171/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 декември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 162, 163 и 164 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008, 103/2008 и 26/2009).

2. Партијата за нова демократија од Скопје, преку координаторот Фљора Кадриу, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите 162, 163 и 164 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените членови од 162, 163 и 164 од Законот за високото образование не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, во кој покрај другото, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија било владеењето на правото и со член 46 став 1 од Уставот, во кој било утврдено дека на универзитетот му се гарантирала автономија. Во наведените одредби се утврдени начинот и постапката за вршење на надзор над законитоста во работењето и уставноста и законитоста на високообразовната установа. Според подносителот со наведените одредби се предвидувало дека министерот за образование како ресорен министер преку Државниот просветен инспекторат вршел инспекциски надзор над високообразовната установа. Во рамките на инспекцијата била утврдена постапката и начинот на вршење на инспекција, но притоа не биле утврдени длабината и обемот на испитување на одлуките кој биле предмет на инспекциски надзор. Имено, инспекторот како пренесени овластувања од министерот можел да ја оценува законитоста на одлуките на органите на универзитетот, но притоа до степен на заштита и зачувување на „автономијата“ како уставна категорија. Во наведените одредби тоа не било направено согласно Уставот и на инспекторот му биле дадени општи овластувања што значело задирање во самостојноста и автономноста на универзитетите. Од друга страна, инспекторот имал овластување да укаже и да бара конкретната одлука да се уреди согласно Уставот и законот, а не и да ја суспендира и да бара нејзино целосно укинување. Со тоа биле пречекорени уставните норми со кои се гарантирало степенот на самостојноста и автономноста на Универзитетот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 162 од Законот „Кога министерот надлежен за работите на високото обрзование ќе утврди дека високообразовната установа работи спротивно на овој закон, со записник ќе и укаже на високообразовната установа на незаконитоста во работењето и ќе и определи рок од најмалку еден месец за отстранување на незаконитоста.

Ако високообразовната установа, во определениот рок не постапи според укажувањето од став 1 на овој член, министерот надлежен за работите на високото образование донесува решение за привремено запирање со работа на високообразовната установа и за тоа го известува основачот.

Министерот надлежен за работите на високото образование пред да донесе решение за привремено запирање со работа на високообразовната установа ќе побара мислење од Одборот за акредитација.

Против решението од ставот 2 на овој член може да се поднесе жалба до второстепената комисија за решавање во управна постапка од областа на образованието при Владата на Република Македонија. Жалбата не го одлага извршувањето на решението.

Против решението на второстепената комисија за решавање во управна постапка од областа на образованието при Владата на Република Македонија може да се поднесе тужба до Управниот суд.

По правосилноста на одлуката на Управниот суд, министерот надлежен за работите на високото образование донесува решение за бришење од регистарот на високообразовни установи“.

Според оспорениот член 163 од Законот „Кога министерот за образование ќе утврди дека високообразовната установа донела одлука која не е во согласност со овој закон, ќе и укаже на високообразовната установа за незаконитоста на одлуката и ќе определи рок за отстранување на незаконитоста, кој не може да биде пократок од еден месец.

Ако во определениот рок високообразовната установа не ја отстрани незаконитоста, министерот надлежен за работите на високото образование со решение ќе ја укине или поништи незаконитата одлука.

Против решението од ставот 2 на овој член високообразовната установа има право на жалба до второстепената комисија за решавање во управна постапка од областа на образованието при Владата на Република Македонија.

Против решението од ставот 3 на овој член високообразовната установа има право да поднесе тужба пред Управниот суд“.

Во оспорениот член 164 од Законот е предвидено дека: „Ако општиот акт на високообразовната установа не е во согласност со Уставот или со закон, министерот надлежен за работите на високото образование има право да го запре неговото извршување и е должен, во рок од осум дена од денот на донесувањето на решението за запирање, да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на запрениот акт пред Уставниот суд на Република Македонија.

Министерот надлежен за работите на високото образование може пред да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста да ја извести високообразовната установа за запирањето на актот и да и укаже на високообразовната установа во рок од 30 дена да ја отстрани незаконитоста. Ако високообразовната установа во овој рок не постапи според укажувањето, министерот надлежен за работите на високото образование, во наредниот рок од 30 дена поведува постапка за оценување на уставноста и законитоста на запрениот акт“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и владеењето на правото.

Според член 46 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија.

Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот се уредуваат со закон.

Со Законот за високото образование се уредувааат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање и престанок на високообразовните установи, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност (член 1).

Во членот 2 од Законот во кој се утврдени одделни изрази употребени во Законот е утврдено дека: 1. автономија на универзитетот „опфаќа академска слобода, самостојно одлучување и управување и неповредливост на универзитетскиот простор.”

Во членот 11 од Законот е предвидено дека универзитетите и единиците во нивниот состав и самостојните високообразовни установи ја вршат својата дејност врз принципот на академска автономија.

Со академската автономија се гарантира интелектуалната слобода на членовите на академската заедница и творечката природа на истражувачкиот и образовниот прецес како врвни вредности и способности.

Автономијата на универзитетот вклучува, академска слобода, автономија на управувањето и неприкосновеност на автономијата.

.Високообразовните установи имаат право да покренат постапка пред надлежен суд за заштита на автономијата на универзитетот.

Во членот 12, пак, од Законот е утврдено дека академската слобода опфаќа:

– слобода во научно-истражувачката работа, уметничко создавање, примена и посредување на знаењето, – самостојно уредување на внатрешната организација и работењето со статут во согласност со закон: – слобода на изведување на наставата, спроведувањето на научните истражувања, уметничка дејност, односно творештво и применувачка дејност, вклучувајќи ја слободата на објавување и јавно претставување на научните резултати и уметничките достигнувања; – слобода на студирањето, утврдувањето на правилата на студирање, облиците и видовите на наставно образовните дејности и проверка на знаењата на студентите; – слобода на избор на студиските програми и содржината на одделните предмети,како и подготвување на учебници и други учебни помагала, -утврдување на услови и критериуми за студии од прв, втор и трет циклус,како и други видови на образование, – подготвување, усвојување и остварување на научно истражувачки програми, – доделување на стручни академски и научни звања согласно со закон, како и доделување на почесни академски титули, – определување услови, критериуми и постапка за избор во наставно-научни, научни и наставни звања и избор во наставно-научни, научни и наставни звања.

Во членот 13 од Законот, пак, е уредено прашањето на автономијата во управувањето со унивезитетите и со самостојните високообразовни установи, која се изразува во: – планирањето, остварувањето и развој на високообразовната дејност;- воспоставувањето и уредувањето на внатрешната организација; -донесувањето на статутот, односно правилникот на единицата; – изборот, именувањето и отповикувањето на органите согласно со статутот,- располагањето со одобрените финансиски средства како и со сопствените приходи, – формирањето на фондови и основањето други организации од сопствени приходи, донации и други извори заради вршење на високообразовна, научно- истражувачка, издавачка и применувачка дејност, – управувањето и користењето на имотот во согласност со намената за која е добиен и други права утврдени со статутот, односно правила на единицата.

Понатаму во Главата III од Законот, односно во членовите од 16 до 24 се утврдени видовите и дејноста на високообразовните установи кои можат да бидат јавни, приватно-јавни непрофитни установи и приватни(профитни или непрофитни) установи.

Во Главата IV од Законот, односно во членовите од 25 до 44 се уредени прашања кои се однесуваат на „Основање и престанок на високообразовните установи“.

Во Глава V од Законот односно во членовите од 45 до 49 е уредено прашањето на “Внатрешна организација на универзитетот и форми на соработка.

Во Глава VI од Законот, односно во членовите од 50 до 67 се уредени прашања за “Oрганите и телата на високообразовните установи” (надлежност, состав).

Во Главата VII од Законот, односно во членовите од 68 до 77 се уредени прашања на “Oбезбедување и оценување на квалитетот на високото образование.”

Во Главата VIII од Законот, односно во членовите од 78 до 91 се уредени прашања за “Развој, финансирање и имот на високообразовните установи.”

Во Главата IX од Законот, односно во членовите од 92 до 120 од Законот се уредуваат прашања за остварување на високообразовната дејност која се реализира преку академски и стручни студии.

Во Главата X од Законот, односно во членовите од 121 до 148 се уредени прашања за” Наставно – научните и наставни звања” (звања, избор, престанок).

Во Главата XI од Законот, односно во членовите од 149 до 156 се уредени прашања кои се однесуваат на стекнување на статус на студент, правата и обврските на студентите како и учество на студентите во управувањето и друго.

Во Глава XII од Законот, односно во членовите од 157 до 161 се уредени прашања кои се однесуваат на “Eквиваленција и признавање на високообразовните квалификации.”

Во Глава XIII од Законот, односно во членовите од 162 до 166 е уредено прашањето за “Надзор над високообразовната установа.”

Во членовите 162 и 163 кои се оспорени со иницијативата, а кои се поместени во поднасловот “Надзор над законитоста во работењето” на високообразовната установа е утврдено кои мерки и активности ги презема министерот надлежен за работите на високото образование кога ќе утврди дека високообразовната установа работи спротивно на овој закон. Имено, од анализата на член 162 од Законот, произлегува дека кога министерот ќе утврди дека високообразовната установа работи спротивно на овој закон со записник ќе и укаже на установата и ќе и определи рок кој не може да биде помал од 1 месец за отстранување на незаконитоста.

Ако установата во определениот рок не постапи по укажувањето, министерот донесува решение за привремено запирање со работа за што го известува основачот.

Пред донесување на наведеното решение за привремено запирање со работа, министерот бара мислење од Одборот за акредитација (член 70 и 71).

Против решението за привремено запирање со работа може да се поднесе жалба до второстепена комисија за решавање во управна постапка од областа на образованието при Владата на Република Македонија.

Против решението на наведената комисија може да се поднесе тужба до Управен суд.

По правосилноста на одлуката на Управниот суд, министерот надлежен за работа на високото образование донесува решение за бришење на установата од регистрот на високообразовни установи.

Од анализата на член 163, пак, произлегува дека кога високообразовната установа донела одлука која не е во согласност со овој закон, министерот ќе и укаже на установата за незаконитоста на одлуката и ќе определи рок за отстранување на незаконитоста кој не може да биде пократок од 1 месец.

Ако во определениот рок, установата не ја отстрани незаконитоста, министерот со решение ќе ја укине или поништи незаконитата одлука,при што против наведеното решение високообразовната установа има право на жалба до второстепената комисија за решавање во управна постапка при Владата на Република Македонија, а против решението на оваа комисија високообразовната установа има право да поднесе тужба.

Од анализата на оспорениот член 164 од Законот кој е поместен во делот „Надзор над уставноста и законитоста“ произлегува дека ако општиот акт на високообразованата установа не е во согласност со Уставот или со закон, министерот надлежен за работите на високото образование има право да го запре неговото извршување и е должен во рок од 8 дена од денот на донесување на решението за запирање да поведе постапка за оценување на уставноста на запрениот акт пред Уставниот суд на Република Македонија.

Министерот надлежен за работите на високото образование може пред да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста да ја извести високообразовната установа за запирање на актот и да и укаже во рок од 30 дена од денот на добивањето на решението за запирање да ја отстрани незаконитоста.

Доколку, високообразовната установа во определениот рок од 30 дена не постапи по укажувањето, министерот во рок од осум дена по истекот на рокот од 30 дена поведува постапка за оценување на уставноста и законитоста на запрениот акт.

Имајќи предвид дека Уставот ја гарантира автономијата на универзитетот без притоа да определи што се подразбира под овој поим, право е на законодавецот да го дефинира поимот на автономија, како што тоа го сторил со Законот за високото образование, што значи дека автономијата на универзитетот не е апсолутна категорија што се исцрпува само со наведената уставна одредба.

Според Судот, гаранцијата на автономијата на универзитетот, не го исклучува вршењето на надзорот за работењето на високообразовната установа од страна на државата преку соодветното министерство кој надзор е во насока на почитување на Законот за високото образование како и почитување на Уставот.

Тргнувајќи од содржината на одредбите од членовите 95 и 96 од Уставот и член 23 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, а имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби од членовите 162, 163 и 164 од Законот за високото образование, според кој министерот е овластен да врши надзор над законитоста на работењето на високооразовните установи, Судот оцени даденото законско овластување е во согласност со Уставот, поради што го постави прашањето за нивната согласност со наведените уставни одредби.

Во однос на наводите од иницијативата дека министерот за образование, преку државниот просветен инспекторат врши инспекциски надзор, при што на инспекторот му се дадени општи овластувања што значат задирање во самостојноста и автономноста на универзитетите од причини што во рамките на вршењето на инспекцискиот надзор не се утврдени длабината и обемот на испитување на одлуките кои се предмет на инспекциски надзор, Судот оцени дека се неосновани.Ова од причина што подносителот на иницијативата погрешно ги посочува и оспорува одредбите од Законот за високото образование. Имено, видно од содржината на оспорените одредби со кои се уредува прашањето на овластувањата на министерот за образование кои тој ги има при вршењето на надзор над законитоста на работењето и уставноста и законитоста на актите што ги носи високообразовната установа, а вршењето на инспекцискиот надзор се врши врз основа на Законот за просветната инспекција од страна на Државниот просветен инспекторат.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.171/2009
2 декември 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски