171/1998-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 20 јануари 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 11 од Законот за финансиското работење (“Службен весник на Република Македонија” бр.42/93 и 32/97).
2. Цветозар Ристески, Стојче Ефтимов, и Делче Илиески адвокати од Струга, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување уставноста на член 11 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со примената на оваа одредба се ставаат во подредена положба доверителите кои врз основа на извршна судска одлука не можат да го намират своето побарување и дека со нејзината примена на должниците им е овозможено со разни шпекулации да ја избегнат обврската за исплата по правосилна и извршна судска одлука на кој начин се нарушува начелото на еднаквост.
3. На седницата Судот утврди дека со Законот за финансиското работење се уредува финансиското работење на правните лица со седиште во Република Македонија и физичките лица кои вршат дејност утврдена со Законот за единствена класификација на дејностите и кои се обврзници на данок од добивка.
Во член 2 од Законот е утврдено дека финаниското работење во смисла на овој закон го сочинува финансирањето на работењето и плаќањето и одржувањето на солвентноста.
Понатаму во законот е уредено прашањето за начинот на плаќањето на обврските, институцијата преку која се врши платниот промет кај која правното лице има сметка, како и одржувањето на солвентноста на субјектот. Во член 9 од Законот е утврдено дека субјетот е должен да ги намирува обврските во договорот односно во пропишаниот рок преку својата сметка со налог за пренос и со пренос на хартии од вредност.
Во член 10 е утврдено дека субјектот е инсолвентен ако на сметката кај институцијата за платен промет нема доволно средства за исплата на сите налози, односно основи за исплата на денот на пристигнувањето.
Во оспорениот член 11 од Законот е предвидено дека ако субјектот е инсолвентен, плаќањето се врши според следниот редослед.
– Даноци и други јавни давачки утврде ни со законот и надоместоците и другите примања на работниците што се остваруваат од друг субјект, а се исплатуваат преку сметката на субјектот.
– Бруто платите до висина на најниската плата утврдена со Општиот колективен договор и на неа пресметани даноци и придонеси, со тоа што прво се извршуваат налозите за придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, а потоа придонесот за здравствено осигурување, придонесот за вработување и персоналниот данок од доход.
– Извршните судски одлуки, извршни одлуки и решенија за казните, другите извршни решенија за казните, другите извршни решенија, налозите и конечните решенија на контролните органи (основи за наплата) и налозите по основ на обврски спрема странство.
– Бруто платите, обврските по основ на промет на стоки и услуги, обврските по кредити, обврските по основ на поврат на вложени и здружени средства и надоместоци за стопанисување со вложени и здружени средства, и
– Други обврски.
Понатаму во член 15 е предвидено дека субјектот кој е инсонвентен 30 дена непрекинато или 30 дена со прекин во изминатите 45 дена должен е во рок од наредните 15 дена од 30 ден на инсолвентноста да одржи состанок со доверителите заради вонсудско порамнување или одлагање на рокот за плаќање на обврската.
4. Според член 33 од Уставот на Република Маке-донија секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирување на јавните расходи на начин утврден со закон.
Според член 32 став 3 од Уставот секој вработен има право на соодветна заработувачка.
Имајки ги предвид изнесените уставни одредби, а со цел да се одбегне подолготрајната неможност за плаќање и изигрување на доверителите, законот утврдил дека субјектот може да биде инсолвентен најмногу 60 дена, при што во тој период плаќањето ќе се врши според одреден редослед.

При тоа законот имал за цел со утврдување на рокот од 60 дена во кој субјектот може да биде инсолвентен да му овозможи средување на финансиската состојба и одбегнување на покренување на постапка за стечај веднаш.
Имено, субјектот должник со самата регистрација, се обврзал да ги намири прво побарувањата спрема државата а потоа да ги исплати вработените како обврски што произлегуваат од уставот а, потоа да ги намири побарувањата на сите други субјекти настанати по други основи.
Меѓутоа заради фактот што субјектот должник кој е инсолвентен не може да ги намири сите стасани побарувања, законодавецот се определил прво должникот да ги намири давачките спрема државата и спрема вработените а со цел да обезбеди остварување на функциите на државата и обезбедување најниска плата на вработените утврдена со колективниот договор, а потоа сите други побарувања.
Со ваквиот начин на утврдување на редоследот на намирување на побарувањата кога субјектот е инсолвентен не се нарушува начелото на еднаквост имајки предвид дека субјектите доверители не се од ист ранг и во суштина со оспорената одредба не се доведува во прашање наплаќањето на побарувањата туку се определува само приоритетот при исплатата.
5. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевс ки и д-р Тодор Џунов.
У.бр.171/98
20 јануари 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков