175/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 30 октомври 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување законитоста на

а) Одлуката за продажба на дел од деловниот простор, заедно со Програмата за продажба, како нејзин составен дел, донесена од Собранието на “ГТЦ” АД – Скопје на 19.06.1997 година и

б) Општите услови за продажба на дел од деловниот простор на “ГТЦ” АД Скопје, донесени од Собранието на акционерското друштво на 19.06.1997 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Советот на акционери и закупувачи на “ГТЦ” АД Скопје, застапуван од Петар Лаиновиќ, адвокат од Скопје и Боби Спирковски, адвокат од Скопје, како полномошник на Град Скопје, му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение, затоа што со нив се пропишувале поинакви услови за продажба на деловниот простор на Република Македонија од оние предвидени во Законот за продажба на деловните згради и деловните простории на Република Македонија, а “ГТЦ” е имот на Република Македонија, за што Акционерското друштво ниту имало овластување, а и пропишаните услови не биле во согласност со Законот.

3. На седницата Уставниот суд на Република Македонија утврди дека оспорените акти не претставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот, туку деловни акти на еден самостоен регистриран субјект Акционерското друштво насочени кон продажба на негов регистриран имот односно имот на акционерите. Според овој член од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија е надлежен да ја оценува уставноста на законите и уставноста и законитоста на другите прописи, колективните договори и програмите и статутите на политичките партии и здруженија на граѓаните, но не и актите на деловни и други субјекти што тие ги донесуваат во нивното работење.

Врз основа на тоа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

4. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.175/97)