173/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 53 став 1 алинеја 6 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007, 102/2008, 161/2008, 50/2010 и 88/2010).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 53 став 1 алинеја 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Асоцијација „Магна карта“ од Велес, претставувана од Димитар Апасиев и Движење за социјална правда „Ленка“ од Скопје претставувана од Здравко Савевски на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 53 став 1 алинеите 5 и 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативата оспорените алинеи 5 и 6 на член 53 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 8, член 9, член 11, член 32 ставовите 1 и 2, член 34, член 35 став 1, член 51 и член 54 став 1, 2 и 3 од Уставот на Република Македонија.

Ова од причина што со оспорените одредби законодавецот без правни и логички причини категоријата работници на кои работниот однос им престанал по нивна волја или одбиле соодветна понуда за работа, ја изоставил од евиденцијата на невработени лица и ја лишил од правата по основ на привремена невработеност. Со тоа истовремено се воведувала подвоеност помеѓу самите невработени лица во зависност од фактот на кој начин им престанал работниот однос како и причините и околностите во секој конкретен случај за тоа каква е таа понуда за вработување.

Понатаму, според подносителите оспорената одредба од член 53 став 1 алинеја 5 била во противречност со основниот текст на Законот каде е дефинирано што се подразбира под поимот „невработено лице“ при што во дефинирањето на овој поим не е предвиден никаков дополнителен критериум за стекнување на статус на невработено лице.

Исто така, според подносителите, делот од одредбата од член 53 став 1 алинеја 6, на кое работниот однос не му престанал по негова волја била во противречност со членовите 70 и 71 од Законот за работните односи во кои се предвидени случаите на престанок на работниот однос меѓу кои се предвидени и случаи на спогодбено раскинување на договорот и оставка дадена од страна на работникот.

Повикувајќи се на наведените одредби од Законот за работните односи и цитирајќи ги сите случаи на престанок на работниот однос на работникот, подносителите сметаат дека било недопуштено за нешто што на работникот му е признато и загарантирано право паралелно за тоа исти права, дејствие да трпи штетни санкции во праксата. Во најмала рака, неправилно и нелогично било на еден работник кој не земал плата три месеци поради што тој дал отказ да не му се дозволи да се пријави во Агенцијата за вработување само поради фактот што работниот однос му престанал по негова волја на што во суштина тој е присилен. Работниот однос не е доживотен и закрепостен правен однос од кој никогаш не смее да се излезе.

Ова нешто го потврдува и член 32 став 1 од Уставот според кој секој има право на работа и слобода при избор на вработување. Слободата на вработување впрочем и фактички и правно значи лично право на влегување и излегување од конкретен трудово правен (работен) однос.

Се друго, од друга страна директно и грубо го повредува начелото на правна сигурност на граѓаните, како елемент на владеењето на правото кое што во себе го содржи начелото на законитост сватено во формална и материјална смисла.

Ова сето, според подносителите го обврзува законодавецот да формулира прецизни, невосмислени и јасни правни норми, усогласени и со останатите закони во внатрешниот правен поредок.

4. Судот на седницата утврди дека според член 53 став 1 алинеи 5 и 6 од Законот, невработено лице во смисла на овој закон е лице кое не одбило соодветна понуда за вработување и на кое работнииот однос не му престанал по негова волја.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, покрај другите, се и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право.

Според член 4 од Уставот, граѓаните во Република Маккедонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според ставот 2 на овој член секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Според став 5, пак, од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот, меѓу другите основни социјално економски права го утврдил и правото на работа при што определувањето на содржината на ова право е оставено да се уреди со закон и колективни договори.

Правото на работа како основно економско социјално право се манифестира преку правото на пристап до вработување и остварување на ова право по засновање на работен однос.

Оттука, правото на пристап до вработување и осигурување во случај на невработеност е уредено со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, а остварувањето на правата на вработените како договорен однос меѓу работниците и работодавачите се уредува со Законот за работните односи.

Според член 1 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, со овој закон се уредуваат прашањата на размена на трудот, правото и обврските на работодавачите, невработените лица, другите лица кои бараат работа и друштвата во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност и други прашања од значење за вработувањето.

Во членот 1-а од Законот е предвидено дека секој има право на пристап до вработување, без какви било ограничувања, согласно со принципот на еднаков третман утврден во Законот за работните односи и другите закони. Согласно со принципите на еднаков третман забранета е дискриминација при вработување по основ на брачен статус, семеен статус, боја на кожа, пол, јазик, политичко или друго убедување, активност во синдикати, национална припадност, социјален статус, инвалидност, возраст, сопственост, општествен или друг статус.

Согласно член 6 став 1 од Законот за работните односи работодвачот не смее барателот на вработување (кандидат за вработување) или работникот да го става во нееднаква положба заради расата, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба … имотната состојба или заради други лични околности.

Според член 7 став 4 алинеја 1 од Законот, дискриминација во смисла на член 6 од овој Закон, е забранета во однос и на условите за вработување.

Во членот 2 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност е определено значењето на одделни изрази што се користат за потребите на законот. Така, под „соодветно вработување“ е вработување кое ги зема предвид здравствената состојба, квалификациите и професионалните способности на лицето, видот и должината на претходното работно место како и потребните карактеристики и особености на новото работно место.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, одредбите од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и содржината на оспорениот член 53 став 1 алинеја 5, наспрема наводите изнесени во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани.

Имено, според Судот, оспорената одредба треба да се гледа во корелација со одредбите од членот 2 од Законот во кој е утврдено значењето на поимот „соодветно вработување“ под кое се подразбира вработување кое ги зема предвид здравствената состојба, квалификациите и професионалните способности на лицето, видот и должината на претходното работно место како и потребните карактеристики и особености на новото работно место.

Според тоа, предвидениот услов лицето да го задржи и понатаму статусот на невработено лице доколку не одбило соодветна понуда за вработување, при што соодветната понудена работа не ги задоволува критериумите од членот 2 на Законот, односно го губи статусот на невработено лице и покрај фактот што му е понудено соодветно вработување кое ги задоволува критериумите е сосема оправдано, објективно и реално. Ова од причина што целта на законодавецот во конкретниов случај е објективно на невработените лица кои се водат во Агенцијата да им обезбеди вработување, односно со нивна понуда на пазарот на трудот да ги обезбеди и да ги вработи соодветно на нивните квалификации, а не тие да се водат како невработени само како статистички показател.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека со оспорената одредба гледана во целината на Законот, не се доведуваат во прашање уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

6. Имајќи ги предвид наведените уставни одредби како и содржината на оспорениот член 53 став 1 алинеја 6 од Законот, наспрема наводите изнесени во иницијативата, Судот оцени дека истите се основани.

Ова од причина што со оспореното законско решение според кое статус на невработено лице има само лицето на кое работниот однос не му престанал по негова волја, а не и на лицето на кое работниот однос му престанал по негова волја се доведува во прашање правото на работа и слободен избор на вработување утврдено во член 32 од Уставот.

Правото на работа и слободен избор на вработувањето е операционализирано во Законот за работните односи според кој работниот однос е договорен доброволен однос помеѓу работодавачот и работникот, во кој работникот се вклучува во организациониот процес на работа кај работодавач за плата и други примања.

Договорот за вработување како двостран однос може да биде откажан спогодбено, согласно условите и начинот утврдени во Законот, да биде откажан од страна на работодавачот под услови и начин предвидени со Закон и работниот однос може да биде откажан од страна на работникот повторно под услови и начин утврдени со Закон (член 100).

Според наведеното, ако работниот однос може да се откаже спогодбено или по волја на работодавачот па и во такви случаи работникот стекнува статус на невработено лице и се води во Агенцијата за вработување, но доколку работниот однос е откажан по волја на работникот, тој не може да го стекне статусот на невработено лице, односно не може да се пријави во Агенцијата за вработување. Оттаму, основано се поставува прашањето која била целта на законодавецот од една страна да му даде право на работникот да може да го откаже договорот за вработување по негова волја, а од друга страна остварувањето на ова право да претставува пречка тој да стекне статус на невработено лице, односно да се пријави во Агенцијата и во таков случај да ги остварува правата во случај на привремена невработеност, ако исполнува одредени услови.

Оттука, имајќи предвид дека Агенцијата за вработување, покрај другото, води евиденција на работодавачите и нивните потреби од работници и евиденција на невработени лица според нивната квалификација, знаење и искуства со цел преку посредување за вработување на работодавачите да им помогне во пополнување на слободните работни места, а на невработените да им помогне да најдат работа, Судот смета дека со оспорената одредба на извесен начин трпат последици не само лицата кои не можат поради непријавување во Агенцијата да го понудат својот труд на пазарот, туку и работодавачите кои немаат увид односно не се во можност да знаат дека има лица за кои можеби би биле заинтересирани да најдат работа или поточно речено со оспорената одредба на индиректен начин се ограничува правото на движење – флуктуација на работната сила односно се ограничува пазарот на работна сила.

Со оглед на наведеното, пред Судот основано се поставува прашањето за согласноста на одредбата од член 53 став 1 алинеја 6 од Законот со одредбите од Уставот на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов. Решението од точката 1, Судот го донесе со мнозинство гласови, а решението од точката 2 едногласно.

У.бр.173/2010
2 март 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски