У.бр.175/1999

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 ноември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 16 став 3 од Законот за изменување и
дополнување на Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.55/95), во делот што гласи: “помножена со просечниот коефициент на сложеност на трудот во организацијата и со бројот на работниците вработени во организацијата”.

2. Претпријатието за внатрешен и надворешен промет на стоки и услуги на големо и мало “ДАМС” д.о.о. – Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата согласно членот 16 став 1 и 3 од означениот закон секој граѓанин плаќал придонес за здравствено осигурување во висина 8,6% од бруто плата, но најмалку во висина на најниската плата утврдена со колективен договор, меѓутоа со тоа не стекнувал право на никаква здравствена заштита без да изврши доплата на придонесот пресметан на начин предвиден во делот на оспорената одредба од ставот 3 на член 16 од Законот, односно пресметувањето на основицата за здравствено осигурување да се утврдува најмалку во висина на најниската плата утврдена со колективниот договор со додатно помножување на просечниот коефициент на сложеност на трудот во организацијата и со бројот на работниците вработени во организацијата, со што биле повредени граѓанските права утврдени во член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Правото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и Законот било повредено и затоа што со ваквиот начин на пресметување на придонесот граѓаните не можеле под еднакви услови да го остварат своето уставно право на здравствена заштита, утврдено во член 39 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според ставот 3 на член 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита, основица за пресметување на придонесот од ставовите 1 и 2 на овој член, се утврдува најмалку во висина на најниската плата по работник утврдена со колективен договор помножена со просечниот коефициент на сложеност на трудот во организацијата и со бројот на работниците вработени во организацијата.

Судот, исто така, утврди дека Уставниот суд на Република Македонија одлучувал по прашањето за пресметување на придонесот за здравствено осигурување со примена на оспорениот критериум и со Решение У.бр.68/95 и 69/95 од 5 април 1995 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 65 став 3 од Законот за здравствена заштита, всушност на одредбата од член 16 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствена заштита. При тоа Судот оценил дека не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената одредба затоа што правото на здравствено осигурувае на граѓаните, како составен дел на социјалното осигурување, се остварува под услови и на начин и постапка утврдена со закон и колективен договор и во тие рамки утврдување на основицата за пресметување на придонесите за здравствено осигурување претставува елемент од со Уставот утврденото овластување со закон да се утврдат условите и начинот на остварувањето на правото на граѓаните на социјално осигурување. Во оваа смисла со Законот е утврден минимум придонес што се плаќа заради остварување на оваа заштита и подеднакво се однесува на сите категории осигуреници. При тоа Законот утврдил еднаква мера за утврдување висината на тие придонеси со тоа што висината на таа основица (повторно како еднаква мера за сите) е врзана за сложеноста на трудот – минимум на основица која не може да биде помала од најниската цена на работната сила, како елементарен услов за обезбедување права од здравственото осигурување.

4. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Уставниот суд на Република Македонија за истата работа веќе одлучувал, а не најде основи за поинакво одлучување по оваа иницијатива одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.175/99
17 ноември 1999 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков