170/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 16 јуни 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на

– Одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за нас. Острово (УЕ 19а и 19б Аеродром) бр.07-44/4-3 донесена од Советот на општина Кисела Вода, на 28 март 2000 година, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.8/2000;

– Одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за месна заедница “Бирарија” бр.07-44/4-4 донесена од Советот на општина Кисела Вода на 28 март 2000 година, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.8/2000;

– Одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за месна заедница “Вардар” УЕ 66 бр.07-44/4-5 донесена од Советот на општина Кисела Вода на 28 март 2000 година, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.8/2000;

– Одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за Реонски центар Аеродром бр.07-44/4-7, донесена од Советот на општина Кисела Вода на 28 март 2000 година, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.8/2000;

– Одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за УЕ 19а 19б (нас. “Јане Сандански”) Аеродром бр.07-44/4-8, донесена од Советот на општина Кисела Вода на 28 март 2000 година, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.8/2000;

– Одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за УЕ 18 Аеродром (стар дел) бр.07-44/4-10, донесена од Советот на општина Кисела Вода на 28 март 2000 година, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.8/2000;

– Одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за УЕ 19Ц нас. “Ново Лисиче” (Аеродром) бр.07-44/4-11, донесена од Советот на општина Кисела Вода на 28 март 2000 година, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.8/2000;

– Одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за нас. “11 Октомври” – бараки бр.07-44/4-13, донесена од Советот на општина Кисела Вода на 28 март 2000 година, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.8/2000;

– Одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за нас. “Пинтија” бр.07-44/4-14, донесена од Советот на општина Кисела Вода на 28 март 2000 година, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.8/2000;

– Одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за нас. “Лисиче” – бараки бр.07-44/4-16 донесена од Советот на општина Кисела Вода на 28 март 2000 година, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.8/2000;

– Одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за месна заедница “11 Октомври” тврда градба бр.07-44/4-18, донесена од Советот на општина Кисела Вода на 28 март 2000 година, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.8/2000 и

– Одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план на нас. “Горно Лисиче” бр.07-44/4-19, донесена од Советот на општина Кисела Вода на 28 март 2000 година, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.8/2000;

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за месна заедница “Вардар” бр.07-44/4-6 (07-53/11) донесена од Советот на општина Кисела Вода на 28 март 2000 година, а објавена во “Службен гласник на град Скопје” бр.8/2000.

3. Снежана Лешкоска и Славица Бунтевска-Стојанова од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуките означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорените одлуки не биле во согласност со член 20 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, затоа што со нив била извршена измена и дополнување само на одредбите за спроведување на плановите, а не и на графичките прилози на деталните урбанистички планови поради што постоела неусогласеност меѓу овие делови од плановите.

4. Судот на седницата утврди дека оспорените одлуки за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на деталните урбанистички планови се донесени на ист датум 28 март 2000 година, имаат различен деловоден број и секоја од нив се однесува за конкретна месна заедница, населба или урбана единица.

Понатаму, Судот утврди дека секоја од оспорените одлуки има по 3 члена. Со првиот член фактички се констатира дека се извршени измени и дополнувања на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за соодветната месна заедница, населба или урбана единица.

Со членот 2, во секоја од одлуките е утврдено дека текстуалниот дел на одредбите за спроведување на плановите е составен дел на Одлуките кој не се објавува, а се чува во Министерството за урбанизам и градежништво – Подрачна единица Кисела Вода.

Со членот 3, пак, на секоја од одлуките е предвидено дека одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на град Скопје”.

Понатаму, Судот утврди дека според текстуалниот дел на секоја поединечна одлука, во зависност од месната заедница, урбаната единица или населбата се уредуваат прашања за коефицинетот на искористување на земјиштето (кое за станбени објекти и комплекси може да изнесува 1,5, за станбено деловни или комплекси до 1,8 во зоните со деловна содржина и индустрија до 2,5 и во централните градски подрачја до 3,0), можноста да се изврши одделување на предвидените двокуќи со спогодба на сопствениците, можност за огранување на урбанистичките парцели наменети за живеење и висината на оградите; можноста во урбанистичкиот план да се применуваат и предвидат три групи на паркиралишта чиј број се определува во зависност од големината на станбениот или деловниот објект; стандардите и нормативите за објектите за домување и јавните објекти, одредби со кои се утврдуваат случаите во кои делови објектот може да отстапува од градежната линија во вертикална и вон вертикална рамнина, можност од надградба на колективните објекти и можноста за формирање на мансардни станови.

Судот, исто така, утврди дека нацрт-одлуките за изменување и дополнување на одредбите за спроведување на деталните урбанистички планови за месните заедници, населби или урбани единици се изготвени од Подрачната единица на Министерството за урбанизам и градежништво, а нивни предлагач бил повереникот на Владата кој што ги вршел работите на градоначалник на општината.

По предметните нацрт-одлуки е дадено позитивно мислење од главниот архитект на Град Скопје под бр.18а 458/1 од 27 март 2000 година.

Стручната ревизија на Нацртот на одлуките е извршена од страна на Институтот за просторно планирање, урбанизам, сообраќај и екологија на Македонија ‘’ИН-ПУМА’’ Скопје, кој има овластување за вршење на стручна ревизија.

Судот, исто така, утврди дека со Заклучок бр.07-32/3 од 7 март 2000 година, Советот на општина Кисела Вода ги усвоил Нацрт-одлуките за изменување и дополнување на Одредбите за спроведување на деталните урбанистички планови за Црниче У.Е. 61, нас. Драчево, нас. Острово (У.Е. 19-а и 19-б – Аеродром), МЗ Бирарија, МЗ Вардар У.Е.66, МЗ Вардар, Реонски центар Аеродром, У.Е. 19-а и 19-б (нас. Јане Сандански) – Аеродром, Југоисточна индустриска зона, У.Е. 18 Аеродром (стар дел), У.Е. 19-Ц нас. Ново Лисиче (Аеродром), МЗ Цветан Димов ИИ, нас. 11 Октомври-бараки, нас. Пинтија, нас. Мите Богоевски, нас. Лисиче-бараки, МЗ Цветан Димов-Славија, МЗ 11 Октомври (тврда градба) и нас. Горно Лисиче.

Во врска со нацрт-одлуките, Советот заклучил да се спроведе јавна анкета која ќе трае 15 дена од денот на објавувањето во јавните гласила.

Соопштението за организирање јавна анкета било објавено во весникот “Дневник” од 11 март 2000 година во кој, меѓу другото, било предвидено дека јавната анкета ќе се спроведе со излагање на нацрт – одлуката во просториите на месните заедници и ќе трае 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица доставуваат писмени забелешки на анкетни листови.

За спроведување на јавната анкета за секоја нацрт одлука бил составен извештај во кој е констатирано дека не е поднесен приговор, односно забелешка на ниеден анкетен лист и дека по нацртот треба да продолжи постапката за усвојување на предлог – одлука.

Предлог – одлуките за секое изменување и дополнување на одредбите за спроведување на деталните урбанистички планови за наведените месни заедници бил разгледан на седницата на Советот одржана на 28 март 2000 година, кога се донесени и одлуките, кои потоа се објавени во ‘’Службен гласник на град Скопје’’ бр.8/2000.

На 30 март 2000 година, Министерството за урбанизам и градежништво издало согласност за спроведување на измените и дополнувањата на Одредбите за реализација на деталните урбанистички планови, извршени со соодветните одлуки.

5. При оценувањето на уставноста и законитоста на оспорените одлуки Судот ги имаше предвид одредбите од член 8 и член 52 од Уставот на Република Македонија, како и одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање кои што важеле во времето на нивното донесување, а во однос на кои едновремено се оспоруваат и овие одлуки.

Имено, во член 8 од Уставот на Република Македонија меѓу темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија се утврдени и принципот на владеењето на правото, како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата на унапредувањето на животната средина и на природата.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Според член 11 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр. 4/1996, 28/1997 и 18/1999), деталниот урбанистички план содржи особено: план на намена на просторот и објектите, план на градежни парцели и површини за изградба на објекти определени со регулациони и градежни линии, максимална висина на објектите и други поблиски услови за изградба. Според овој член од Законот деталниот урбанистички план мора исто така да содржи и одредби за спроведување на планот, билансни показатели и соодветни графички прикази.

Според член 21-а од истиот закон, при изработување на просторен и урбанистички план задолжително се применуваат урбанистичките нормативи и стандарди за планирање на просторот, кои што ги донесува министерот надлежен за работите на урбанизмот.

Во однос на постапката за донесување на деталните урбанистички планови Законот пропишал неколку правила и тоа :

Во членот 17 од Законот е утврдено дека деталните урбанистички планови, како и сите други урбанистички планови, се изработуваат како нацрт и предлог на план.

По утврдувањето на нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува, односно организира јавна анкета, која, пак, согласно член 18 од Законот се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена (по измените на Законот од 2001 година овој рок е скратен на 10 дена), во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица доставуваат писмени забелешки на анкетни листови, до организаторот на анкетата.

За времето и местото на кое ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила.

За јавната анкета се изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки кој се доставува заедно со предлогот на планот на усвојување.

Во членот 20 од Законот, на кој се повикуваат подносителите на иницијативата, утврдено е дека измените и дополнувањата на урбанистичките планови се врши по иста постапка пропишана за нивно донесување, доколку со овој закон не е поинаку определено.

Според член 22 став 6 и 7 од Законот, урбанистичките планови можат да се спроведуваат по издавањето согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот, а плановите за кои не е издадена согласност, се сметаат дека не се донесени.

Тргнувајќи од наведените законски одредби, како и утврдената фактичка состојба, произлегува дека оспорените одлуки со кои се врши изменување и дополнување на одредбите за спроведување на деталните урбанистички планови како составен дел на планот се донесени по спроведување на севкупна постапка која е пропишана и за донесување на планот.

Меѓутоа, самиот факт дека со оспорените одлуки се вршат измени и дополнувања на одредбите за спроведување на деталните урбанистички планови, а не на планот и дека овие измени и дополнувања се однесуваат само на текстуалниот дел, а не и на графичкиот дел на планот, за Судот е доволен основ за сомневање во нивната согласност со Законот.

Имено, според мислењето на Судот, со оспорените одлуки формално и суштински е повреден Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Формално, најпрво затоа што Законот не познава донесу-вање и изменување на дел на урбанистички план, туку само донесу-вање и изменување на план. Оттука, со оглед дека одредбите за спроведување на планот сами за себе не постојат, туку се дел од деталниот урбанистички план, тие и не може посебно, односно одвоено да се изменуваат и дополнуваат, како што е направено во конкретниот случај, туку може да се вршат измени и доплонување на урбанистичкиот план во тој дел.

Второ, имајќи предвид дека според Законот, деталниот урбанистички план содржи графички и текстуален дел, според Судот не е можно овие делови да се одделуваат, бидејќи по правило нумеричките показатели во текстуалниот дел засегаат и податок во графичкиот дел. Тоа, со други зборови би значело дека при секои изменувања и дополнувања на планот, планот мора содржински да ги има и сите прилози, односно делови на оргиналниот план што се менува и дополнува, што не е така во конкретниот случај.

Како повреди на Законот од суштинска природа што се направени со оспорената одлука, според Судот се следните:

Со текстуалниот дел на оспорените одлуки, кој е нивни составен дел, се навлегува во другите делови, конкретно во графичкиот дел на планот. Ова од причина што параметрите, односно нормативите и стандардите утврдени во текстуалниот дел се практично единствени нумерички параметри кои непосредно се однесуваат на физичките параметри на секоја градба и се уредуваат во графичкиот дел на планот.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај со оспорените одлуки не се извршени измени и на графичкиот дел на деталните урбанистички планови, фактички постои неусогласеност на податоците меѓу текстуалниот и графичкиот дел на планот, односно овие податоци меѓусебно се спротивставени.

Од друга страна, стандардите и параметрите за коефици-ентот на искористување на земјиштето и процентот на изграденост на локацијата утврдени во Правилникот за стандарди и нормативи за планирање на просторот се користат при планирањето и важат за изготвувачот на планот, а не за органите што го спроведуваат планот, поради што тие и не можат да бидат предмет на уредување со одредбите за спроведување на планот.

Понатаму, со текстуалниот дел на оспорените одлуки всушност се врши делегирање на правото на планирање од Советот на општината Кисела Вода, на подрачната единица на Министерството за урбанизам бидејќи се допушта планираните габарити на објектите, во графичките прилози на планот да се менуваат со урбанистички проект, а се допушта и бројот на објекти на една парцела да се планира со урбанистички проект, наместо со планот. Тоа практично значи дека на овој начин се утврдуваат нови услови за градба кои не се содржани во ниеден дел од деталниот урбанистички план, односно ниту во неговиот текстуален, ни графички дел, што од друга страна пак значи да се гради надвор од уставните и законските рамки за планирање на просторот.

Со оглед на тоа што со оспорените одлуки, преку изменување и дополнување само на одредбите за спроведување на деталните урбанистички планови за соодветните месни заедници, населби или урбанистички единици се овозможува органот на управата надлежен за работите на урбанизмот при издавање на услови за градба да врши измена на урбанистички план надвор од законски утврдената постапката, Судот смета дека индиректно се повредуваат и уставно утврдените темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, како што се принципот на владеењето на правото, уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, што се операционализира и остварува на начин и постапка утврдени во Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Понатаму, околноста што оспорените одлуки влегле во сила со денот на донесувањето, а не по нивното објавување, според Судот претставува уште еден основ за сомневање за нивната согласност со Уставот.

6. Имајќи ги предвид наведените причини пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорените одлуки со Уставот и со одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање кои важеле во времето на нивното донесување.

7. Судот на седницата утврди дека со Одлука У.бр.8/2003 од 2 јули 2003 година ја укинал Одлуката за измена и дополнување на одредбите за спроведување на Деталниот урбанистички план за месна заедница “Вардар” бр.07-53/11 донесена од Советот на општина Кисела Вода на 28 март 2000 година.

Во постапката по оваа иницијатива Судот утврди дека освен наведениот број укинатата одлука има и број 07-44/4-6 под кој број сега се оспорува.

Бидејќи се работи за идентична одлука со два броја, Судот одлучи иницијативата во делот со која се оспорува одлуката под број 07-44/4-6 да ја отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Судот утврди дека и другите оспорени одлуки имаат по два различни броја.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.170/2003
16 јуни 2004 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова