172/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и член 78 став 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 32 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.50/99).

2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Ѓорѓија Коруноски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 32 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба од Законот се уредувало именувањата на членовите на Државната изборна комисија и на изборните комисии и нивните заменици од редот на политичките партии да се изврши најдоцна во рок од 30 дена од денот на влегување во сила на овој закон, што не било случај со претседателот и членовите на Државната изборна комисија и на изборните комисии и нивните заменици именувани од редот на судиите за кои се уредувало својата функција да ја извршуваат до истекот на времето за кое се именувани, со што се повредувал принципот на еднаквост на граѓаните, што не било во согласност со член 9 став 2 од Уставот.

Покрај тоа, подносителот на иницијативата укажува на неправилната примена на член 32 од Законот во праксата и наведува, според него, бројни неправди што му биле сторени со тоа што не бил повторно именуван во изборната комисија во Битола од редот на именуваните лица на предлог на политичките партии.

4. Судот на седницата утврди дека според член 32 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија,
претседателот и членовите на Државната изборна комисија и на изборните комисии и нивните заменици именувани од редот на судиите ќе ја извршуваат својата функција до истекот на времето за кое се именувани.

Според, оспорената одредба на ставот 2 од овој член на Законот, именувањата на членовите на Државната изборна комисија и на изборните комисии и нивните заменици на предлог на политичките партии согласно со членовите 4 и 6 од овој закон ќе се изврши најдоцна во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

5. Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.24/98 и 50/99) се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија. Со членовите 11 до 30 од овој закон се уредуваат прашањата за органите за спроведување на изборите. Така, според член 12 став 3 од Законот, претседателот, членовите на Државната изборна комисија, секретарот и нивните заменици ги именува Собранието. Поранешната одредба од овој став дека тие се именуваат за време од четири години, со измените на овој член е избришана. Понатаму, според член 13 став 1 од Законот, (член 4 од измените) претседателот и двајцата членови на Државната изборна комисија и неговите заменици се именуваат од редот на дипломирани правници со положен правосуден испит и најмалку десет години искуство на правни работи, а кои не се членови на политичка партија. Според став 2 од овој член, тројца членови на Државната изборна комисија и нивни заменици предлагаат политичките партии во опозиција кои на последните избори освоиле најмногу гласови, според став 3 од овој член, тројца членови на Државната изборна комисија и нивни заменици предлагаат политичките партии кои се на власт, според став 4 од овој член, претседателот и двајцата членови од став 1 на овој член и нивните заменици се именуваат за време од пет години, според став 5 од овој член, членовите и нивните заменици од ставовите 2 и 3 на овој член се именуваат според резултатите од последните спроведени избори за пратеници во Собранието во рок од 30 дена од денот на одржувањето на конститутивната седница на Собранието, според став 6 од овој член, за секретар на Државната изборна комисија и негов заменик се именуваат дипломирани правници и, според ставовите 7 и 8 од овој член на Законот, секретарот не влегува во составот на Државната изборна комисија и нема право на глас, а својата работа ја врши професионално.

Според член 15 (член 5 од измените) став 1 од Законот изборна комисија се формира за секоја изборна едница, според став 2, изборните комисии се составени од претседател, четворица членови и нивни заменици, според став 3, претседателот, членовите на изборните комисии и нивните заменици ги именува Државната изборна комисија, а според став 4 од овој член на Законот, претседателот на изборната комисија и неговиот заменик се именуваат за време од пет години.

Согласно член 16 (член 6 од измените) став 1 од Законот, претседателот на изборната комисија и неговиот заменик се именуваат од редот на дипломирани правници, со положен правосуден испит и најмалку пет години искуство на правни работи, а кои не се членови на политичка партија, според став 2, двајца членови и нивните заменици се именуваат на предлог од политичките партии во опозиција кои на последните избори освоиле најмалку 5% од гласовите на избирачите кои гласале, според став 3, двајца членови и нивните заменици се именуваат на предлог од политичките партии кои се на власт, а според став 4 од овој член на Законот, членовите и нивните заменици од ставовите 2 и 3 на овој член се именуваат според резултатите од последните спроведени избори за пратеници во Собранието во рок од 30 дена од денот на именувањето на членовите на Државната изборна комисија од член 13 став 5 на овој закон.

Врз основа на горенаведените мерила и критериуми утврдени со Законот, со член 32 од Законот за изменување и дополнување на Законот за избор на пратеници се утврдува преодниот режим во составите и времетраењето на мандатот на претседателот, членовите и нивните заменици, како на Државната изборна комисија, така и на изборните комисии на изборните единици.

За одбележување е дека, согласно член 2 од Законот за избор на претседател на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/94 и 48/99) за избор на претседателот на Републиката соодветно се применуваат одредбите од законот со кој се утврдува постапката за избор на пратеници, доколку со овој закон не е поинаку определено. Според тоа, а имајќи ја предвид содржината на тој закон, составот, времетраењето на мандатот и другите прашања за органите за спроведување на изборот на пратеници, се однесуваат и за изборот на претседател на Република Македонија.

Тргнувајќи од анализа на напред наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека во составот на изборните комисии се присутни елементите на стручност од една страна, и на политичко претставување, од друга страна. Со измените на Законот, во кој дел е и оспорената одредба, се напушти определбата дека стручниот елемент во составот на изборните комисии може да се огледа само во составот од редот на судиите, туку напротив тргнувајќи од карактерот на судската власт, дека таа функција во согласност со карактерот на организацијата на власта, треба да ја вршат други стручни лица, односно дипломирани правници со положен правосуден испит, со работно искуство и кои не се членови на политички партии. Што се однесува пак до членовите на изборните комисии кои се именуваат на предлог на политичките партии, за нив стручниот елемент не е законска обврска, туку определба на предлагачот и тие по правило се членови на политичките партии, бидејќи ги застапуваат интересите на политичката партија.

Според тоа, тргнувајќи од различниот основ за составот на изборните комисии, за кои услов е стручноста и за тие за кои тоа не е услов, како и карактерот на оспорената одредба која по својата природа е преодна одредба, според мислењето на Судот, оспорената одредба, според која именувањето на членовите на Државната изборна комисија и на изборните комисии и нивните заменици кои се именуваат на предлог на политичките партии, да се именуваат во рок од 30 дена по влегување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, не се нарушува принципот на еднаквост на граѓаните, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со член 9 став 2 од Уставот.

Во однос на наводите во иницијативата за неправилната примена на оспорената одредба од Законот и евентуалните неправди што му биле сторени на подносителот на иницијативата со неговото неименување во изборната комисија, Судот не е надлежен да одлучува.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.172/99
29 септември 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков