17/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 20 април 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за празниците на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2007).

2. Васил Глигоров од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, Уставниот суд на Република Македонија требал да интервенира во оспорениот закон кој бил дискриминаторски и предизвикувал културен геноцид со своето постоење, на начин што Судот требал да упати на реформа кон законодавната власт во делот на креирањето на законот, за да се предвиделе и други празници на други граѓани кои не биле опфатени во оспорениот закон, и особено со предвидувањето на правата на етничките Грци во Република Македонија, ќе се оневозможела неправдата која ја предизвикувал оспорениот закон. Оттука, во Законот требало изрично да бидат наведени Грците како уживатели на правото на прослава на нивниот празник од нивната национална култура, како што тоа бил случајот со Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците и Евреите. Поради наведените причини оспорениот Закон бил спротивен на Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за изменување на Законот за празниците на Република Македонија, го изменил членот 2 од Законот за празниците на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.21/1998) во кој ги набројал државните празници на Република Македонија и го изменил членот 4 од Законот во кој утврдил кои денови се празнуваат и се неработни денови за верниците во Република Македонија.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

По повод поднесена иницијатива од поранешен период, Судот со Решение У.бр.52/2008 од 12 ноември 2008 година веќе одлучувал и не повел постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за празниците („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2007). Од уставносудската анализа во предметот, е меѓу другото утврдено дека: „Според членот 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 19 од Уставот, се гарантира слободата на вероисповеста (став 1). Се гарантира слободно и јавно, поединечно или во заедница со други изразување на верата (став 2).

Според Амандманот VII на Уставот, Македонската право-славна црква, како и Исламската верска заедница во Македонија, Католичката црква, Евангелско-Методистичката црква, Еврејската зедница и другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон (точка1). Co точката 1 се заменува ставот 3 на членот 19 од Уставот.

Од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека Уставот утврдил еднаквост на граѓаните во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, дека ја гарантира слободата на вероисповеста и изразување на верата, a верските заедници и религиозните групи се одвоени од државата и се еднакви пред закон. Притоа во наведените, но и другите уставни одредби прашањето на државните и други празници не е поставено како уставноправна регулатива, што значи е оставено да се уреди со закон.

Од анализата на одредбите на оспорениот Закон Судот утврди дека со него се предвидуваат: државни празници на Република Македонија (член 2 став 1), празници на Република Македонија (член 2 став 2), неработни денови за верниците од различни веросиповеди (член 4 став 1) и неработни денови (член 4 став 2). Притоа државните празници се категорија на празници со особено значење за државноста на Република Македонија, a постојат и празници и неработни денови кои се од значење за одредена категорија на граѓани, во кои тие, според нивната веросиповест, празнуваат и не работат, a останатите заради изразување на почит и овозможување на таквото празнување само не работат.

Предвидувањето во Законот, различни денови да се неработни и да се празнуваат од страна на различни верски заедници е токму по суштина обезбедување еднаквост на граѓаните по верска основа преку славење на своите, но и покажување почит кон славењето на туѓите вредности, што е во согласност со членот 9 од Уставот. Оттаму, произлегува дека припадниците на различни верски заедници имаат различни вредности во кои веруваат или, пак, веруваат во исти вредности но со различен приоритет, како и тоа дека таквата содржинска различност предизвикува различно манифе-стирање на верувањето, односно имаат различни денови на славење на верските вредности кои се утврдени во оспорените законски одредби. Врз основа на наведеното, според Судот, оспорениот Закон е во согласност со Уставот“.

Прашањето за опфатот на празниците е право на законодавецот да го цени и предвидува во законот и за целисходноста на ова прашање не е надлежен Уставниот суд.

Со оглед на тоа што Судот веќе извршил уставносудска анализа на оспорениот закон и со наведеното решение не повел постапка за оценување на уставноста на Законот, а имајќи предвид дека Судот е надлежен да ја цени уставноста на прописите што се во правниот поредок на Република Македонија а не е надлежен, како во случајов, да одлучува по однос на барањето во иницијативата дека во оспорениот закон недостасувала регулатива и дека законодавецот требал да ја креира на начин како што се предлага во иницијативата, како и во отсуство на посебни аргументи во иницијативата за оспорување на одредбите од оспорениот Закон, Судот оцени дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.17/2011
20 април 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски