171/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 29 февруари 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 100/2011).

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука означена во точката 1 на ова решение.

3. Адвокат Драган Атанасовски, Петар Попоски и адвокат Сашо Врбовски, сите од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

– Според подносителот на иницијативата, адвокат Драган Атанасовски, Адвокатската комора донела одлука со која го изменила Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија (АКРМ), со која вовела обврска секој адвокат при секое застапување, поднесок, составување на исправи и сл. да мора да приложи коморска маркичка која е вредносна. Оваа спорна одредба во пракса судовите можеле да ја сфатат и да ја применат како начин да не ги признаваат адвокатските трошоци за дејствија и писмена на кои нема коморска маркичка, кое во краен случај било на штета на странката, а не на адвокатот, бидејќи адвокатот ќе си ја наплател својата награда. Со оспорената одредба Адвокатската комора си земала за право да ја условува примената на Адвокатската тарифа со коморска маркичка и да бара прво нејзе да и се плати надоместок, па дури потоа да може да бара адвокатот од странката да му се плати наградата или трошоците, а во краен случај и при одмерување на трошоците од страна на судот оваа одредба можела да се сфати како начин да не се признаваат на странките адвокатските трошоци кои таа ги имала. На таков начин Адвокатската комора директно се мешала во работењето на адвокатот, па слободно можело да се каже дека му станува ортак на адвокатот, бидејќи за секое дејствие или писмено адвокатот морал прво да и плати на Адвокатската комора по 60,00 денари. На ваков начин, Адвокатската комора вршела повреда на член 55 од Уставот.

Адвокатската комора ги пречекорила овластувањата од член 19 од Законот за адвокатура, бидејќи овој член не подразбирал Адвокатската комора да има право на условување на примената на адвокатската тарифа.

Донесената коморска маркичка била сосем друг вид маркичка, различна од адвокатската маркичка, кој се наметнувала со одлука на Адвокатската комора. Со тоа де факто се навлегувало во сферата на процесната постапка бидејќи со коморската маркичка се дополнувал ЗПП со наметнување на обврска на секој поднесок или дејствие преземени од адвокат да се приложи коморска маркичка. ЗПП можел да се менува и дополнува само со закон донесен од Собранието на Република Македонија, но не и со одлука на Адвокатската комора.

Врз основа на наведеното се предлага Уставниот суд да постапи по член 27 од Деловникот на Уставниот суд и да донесе решение за запирање на извршувањето на оспорената одредба, која треба да биде поништена или укината.

– Според наводите во иницијативата на Петар Попоски, оспорената одлука била во спротивност со член 53 од Уставот, затоа што адвокатурата била самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон, а не во согласност со акт на Адвокатската комора, како што се предвидувало со Одлуката.

Исто така, наведета одлука била во спротивност и со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, бидејќи владеењето на правото не дозволувало она што Уставот предвидувал да биде регулирано со закон, да се регулира со подзаконски акт, како во случајов.

Понатаму, оспорената одредба била неуставна и затоа што согласно член 35 од Законот за адвокатура, адвокатската комора не можела и не смеела да се финансира од коморска маркичка предвидена со тарифа, а не со закон.

Оспорената одредба била неуставна и затоа што, како што гласел и насловот на Тарифата, тоа било Тарифа за награда за извршена адвокатска работа на адвокатите, а не за наметнување на обврски на адвокатите за финансирање на Адвокатската комора, која адвокатите веќе ја финансирале преку плаќање на чланарина.

Одредбата била во спротивност и со член 98 став 6 од Законот за парничната постапка кој предвидувал поднесокот од адвокат задолжително да содржи штембил и адвокатска маркичка предвидена со посебен закон, а не и коморска маркичка предвидена со Тарифа на Адвокатската комора.

Исто така, одредбата не била во согласност и со член 98 став 2 од Уставот, затоа што Тарифата предвидувала обврска за судот да води сметка за коморска маркичка, што било во спротивност со уставната определба дека судовите се самостојни и независни и судат врз основа на устав и закон…, а не врз основа на наметната обврска со Тарифата.

Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите по својата суштина претставувала вреднување на сите процесни дејствија кои адвокатот ги презема во согласност со закон и кои судот ги контролира при досудувањето на трошоците на странката, со што се воспоставувал однос адвокат-странка, а не како со оспорената одлука, која воспоставувала однос адвокат-Адвокатска комора. Со условувањето со коморска маркичка се оневозможувало преземање на дејствија на адвокатите во корист на странките, само заради неплатена коморска маркичка во корист на Комората, со што би се довело во прашање и правото на одбрана на обвинетиот загарантирано со Уставот и Европската конвенција за заштита на човековите права.

Ваквата регулатива отворала и дилема на чиј товар ќе падне надоместокот за маркичка и го условувала досудувањето на трошоците за веќе преземените дејствија, со што ја загрозувала егзистенцијата на адвокатите или пак крајно трошоците ќе паднеле на товар на странката, како жртва на осопрената измена на Тарифата.

Поради наведеното, оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 53 и член 98 став 2 од Уставот, како и со член 35 од Законот за адвокатура и член 98 став 6 од Законот за парничната постапка, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценување на нејзината уставност и законитост, при што, до конечноста на Одлуката, се предлага Судот согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд, да донесе решение за запирање на извршувањето на оспорената одлука.

– Според наводите во иницијативата на адвокат Сашо Врбовски, коморската маркичка според Статутот на Адвокатската комора на Република Македонија имала карактер на парафискална давачка, која адвокатите биле должни да ја купуваат од АКРМ и истата да ја ставаат, односно предаваат на секој поднесок, исправа или застапување, а средствата собрани од издавањето на коморската маркичка исклучиво се користеле за потребите на Адвокатската комора.

Оспорената одлука не била во согласност со член 149 од ЗПП (кој е цитиран во иницијативата), затоа што примената на Тарифата од страна на Судот била условена со предавање на коморска маркичка од страна на адвокатите, со што се пробивала нормативната рамка на овој член од Законот.

Поради наведеното се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, а со оглед на можноста за настанување на штетни последици по парничните страни со примена на Одлуката, времео да го запре нејзиното извршување.

4. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Одлуката за измена и дополнување на Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, во член 8 став 5, после точката 5 се додава нова точка 6 која гласи: „Наградата предвидена со одредбите од оваа тарифа следува само за поднесок, исправа и застапување на кои е ставена, односно предадена коморска маркичка.“

Според член 2 на истата одлука, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Според член 53 од Уставот, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и дека таа вредност се остварува така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите, при што секој субјект е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од содржината на член 53 од Уставот произлегува дека адвокатурата е јавна служба што обезбедува правна помош, при што таа јавна служба е самостојна и независна и врши јавни овластувања кои и се доверени со закон.

Со член 2 од Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008 и 135/2011), адвокатурата е дефинирана како самостојна и независна јавна служба која единствено обезбедува и дава правна помош (став 1). Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и други закони (став 2).

Според член 5 од Законот, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатската етика.

Според член 18 став 3 од Законот, на секој поднесок или исправа составена во адвокатска канцеларија, адвокатот е должен да стави штембил на адвокати, односно штембил на адвокатско друштво, адвокатска маркичка, издадена од надлежен државен орган, предвидена со посебен закон и коморска маркичка утврдена со акт на Адвокатската комора на Република Македонија и издадена од Адвокатската комора на Република Македонија.

Согласно став 4 на овој член, при застапување пред суд и други органи адвокатот е должен на судот да му предаде соодветна адвокатска и коморска маркичка за тоа застапување.

Според член 19 од Законот, адвокатот има право на награда и надоместок на трошоците за извршената работа во вршењето на адвокатската дејност според Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.

Согласно член 33 став 1 од Законот, aдвокатите во Република Македонија се организираат во Адвокатската комора на Република Македонија.

Според член 34 став 2 точка 5 од Законот, Адвокатската комора на Република Македонија донесува Тарифа за награда и надоместок на трошоците на адвокатите.

Според член 35 од Законот, Адвокатската комора на Република Македонија се финансира од: 1) коморска членарина; 2) коморски уписен влог; 3) подароци и фондации; 4) закупнина; 5) коморска маркичка; 6) други приходи во согласност со закон.

Согласно член 39-а од Законот, одредбите од членот 18 ставовите 3 и 4 ќе отпочнат да се применуваат во рок од шест месеца по издавање на адвокатската маркичка од надлежен државен орган, односно коморската маркичка од надлежен орган на Адвокатската комора на Република Македонија.

Адвокатската комора на Република Македонија, со своја Одлука бр. 02-950/3 од 24.06.2011 година, ја определила висината на коморската маркичка на износ од 60,00 денари, при што определила дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во службеното гласило на АКРМ, а ќе се применува од 01.09.2011 година.

Исто така, на 24 јуни 2011 година, Адвокатската комора на Република Македонија ја донела оспорената одлука со која ја дополнила Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, на начин што определила дека наградата предвидена со одредбите од оваа тарифа следува само за поднесок, исправа и застапување на кои е ставена, односно предадена коморска маркичка. Оваа одлука влегла во сила осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, односно на 2 август 2011 година.

Од изнесените законски одредби и Законот за адвокатура во целина, произлегува дека адвокатите се организираат во Адвокатска комора на Република Македонија, Комората има својство на правно лице и своите работи ги врши самостојно и независно, при што Законот прецизно ги определува работите на Комората почнувајќи од уписот на адвокатите, стручните соработници и адвокатските приправници во соодветните именици, преку адвокатската етика и одговорноста при вршењето на адвокатската дејност, како и стручното оспособување и усовршување, до донесувањето на актите на Комората, вклучително и Тарифата за наградата и надоместокот на трошоците на адвокатите за вршењето на адвокатската дејност. Законот ги пропишува и изворите на финансирање на Адвокатската комора на Република Македонија потребни заради извршување на набројаните работи на Комората, меѓу кои извори е и коморската маркичка утврдена со акт на Адвокатската комора на Република Македонија и издадена од Адвокатската комора на Република Македонија.

Законот, исто така, пропишува дека на секој поднесок или исправа составена во адвокатска канцеларија, адвокатот е должен да стави, помеѓу другото и коморска маркичка утврдена со акт на Адвокатската комора на Република Македонија и издадена од Адвокатската комора на Република Македонија и дека при застапување пред суд и други органи адвокатот е должен на судот да му предаде соодветна коморска маркичка за тоа застапување.

Одредбите за издавањето и задолжителната примена на коморската маркичка, како извор на финансирање на Адвокатската комора (член 18 ставовите 3 и 4 и член 35 точка 5 од Законот), се внесени во Законот за адвокатура и стануваат негов составен дел, со член 12 и член 19 од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2006 од 15 мај 2006 година). Со член 24 од овие законски изменувања и дополнувања, Законот се дополнува со нов член 39-а, со кој се определува дека одредбите од членот 18 ставовите 3 и 4 ќе отпочнат да се применуваат во рок од шест месеца по издавањето на коморската маркичка од надлежен орган на Адвокатската комора на Република Македонија. Наведените одредби за коморската маркичка не се менувани со измените и дополнувањата на Законот за адвокатура направени во 2007, 2008 и 2011 година.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека прашањето за издавањето и задолжителната употреба на коморска маркичка како извор на финансирање на Адвокатската комора е во целост уредено со Законот за адвокатура. Во оваа смисла, Судот имаше предвид дека Уставниот суд веќе расправал за прашањето на уставната основаност на воведувањето на коморската маркичка, при што оценил дека законодавецот има уставен основ да ги утврдува изворите на финансирање на Адвокатската комора, оставајќи разработката на одделните извори на финансирање да се изврши со акт на Комората, заради остварување на самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба која врши јавни овластувања во согласност со закон, поради што не повел постапка за оценување на уставноста на член 18 ставовите 3 и 4 и член 35 од Законот за адвокатура (Решенија У.бр.31/2007, У.бр. 78/2007, У.бр.2/2011).

Оттука, според Судот, подносителите на иницијативите не ги имале предвид законските одредби за воведување на коморска маркичка, како резултат на што се погрешните наводите во иницијативите дека Адвокатската комора, наместо со закон, со свој подзаконски акт наметнувала постоење на коморска маркичка, како еден од изворите за финансирање на Адвокатската комора.

Со член 98 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/20100), се уредуваат поднесоците во парничната постапка. Така, според став 1 на овој член, тужбата, одговорот на тужбата, правните лекови и другите изјави, предлози и соопштенија што се даваат надвор од расправата се поднесуваат писмено, или по електронски пат до приемното одделение на надлежниот суд (поднесоци). Според став 2 на овој член, поднесоците задолжително треба да содржат адвокатски печат, освен оние кои се составени од страна на полномошници определени во член 81 став 1 алинеите 2 и 3 од овој закон. Според став 3 на истиот член, поднесоците мораат да бидат разбирливи и мораат да го содржат сето она што е потребно за да може да се постапи по нив. Тие особено треба да содржат: означување на судот, име и презиме поткрепени со доказ за лична идентификација, живеалиште, односно престојувалиште на странките, односно фирмата и седиштето на правното лице запишани во Централниот регистар на Република Македонија или друг регистар поткрепени со доказ од соодветниот регистар, нивните законски застапници и полномошници, ако ги имаат, предмет на спорот, вредноста на спорот, содржина на изјавата и потпис на подносителот, односно електронски потпис, е-меил адреса и контакт телефон. Според став 4 на истиот член, поднесоците поднесени од адвокати, државен орган односно орган на државна управа, единици на локална самоуправа, правни лица и лица кои вршат јавни овластувања покрај податоците од ставот 3 на овој член треба да содржат и податоци за електронско сандаче за достава на писмената регистрирано согласно со закон. Согласно став 8 на истиот член, поднесокот од адвокат задолжително содржи печат, односно електронски потпис од адвокатот и адвокатска маркичка предвидена со посебен закон, во спротивно поднесокот се смета за неуреден и судот ќе го отфрли. До донесување на посебен закон со кој се уредува адвокатската маркичка, поднесокот од адвокат задолжително треба да содржи печат, односно електронски потпис.

Според член 145 став 1 од овој закон, парничните трошоци ги сочинуваат издатоците направени во текот или по повод на постапката, а според став 2 на истиот член, парничните трошоци ја опфаќаат и наградата на адвокатот и на другите лица на кои законот им признава право на награда.

Од анализата на овие законски одредби произлегува дека законодавецот утврдил што задолжително треба да содржи поднесокот од адвокат во парничната постапка, за да се смета за уреден, односно поднесок по кој судот ќе постапува и за кој му следува награда на адвокатот. Коморската маркичка не е предвидена како задолжителен елемент на поднесокот, со чие отсуство поднесокот ќе се смета за неуреден и ќе биде отфрлен, односно ќе има за последица неисплата на адвокатската награда.

При ваква законска регулатива, се поставува прашањето дали коморската маркичка, предвидена со Законот за адвокатура, може да биде услов поднесокот во парничната постапка, кој иако ги исполнува условите согласно Законот за парничната постапка, да не се смета за валиден документ и дејствие на адвокатот за кое тој има право на награда според Адвокатската тарифа, односно дали условувањето на исплатата на парична награда согласно Адвокатска тарифа, со плаќање на коморска маркичка, има законска основа.

Според Судот, ваквото условување основано може да се доведе под сомнение со начелото на владеењето на правото и во крајна линија, со овластувањето на адвокатурата, како самостојна и независна јавна служба, да врши јавни овластувања во согласност со закон. Имено, не е спорна законската обврска на адвокатот на секој поднесок или исправа составена во адвокатска канцеларија, да стави, помеѓу другото и коморска маркичка утврдена со акт на Адвокатската комора на Република Македонија и издадена од Адвокатската комора на Република Македонија и дека при застапување пред суд и други органи адвокатот е должен на судот да му предаде соодветна коморска маркичка за тоа застапување. Меѓутоа, со оспорената одлука, односно со Адвокатската тарифа, коморската маркичка е поставена како услов за наплата на адвокатските трошоци, иако тоа не произлегува ниту од Законот за адвокатура, ниту од Законот за парничната постапка. Поради тоа, според Судот, Адвокатската комора го надминала законското овластување да донесе тарифа за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите и навлегла во законодавната сфера за која не е овластена.

Поради наведеното, Судот оцени дека основано се поставува прашањето за согласноста на оспорената одлука со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 53 од Уставот, како и со член 18 став 3 од Законот за адвокатура и со членовите 98 и 149 став 2 од Законот за парничната постапка.

6. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, до донесувањето на конечна одлука, да го запре извршувањето на поединечни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука.

7. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.171/2011
29 февруари 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски