173/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 11 март 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 33 став 2 во делот

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 33 став 1, член 33 став 2 надвор од делот: „и според природата на работите“, член 34 став 1 и член 45 ставовите 1 и 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија – УПОЗ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата на Стамен Филипов, определувањето во член 33 став 2 во делот: „и според природата на работите“ од Законот, судот да е должен да работи и за време на штрајк ако според природата на работите постапките се нужни, во ситуација кога нема поблиско законско дефинирање на „природата на работите“, оставало простор за арбитрерност од судот, а тоа не било во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 32 став 5, член 38 и со член 51 од Уставот на Република Македонија. Во однос на член 34 став 1 од Законот, подносителот на иницијативата смета дека обврската судските службеници претходно писмено да се изјаснувааат за нивното учество во штрајкот значело нивно заплашување и индиректно спречување да го остварат правото на штрајк, поради што законската одредба не била во согласност со член 38 од Уставот.

Во иницијативата на Синдикатот на УПОЗ се наведува дека определувањето во член 33 став 1 од Законот, за време на штрајк судските службеници да ги извршуваат работите во врска со закажаните расправи и рочишта, како и околу јавните седници за донесување и доставување на сите одлуки, значело целосно ограничување, елиминирање односно забранување на правото на штрајк, поради што таквата одредба не била во согласност со член 38 од Уставот. Определувањето во член 33 став 2 од Законот, итните постапки, како и работите кои според закон и природата на работите се нужни, да мораат да се вршат од судот и за време на штрајк, исто така имало карактер на забрана на правото на штрајк, поради што и таа одредба не била во согласност со наведената уставна одредба. Во однос на член 34 став 1 од Законот, Синдикатот укажува дека според Законот за работните односи организирањето на штрајк е делокруг на синдикатот, па работодавачот-судот не смее да побарува од судските службеници претходно писмено да се изјаснувааат за нивното учество во штрајкот и таквата определба всушност значела недозволен притисок врз работниците да не учествуваат во штрајкот, а тоа не било во согласност со уставно загарантираното право на штрајк. Членот 45 став 1 од Законот се оспорува затоа што со него не се утврдувало правото на судските службеници на јубилејни награди предвидено во општите и гранските колективни договори, поради што овие вработени се ставале во нееднаква, понеповолна положба во однос на другите вработени, па законската одредба не била во согласност со член 9 од Уставот. Определувањето во член 45 став 2 од Законот, висината на надоместоците да се утврдува секоја година со законот за извршување на буџетот на Република Македонија, наместо тоа да се регулира преку договор меѓу социјалните партнери како што предвидувал Законот за работните односи, според Синдикатот, не било во согласност со членовите 8 (владеењето на правото) и 32 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека оспорените член 33 и член 34 став 1 од Законот се систематизирани во Поглавје III. – „Права и должности на судската служба“, Поддел – „Работа во услови на штрајк“.

Според член 33 од Законот: „За време на штрајк на судските службеници, во судот се извршуваат работите во врска со закажаните расправи и рочишта, односно со јавните седници за донесување и доставување на сите одлуки во законскиот рок.“(став 1). „Во постапките за кои со закон е утврдено дека се итни, односно за работите кои според закон и според природата на работите (оспорен дел од Стамен Филипов, н.з.) се нужни, судот е должен да работи и за време на штрајк.“(став 2). Оспорениот дел од оваа законска одредба-„и според природата на работите“, не е поблиску разработен во Законот.

Според член 34 став 1 од Законот: „Заради непречено организирање на работата на судот и водење на евиденција на вработените за исплата на плата во услови на штрајк, судските службеници во судот писмено се изјаснуваат за нивното учество во штрајкот.“

Оспорениот член 45 ставовите 1 и 2 од Законот е систематизиран во Поглавје IV.- „Систем на плати и надоместоци на судските службеници“, Пододдел – „Надоместоци на плата.“ Во него се определува дека „Вработените во судската служба имаат право на надоместоци од плата, и тоа: за патни, дневни и други трошоци за патувања во земјата и странство (алинеја 1), трошоци за користење на сопствено моторно возило за службени патувања во земјата и странство (алинеја 2), трошоци за одвоен живот од семејството (алинеја 3), трошоци за селидба (алинеја 4), трошоци за погреб на судскиот службеник или член на неговото потесно семејство (брачен другар, деца родени во брак или надвор од брак, посиноци, посвоени деца и деца земени на издржување) (алинеја 5) и во висина од една плата доколку користи боледување повеќе од шест месеци“(алинеја 6). „Висината на надоместоците од овој член за секоја година се утврдуваат со законот за извршување на буџетот на Република Македонија.“(став 2).

5. Согласно членот 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото, претставуваат темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни одредби, произлегува дека правото на штрајк е едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот. Тоа право, како едно од основните економски и социјални права е уставно загарантирано, при што Уставот препушта со закон и со колективен договор да се уреди начинот на остварувањето на ова право, со цел да не се доведе во прашање остварувањето на другите уставно гарантирани слободи и права. Во оваа смисла, не постои пречка со закон да се уреди начинот на остварување на правото на штрајк во судовите, водејќи притоа сметка при уредувањето на овие односи да не се доведе во прашање уставната гаранција за остварување на правото на штрајк, но и другите со Уставот гарантирани слободи и права.

Со оглед на тоа што делот „и според природата на работите“ на член 33 став 2 од Законот не е поблиску разработен со закон, таквата одредба остава простор за арбитретност од страна на судот при определувањето на овие работи, а тоа Уставот не го дозволува определувајќи дека со закон и со колективен договор се уредуваат условите за остварување на правото на штрајк. Поради тоа, пред Судот се постави прашањето за согласноста на наведениот дел од законската одредба со означените уставни одредби, па одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Во однос на член 33 став 1, член 33 став 2 надвор од делот: „и според природата на работите“ и член 34 став 1 од Законот, Судот оцени дека со нив се уредува начинот на остварувањето на правото на штрајк на судските службеници. Имено, нивното вршење на работите во врска со закажаните расправи, рочишта и јавни седници, потоа вршењето на работите кои со закон се утврдени како итни постапки и нужни работи, како и писменото изјаснување на судските службеници за учество во штрајк, е во функција на организирање на непречена работа, онаа која мора да се врши и во услови на штрајк, како и во врска со исплата на платите на вработените, без притоа да ги спречува судските службеници да учествуваат во штрајкот. На тој начин се обезбедува уставно загаранираното право на штрајк на судските службеници, од една страна, и непречено вршење на работите на судот кои работи со закон се определени да мораат да се вршат и во услови на штрајк, од друга страна. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на означените одредби од Законот со наведените уставни одредби, па одлучи како во точката 2 од ова решение.
7. Во врска со член 45 ставовите 1 и 2 од Законот, Судот оцени дека тие одредби се во согласност со член 32 став 5 од Уставот според кој правата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори. Имено, непредвидувањето на јубилејна награда во оспорената законска одредба не значи дека таа награда не може да се определи во колективните договори, а пак определувањето на законодавецот дека висината на надоместоците ќе се утврдува секоја година во законот за извршување на буџетот на државата има основа во наведената уставна одредба со закон да се уредуваат правата од работниот однос. Поради тоа, Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов, а во однос на точката 1 од Решението со мнозинство гласови.

У.бр.173/2008
11 март 2009 година
С к о п ј е
лк/Ју

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски