174/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 24 и 25 од Законот за ловството (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/96).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Александар Ралиќ од Куманово му поднесе иницијатива за оценување уставноста на членовите 24 и 25 од Законот за ловството, затоа што со член 24 од Законот се ограничувала примената на хемиско-заштитните средства на растенијата, со што било ограничено и целосното користење на земјоделскато земјиште, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија, што член 25 од Законот во припремата на теренот создавал тешкотии затоа што со отстранувањето на стрништето биле неопходни додатни трошоци околу изнесувањето на сламата, пласман на сламата, додатни врзувања на балите и сл.

Исто така, во иницијативата се наведува дека забраната на палењето на стрништето и плевелот не треба да се пропишува во Законот за ловството, туку во Законот за искористување на земјоделското земјиште и дека во Република Македонија со оглед на тоа што сеуште нема одредено ловишта согласно член 30 од Законот, востановените казнени одредби неможеле да се применуваат.

3. На седницата Судот утврди дека со Законот за ловството (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/96) се уредува одгледувањето, размножувањето, заштитата , ловењето и користењето на дивечот (ловство). Согласно член 3 од Законот, дивечот е во државна сопственост и како добро од општ интерес ужива посебна заштита. Во оспорениот член 24 од Законот е предвидено правните или физичките лица кои употребуваат средства за заштита на растенијата или други хемиски средства, се должни да го известат корисникот на дивечот во ловиштето, најмалку 48 часа пред употребата со укажување за последиците согласно со упатството за употреба на препаратот, а согласно член 25 од Законот забрането е палење на стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиштето. Во член 30 е предвидено ловиштето да го установува Владата на Република Македонија во согласност со Просторниот план на Републиката , а во членовите 77-80 се предвидени казнени одредби за корисникот на дивечот или други правни и физички лица. Во преодните и завршните одредби на Законот (член 84) е предвидено договорите склучени за стопанисување со ловиштата врз основа на Законот за ловот (“Сл.весник на РМ” бр.43/88, 18/89, 27/90, 83/93 остануваат во сила до установувањето на ловиштата според одредбите на овој закон.

4. Согласно член 56 став 1 од Уставот на Република Македонија сите природни богатства, растителниот и животинскиот свет добрата во општа употреба како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес и уживаат посебна заштита.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека и животинскиот свет како добро од општ интерес ужива посебна заштита.

За таа цел, Законот, пропишувајќи обврска за правните и физичките лица кои употребуваат средства за заштита на растенијата задолжително да го известат корисникот на ловиштето најмалку 48 часа пред да се употреби средството за последиците кои можат да настанат согласно упатството пропишано за употреба на тие средства, Судот смета дека со тоа не им се ограничува правото на сопствениците на земјоделското земјиште на непречено користење туку со самото известување во рокот определен со законот се задолжува корисникот на ловиштето да преземе соодветни мерки да го заштити или отстрани дивечот од местото каде што може да дојде во контакт со хемиски средства кои можат да бидат штетни. Исто така, Судот смета дека пропишувањето забрана за палење на стрништата и плевелот во ловиштето преставува превентивна мерка со цел да се спречи уништување на дивечот и неговиот подмладок, да се заштитат сите микроорганизми на површината на земјата и да се спречат шумски пожари.

Со оглед на тоа што Законот во членовите 24 и 25 утврдил заштитни мерки за дивечот во ловиштето кое како добро од општ интерес за Републиката подлежи на таква заштита, Судот смета дека не може да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

Во врска со наводите во иницијативата дека примената на член 25 создава обврски на сопствениците на земјоделското земјиште и дека на таа одредба не и е место во Законот за ловството, се прашања за кои, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Судот не е надлежен да одлучува. Што се однесува до наводот во иницијативата дека не биле востановени ловишата па казнените одредби неможеле да се применуваат е неоснован, затоа што во преодните и завршните одредби од Законот се предвидува постојните ловишта да се користат до востановувањето на ловиштата согласно новиот закон. Според тоа и казнените одредби од членовите 77-80 можат да се применуваат.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.174/96)