ќе се врши пресметката на закупнината. Потоа, утврдена е закупнината на корисниците на подвижните објекти како што се тезги, циркуси, луна паркови, тротоари и др., како и ослободувањето од плаќање закупнина на определени објекти од времен карактер. На крајот, се предвидува дека за користење на земјиштето заради поставување на објекти од времен карактер ќе се склучува договор помеѓу давателот на корисникот на земјиштето, а закупнината ќе се плаќа на жиро сметка на Фондот за уредување на градежното земјиште.

4. Според член 26 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96) неизградено градежно земјиште предвидено со урбанистички план за определена намена, може привремено, но не подолго од две години да се користи до реализација на планот, под услови и на начин определен со пропис.

Согласно член 29 од Законот за просторното и урбанистичко планирање градежното земјиште се доделува со јавно наддавање и спогодба. Кога градежното земјиште се доделува со јавно наддавање почетната цена на земјиштето претставува цената утврдена со програмата за уредување на градежното земјиште која не може да биде пониска од пазарната цена, а кога земјиштето се доделува врз основа на спогодба се плаќа надоместок. Надоместокот се утврдува со програма за уредување на градежно земјиште. Средствата што се остваруваат од доделеното градежно земјиште се приход на општината и градот Скопје, а се користат за надоместување на трошоците на уредувањето на градежното земјиште.

Согласно член 39 став 1 од Законот за градежното земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 37/80, 18/89 и 21/91) уредувањето на градежното земјиште се врши врз основа на програма, а според став 2 на овој член од Законот програмата од став 1 на овој член ја донесува собранието на општината врз основа на урбанистичкиот план, а по претходна согласност на републичкиот орган на управата надлежен за работите на урбанизмот. Согласно член 40-а од Законот, програмата за уредување на градежното земјиште особено ги содржи следниве елементи; подрачјето со поблиско определување на земјиште што се уредува; обемот на уредувањето и степенот на определувањето со комунални објекти и инсталации, пресметка на трошоците за уредувањето, извори на финансирањето на уредувањето, начинот на здружување и насочување на средства за уредувањето и динамика на извршувањето на програмата.

Од наведените одредби од законот произлегува дека градежното земиште може да се доделува и на времено користење и дека собранието на општината е овластено со програма да го уреди прашањето за утврдување на надоместокот на доделувањето според степенот на уреденоста на тоа земјиште со комунални објекти, инсталации и инфраструктура.

Со оглед на тоа што со оспорениот дел од програмата е утврден надоместокот на закупнината за доделеното градежно земјиште за поставување на објекти од времен карактер по м2 според степенот на опременоста на тоа земјиште со комунални објекти и инсталации во три зони, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со закон.

Дали, пак, Собранието на Општината Титов Велес утврдило превисока цена на закупнината е прашање за кое Судот согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува. Исто така, во врска со наводот во иницијативата дека граѓаните на кои им се доделува градежното земјиште на времено користење плаќале повисока цена од граѓаните на кои им се доделува градежно земјиште на трајно користење Судот смета дека не се повредува уставното начело на еднаквоста затоа што во случајот се работи за два различни института – институт на закупнина за доделување на градежно земјиште под закуп и за институт – трајно доделување на градежно земјиште. Поради тоа и утврдената цена е различна, во првиот случај се работи за утврдување на цената на градежно земјиште по м2 корисна површина, а при доделување на земјиштето на трајно користење цената зависи и од видот на објектот кој се гради.

Поради тоа, Судот оцени дека и од аспект на начелото на еднаквост не може да се постави прашањето за согласноста на делот од програмата “објекти од времен карактер” со Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.176/96)