У.бр.173/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 16 јануари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 2 став 5 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 и 150/2010) и член 55 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006, 51/2011).

2. Игорчо Точев од Кочани на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе две иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 на ова решение.

Според наводите во првата иницијатива, оспорената одредба од членот 2 став 5 од Законот за управните спорови и членот 34-а алинеја 2 од Законот за судовите, определувале идентични надлежности на два суда – Управниот суд и Вишиот управен суд да одлучуваат за судир на надлежност. Со тоа било повредено начелото на владеењето на правото и била доведена во прашање правната сигурност, бидејќи во практиката можело да се случи два различни органи, пред двата суда да бараат определување на надлежност во управен спор. Со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на одредбата од членот 2 став 5 од Законот за управните спорови и истата да ја укине.

Со втората иницијатива подносителот ја оспорува уставноста на член 55 од Законот за прекршоците. За подносителот е нејасно зошто законодавецот пропишал надлежност на Управниот суд со оваа оспорена одредба во Законот за прекршоците, во ситуација кога постои посебен пропис – Законот за управните спорови кој ја пропишувал надлежноста на Управниот суд и кој би требало да ја содржи пропишаната надлежност на Управниот суд за одлучување за судир на надлежност меѓу судовите и прекршочните органи. Од тие причини, одредбата била спротивна на Уставот, поради што се предлага истата да се укине.

3. Судот на седницата утврди дека според член 2 став 5 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 и 150/2010), во управен спор се одлучува за судир на надлежностите меѓу органите на Републиката, општините и градот Скопје, меѓу општините и градот Скопје и по споровите настанати за судир на надлежностите меѓу општините и градот Скопје и носителите на јавните овластувања, ако тоа е предвидено со закон, доколку со Уставот или законите не е предвидена поинаква судска заштита.

Судот на седницата, исто така утврди дека според оспорениот член 55 од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2006, 51/2011), за судир на надлежност меѓу судовите и прекршочните органи одлучува судот надлежен за одлучување по управен спор.

4. Спoред членот 8 став 1 алинејата 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Амандманот XXV со кој е заменет член 98 од Уставот, определува дека судовите се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според член 1 од Законот за управните спорови (“Службен весник на Република Македонија”, број 62/2006 и 150/2010), заради обезбедување судска заштита на правата и правните интереси на физичките и правните лица и заради обезбедувањето на законитоста, судот во управни спорови одлучува за законитоста на актите на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога решаваат за правата и обврските во поединечни управни работи, како и за актите на тие органи донесени во прекршочна постапка.

Во членот 2 од Законот за управните спорови е определен предметот на управниот спор.

Во ставот 1 на оваа одредба е пропишано дека во управен спор се одлучува за законитоста на поединечните акти донесени во изборната постапка и на поединечните акти за избори, именувања и разрешувања на носители на јавни функции, ако тоа е определено со закон, како и за актите за именување, назначување и разрешување на раководни државни службеници, ако поинаку не е определено со закон. Во случаите од ставот 1 на овој член кога се работи за спорови од изборната постапка ќе се применуваат одредбите од Изборниот законик (став 2). Според став 3 на истиот член, во управен спор се решава и одлучува за спор што ќе произлезе од спроведувањето и извршувањето на одредбите на концесиските договори, договорите за јавни набавки, кои се од јавен интерес и за секој договор во кој една од страните е државен орган, организација со јавни овластувања, јавно претпријатие, општините и градот Скопје, склучен од јавен интерес или заради вршење јавна служба (управни договори). Во управен спор се одлучува и против поединечните акти на органите на државната управа, Владата, други државни органи, општините и градот Скопје, организации утврдени со закон и на правни и други лица во вршење на јавни овластувања (носители на јавни овластувања), кога за решавање во втор степен против таквиот акт не е обезбедена друга правна заштита (став 4). Во ставот 5 на овој член кој е оспорен со иницијативата е предвидено дека во управен спор се одлучува и за судир на надлежност меѓу органите на Републиката, општините и градот Скопје, меѓу општините и градот Скопје и по спорови настанати за судир на надлежности меѓу општините и градот Скопје и носителите на јавни овластувања, ако тоа е предвидено со закон, доколку со Уставот или законите не е предвидена поинаква судска заштита.

Според членот 4 од Законот, управните спорови во Република Македонија ги решаваат:
– Управниот суд, како првостепен суд;
– Вишиот управен суд, како второстепен суд и
– Врховниот суд на Република Македонија кој одлучува по вонредни правни средства во случаите кога тоа е уредено со овој закон.

Стварната надлежност на наведените судови во управниот спор е прецизирана во членот 16 од Законот за управните спорови, според кој Управниот суд во управен спор одлучува во прв степен по тужба против управни акти (став 1). Вишиот управен суд одлучува по жалби против одлуките на Управниот суд донесени во прв степен (став 2). Врховниот суд одлучува по вонредни правни средства против одлуките на Вишиот управен суд.

Во согласност со наведениот Амандман XXV на Уставот на Република Македонија, надлежноста на судовите во судскиот систем на Република Македонија е определена со закон – Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 35/2008 и 150/2010).

Во членот 34 од тој закон е определена надлежноста на Управниот суд, додека во членот 34-а е определена надлежноста на Вишиот управен суд, според кој Вишиот управен суд е надлежен:
1) да решава по жалбите против одлуките на Управниот суд;
2) да одлучува за судир на надлежности меѓу органите на Републиката, меѓу општините и градот Скопје, меѓу општините на градот Скопје и по спорoвите настанати за судир на надлежности меѓу општините и градот Скопје и носителите на јавните овластувања, ако тоа е предвидено со закон, доколку со Уставот или законите не е предвидена поинаква судска заштита и
3) да врши други работи определени со закон.

Одредбата од членот 34-а е внесена со Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010) со кој беше основан Вишиот управен суд и со кој беше утврдена надлежноста на овој суд во судскиот систем на Република Македонија. Во функција на оваа новина, во текстот на Законот за судовите беа направени и други измени, како на пример, бришење на алинејата 5 на членот 34 со кој беше утврдена надлежноста на Управниот суд да одлучува за судир на надлежност.

Според мислењето на Судот, од наведените законски одредби јасно произлегува дека во постојната законска регулатива јасно е определено дека само Вишиот управен суд е надлежен суд да за судир на надлежности меѓу органите на Републиката, меѓу општините и градот Скопје, меѓу општините на градот Скопје и по спорoвите настанати за судир на надлежности меѓу општините и градот Скопје и носителите на јавните овластувања, и дека во таа смисла се неосновани наводите на подносителот на иницијативата дека оваа идентична надлежност ја има и Управниот суд.
Според Судот, станува збор за погрешно читање на одредбата од членот 2 став 5 од Законот за управните спорови од страна на подносителот на иницијативата, кој смета дека оспорената одредба од членот 2 став 5 од Законот за управните спорови ја определувала надлежноста на Управниот суд. Од анализата на оваа одредба (посебно од нејзиното јазично толкување и општата формулација што ја употребил законодавецот во сите ставови на членот 2 од Законот за управните спорови дека: „Во управен спор се одлучува…..“, наместо формулацијата од основниот текст на Законот за управните спорови која гласеше: „Во управен спор судот одлучува……“) произлегува дека таа не ја определува надлежноста на Управниот суд, туку го определува предметот на управниот спор, односно пропишува за кои сè прашања може да се одлучува во постапката за управните спорови. Надлежноста на Управниот суд и надлежноста на Вишиот управен суд се предмет на уредување на Законот за судовите, кој согласно уставната одредба од Амандман XXV од Уставот, ја определува, меѓу другото, надлежноста на судовите. При тоа, надлежноста на овие два суда во споменатиот закон е точно определена и разграничена, така што со бришењето на одредбата од членот 34 алинеја 5 од Законот за надлежноста на Управниот суд да одлучува за судир на надлежност и доделувањето на оваа надлежност на новоформираниот Виш управен суд, не постои поклопување на надлежноста на двата суда.

Поради наведеното, Судот оцени дека не постојат основи за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2 став 5 од Законот за управните спорови.

Од истите причини Судот ги оцени како неосновани наводите во втората поднесена иницијатива, во однос на членот 55 од Законот за прекршоците кој определува дека за судир на надлежност меѓу судовите и прекршочните органи одлучува судот надлежен за одлучување по управен спор. И за оваа одредба подносителот погрешно смета дека определува надлежност на Управниот суд за одлучување за судир на надлежност, што не е точно согласно направената анализа на одредбите од двата закони. Според оценката на Судот, оспорената одредба тоа не го уредува, туку само определува дека за овој вид на судир на надлежност (меѓу суд и прекршочен орган) одлучува суд надлежен за управни спорови, без при тоа да определи дека тоа е Управниот суд. Поради наведеното, Судот оцени дека не постојат основи за поведување на постапка за оценување на уставноста ниту на одредбата од член 55 од Законот за прекршоците.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точата 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.173/2012
16 јануари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски