169/2007-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јануари 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на

а) уставноста на член 69 став 1, во делот: „критериуми за склучување на договори со здравствените установи“ и алинеја 5 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 119/2005, 37/2006, 18/2007 и 36/2007), и

б) уставноста и законитоста на член 1, во делот: „критериумите за склучување на договори со здравствените установи и“, член 2, член 3, член 4, член 6, член 7, член 8 и член 9 од Правилникот за начинот на плаќањето на здравствените услуги во примарната здравствена заштита, донесен од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.48/2001, 31/2003, 137/2006 и 25/2007).

2. Владимир Бангиевски, адвокат од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точка 1 под а) од ова решение и на уставноста и законитоста на актот означен во точка 1 под б) од ова решение.

Според наводите во иницијативата, критериуми за склучување на договори со здравствените установи и други критериуми можеле да се утврдуваат само со закон, а не и со подзаконски акт. Имено, во услови кога законот не содржел никакви критериуми врз основа на кои Фондот ќе ги утврди критериумите за склучување на договори со здравствените установи, според иницијативата, утврденото овластување на Фондот во оспорениот член 69 од Законот, не било во функција на операционализација на законските одредби заради нивно извршување, туку тоа водело кон утврдување на права и обврски на граѓаните и правните лица со подзаконски акт со што се повредувал членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 34, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 91 алинеи 1 и 5, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија. Оттука, со Правилник (подзаконски акт) не можело да се утврдуваат критериумите за склучување на договори со здравствените установи, кое било во спротивност и со член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Со оспорениот член 2 од Правилникот, според наводите во иницијативата, се вршело толкување што се подразбира под здравствени услуги, во примарната здравствена заштита (услуги) кое согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот било во надлежност само на Собранието на Република Македонија.

Со оспорениот член 3 од Правилникот, исто така, била направена грешка од уставно-правен аспект, кога предвидувал дека основните здравствени услуги се регулирале со посебни подзаконски акти. Ова од причини што ваква упатна одредба можело да се предвиди само со закон, а не и со подзаконски акт.

Со категоризацијата во членот 6 од Правилникот, според иницијативата, се утврдувала нееднаквост на граѓаните при определувањето на поените за основната капитација за осигурено лице во зависност од возраста и полот на осигуреното лице и се воведувала категоризација на граѓаните, со што се повредувало начелото на еднаквост – член 9 од Уставот.

Поради горените причини, со оспорените одредби од Правилникот се повредувале член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 9, член 34, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 95 став 3 и член 96 од Уставот на Република Македонија, член 72 од Законот за здравственото осигурување (пречистен текст) член 55 став 2, член 56 став 1 и член 61 став 2 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека според член 69 од Законот за здравственото осигурување фондот со општ акт, утврдува критериуми за склучување на договори со здравствените установи и начинот на склучување на договорите и за начинот на плаќањето на здравствените услуги според:

– бројот на осигурените лица во примарната здравствена заштита;
– утврдените цени на здравствените услуги;
– програмите за одделни видови здравствена заштита, односно услуги;
– утврдените средства во буџетот на фондот по намени, и
– други критериуми (оспорен дел).

Оспорениот Правилник за начинот на плаќањето на здравствените услуги во примарната здравствена заштита донесен од Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија содржи 16 члена, но со иницијативата се оспорени членот 1, во делот: „критериуми за склучување на догооври за здравствените установи и“, како и членовите 2, 3, 4, 6, 7, 8 и 9.

Со членот 1 од Правилникот се утврдува дека со овој правилник се утврдуваат критериумите за склучување на договори со здравствените установи и начинот на плаќање на здравствените услуги кои здравствените установи ги даваат на осигурените лица во примарната здравствена заштита на товар на средствата за задолжително здравствено осигурување на Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Според членот 2 од истиот правилник под здравствени услуги во примарната здраввствена заштита, чиј начин на плаќање се регулира со овој правилник, се сметаат а) основните здравствени услуги во примарната здравствена заштита од член 9 став 1 под а) точките 1, 2, 4, 5, 6 и 8 од Законот за здравственото осигурување и членовите 23 и 28 од Правилникот за содржината и начинот на остварувањето на правата и обврските од задолжителното здравствено осигурување кој се обезбедуваат за осигурените лица кои се задолжително здравствено осигурени во Фондот и б) здравствените улсуги од примарната здравствена заштита кои се опфатени со определени програми.

Според член 3 од Правилникот за обезбедување на здравствени услуги во примарната здравствена заштита на осигурените лица, Фондот склучува договори со здравствените установи кои вршат примарна здравствена заштита ако:

– укажува здравствени услуги што се во рамките на дејноста за која е регистрирана и за која има дозвола согласно Законот за здравствена заштита;
– постојат услови за вршење на соодветната дејност (простор, опрема, кадар и сл.);
– се вклопува со потребите на населението на подрачјето на здравствената установа;
– се платени придонесите за задолжителното здравствено осигурување;
– негува добри деловни односи.

Договорите од став 1 Фондот ги склучува во рамките на утврдените буџетски средства за таа намена, по доставена понуда за склучување на договор придружена со потребна документација, со важност на договорот за тековната година.

Според член 4 од Правилникот, појдовни критериуми за определувањето на надоместокот за плаќањето на услугите од член 2 на овој правилник се:

1. планираните средства за примарна здравствена заштита што се остваруваат од придонесите за задолжителното здравствено осигурување;
2. бројот и структурата на населението според пол и возраст и бројот и структурата на потребите од услуги утврдени во претходните години;
3. целите што треба да се постигнат во однос на резултатите од извршената работа од страна на избраниот лекар;
4. дополнителни стимули за давање на услуги на населението кое живее во оддалечени краеви и во руралните подрачја.

Според член 6 од истиот правилник, основната капитација за осигурени лице фондот ја определува во зависност од возраста и полот на осигуреното лице, помножен со основните поени за секоја од овие категории и тоа: за деца до 6 години на возраст 3.1 поен, за деца постари од 6 и помлади од 18 години 1.2 поени, за возрасни над 18 години и помлади од 34 – 1.0 поен, за возрасни над 34 години и помлади од 65 години – 1.6 поени, за возрасни постари од 65 години – 3.7 поени и за женската популација на возраст над 14 години до крајот на животот за гинеколошко – акушерска ПЗЗ – 0.67 поени.

Основните поени од ставот 1 на овој член се утврдени врз основа на хронолошките потреби и предвидувањата базирани на медицинските докази во секојдневната пракса, како и прилагодувањата кои ќе се направат за да се избалансираат приоритетите во спроведувањето на превенцијата, заштитата на акутни здравствени проблеми, грижа за незаразни заболувања и други утврдени цели.

Вредноста на поените од став 1 на овој член ги утврдува фондот врз основа на планираните приходи утврдени со Буџетот на Фондот.

Во зависност од бројот на остварените поени вредноста на поенот се пресметува на следниот начин:

1. до 2500 поени 100% од утврдената вредност на поенот;
2. за секој нареден поен од 2501 до 3500 поени, 70% од утврдената вредност на поенот;
3. за секој нареден поен од 3501 до 4500 поени, 45% од утврдената вредност на поенот;
4. за секој нареден поен од 4501 поени, 30% од утврдената вредност на поенот.

Основната капитација за секое осигурено лице Фондот ја плаќа на здравствената установа на избраниот лекар.

Според членот 7, пак, од овој Правилник капитацијата по основ на оддалеченост се обезбедува за осигурените лица на кои најблиската лекарска ординација е во селски населби кои се тешко пристапни, врз основа на список на тие населени места определен од Фондот и тоа:

а) за многу тежок пристап поените се зголемуваат за 10%;
б) за тежок пристап поените се зголемуваат за 5%.

За осигурените лица кои избрале да користат услуги во лекарска ординација подалеку од најблиската, се обезбедува само основна капитација.

Според член 8 од овој Правилник во оддалечените рурални места определени од Фондот со само еден лекар во примарна здравствена заштита, ако износот на капитација е помал од 1700 поени, Фондот го зголемува износот на капитацијата по основ на рурални подрачја до 1700 поени.

Доколку во руралните места определени од Фондот се јават повеќе лекари, се плаќа по капитација според бројот на осигурените лица што го избрале.

Според член 9 од истиот Правилник Фондот на здравствената установа на избраниот лекар и плаќа 70% од надоместокот за капитација утврден согласно член 6, 7 и 8 од овој правилник, како надоместок за трошоците за:

1. одржување на ординацијата и опремата по соодветни стандарди;
2. обезбедување континуирана примарна здравствена заштита за акутните случаи во текот на 24 часа секој ден за осигурените лица кои избрале лекар во здравствената установа;
3. плаќање на лекарите, медицинските сестри, административниот и помошниот персонал;
4. патување до и од местото каде што живеат осигурените лица за обезбедување медицински третман кога тоа име потребно на осигурените лица;
5. одржување на неопходната медицинска опрема;
6. водење на компјутерска евиденција и доставување на податоци и извештаи до Фондот и заводите за здравствена заштита;
7. потрошни материјали и комунални такси и
8. други вообичаени трошоци.

4. Според член 39 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Граѓаните имаат право и должност да го чуваат и унапредуваат сопственото здравје и здравјето на другите.

Имајќи го предвид член 39 од Уставот, со кој на секој граѓанин му се гарантира право на здравствена заштита, според Судот право е на државата, односно законодавецот да ги определи условите, начинот и средствата за задоволување на здравствените потреби на граѓаните, односно да ја вреднува општествената целисходност на едно или друго решение и да создаде нормативна претпоставка за остварување на уставно загарантираните права на здравствена заштита.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Од наведените уставни одредби произлегува дека здравствената заштита на граѓаните се обезбедува преку систем на здравствено осигурување како дел од социјалното осигурување во поширока смисла и дека правата што произлегуваат од тоа се уредуваат со закон и со колективен договор.

Со Законот за здравственото осигурување покрај другото е определен кругот на правата од здравствено осигурување, односно основните здравствени услуги кои осигуреното лице може да ги оствари на товар на средствата на здравствено осигурување. Имено, според член 9 од наведениот закон основните здравствени услуги осигуреното лице може да ги остварува во:

а) Во примарната здравствена заштита која опфаќа здравствени услуги заради утврдување, следење и проверување на здравствената состојба, преземена на стручно медицински мерки и постапки за унапредување на здравствената состојба во примарната здравствена заштита:

1) здравствени услуги заради утврдување, следење и проверување на здравствената состојба;
2) преземање на стручно медицински мерки и постапки за унапредување на здравствената состојба, спречување и сузбивање и рано откривање на болестите и други нарушувања на здравјето;
3) укажување на итна медицинска помош, вклучувајќи и превоз со санитетско возило кога е тоа неопходно;
4) лекување во ординација, односно во домот на корисникот;
5) здравствена заштита во врска со бременост и породување;
6) спроведување на превентивни, терапевтски и рехабилитациони мерки;
7) превенција, лекување и санирање на болестите на устата и забите и
8) лекови според листата на лекови што со општ акт ги утврдува Фондот на кој министерот за здравство дава согласност;

б) во специјалистичко – консултативната здравствена заштита:

1) испитување и утврдување на заболувањата, повредите и здравствената состојба;
2) спроведување на специјализирани дијагностички, терапевтски и рехабилитациони постапки и
3) протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и забнотехнички средства според индикации утврдени со општ акт на Фондот на кој министерот за здравство дава согласност;

в) во болничката (краткотрајна и долготрајна) здравствена заштита:

1) испитување и утврдување на на здравствената состојба, лекување, рехабилитација, нега, сместување и исхрана во болнички услови;
2) лекови според листата на лекови што со општ акт ја утврдува Фондот на кој министерот за здравство дава согласност, како и помошни материјали кои служат за примена на лековите и санитетските и друг материјал потребен за лекување и
3) сместување и исхрана на придружник при неопрходно придружување на дете до тригодишна возраст, додека е на болничко лекување, но најмногу до 30 дена и

г) обдукција на умрени по барање на здравствени установи.

Фондот со општ акт поблиску ги определува начинот на остварувањето на правата на здравствени услуги, како и спроведување на здравствената заштита, на кој министерот за здравство дава согласност.

Според член 10 од наведениот закон со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени здравствените услуги:

1) естетски операции кои не се медицински индицирани;
2) користење на повисок стандард на здравствени услуги во болничката здравствена заштита над утврдените стандарди;
3) бањско климатско лекување;
4) медицинска рехабилитрација на дегенеративни заболувања според ошт акт утврдено од министерот за здравство, освен за деца до 18-годишна возраст;
5) лекови кои не се опфатени со листите на лекови од член 9 на овој закон;
6) протези, ортопедски и други помагала, помошни и санитетски справи и материјали и забнотехнички средства кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурувње или се изработени од надстандарден материјал;
7) општа нега, сместување и исхрана во геонтолошка установа;
8) специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги без упат од избраниот лекар;
9) прекинување на бременост, ако не е медицински индицирано;
10) лекување како последица на непридржување на упатствата од лекарот;
11) вештачко оплодување по трет неуспешен обид за оплодување;
12) издавање на сите видови лекарски уверенија;
13) набавка на нови протетски и ортопедски справи и други помагала пред утврдениот рок;
14) отрезнување и лекување од акутна алкохолизирана состојба, како и за намерни труења, кои не се предизвикани од душевни растројства;
15) лекување во странство, ако е во прашање заболување кое не може да се лекува во земјата и ако лекувањето е извршено без одобрение од Фондот, за дел од трошоците кои се повисоки од трошоците на соодветните услуги од основните здравствени услуги во земјата;
16) лекување кое е последица на кривично дело или прекршок што го сторил самиот осигуреник;
17) прегледи, испитувања и упатувања до надлежниот орган за оценување на работната способност, според прописите за пензиското и инвалидското осигурување и според прописите за социјалната и детска заштита, кога тие се вршат по барање на осигуреникот, работодавецот или друг орган;
18) незадолжително вакцинирање;
19) лекување, односно рехабилиртација од болести на зависност над 30 дена;
20) прегледи на умрени и обдукција по барање на надлежни органи или граѓани;
21) здравствени прегледи на вработените кои се упатуваат на работа во странство од страна на работодавците, како и прегледите и превентивните мерки на здравствена заштита за патување во странство;
22) лекување од последици на третман од надрилекари или употреба на надрилекарства и
23) други здравствени услуги кои според овој закон не паѓаат на товар на средствата на Фондот.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и колективен договор, а според став 1 на член 35 Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Од наведеното произлегува дека Уставот ја прокламира грижата на Републиката за социјална заштита и социјална сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Според член 53 од Законот за здравствено осигурување за спроведување на правата и обврските од задолжително здравствено осигурување се основа фонд за здравствено осигурување. Фондот врши дејност од јавен интерес и врши јавни овластувања утврдени со наведениот закон.

Во членот 56 од наведениот закон е определен делокругот на работа на Управниот одбор (орган кој управува со Фондот) во кој, меѓу другото, е предвидено дека Управниот одбор на Фондот ги донесува општите акти предвидени со овој закон.

Во член 69, пак, е предвидено дека Фондот со општ акт утврдува критериуми за склучување на договори со здравствените установи, за начинот на плаќањето на здравствените услуги и тоа според бројот на осигурените лица во примарната здравствена заштита, утврдените цени на здравствените услуги, програмите за одделни видови здравствена заштита односно услуги и други критериуми.

Од анализата на цитираните законски одредби, според Судот произлегува дека Фондот е овластен со општ акт да ги утврди критериумите за склучување на договори со здравствените установи за пружање на здравствени услуги на осигурените лица и да го утврди начинот на плаќањето на здравствените услуги кои паѓаат на товар на Фондот.

Притоа Законот глобално определува три можни начини на плаќање на здравствени услуги:

1. според бројот на осигурените лица кои избрале свој лекар во примарната здравствена заштита (капитација).
2. според утврдени цени на здравствени услуги.
3. според програмите за определени видови здравствени услуги.
4. според утврдените средства во Буџетот на Фондот по намени.
5. според други критериуми утврдени со општ акт на Фондот, а кои се однесуваат на итната медицинска помош за цело население, патронажните посети на бремени жени и бебиња, без оглед дали се осигурени, обезбедување континуирана здравствена заштита на одредено подрачје во текот на 24 часа во денот и во деновите на празници и викенди, неопходен превоз со специјално санитетско возило и слично.

Наводите во иницијативата дека Законот не содржи никакви критериуми врз основа на кои Фондот ќе ги утврди критериумите за склучување на договори со здравствените установи според Судот се неосновани од причина што токму со членот 69 од законот се дава законската рамка и глобално се определуваат можните начини (критериуми) за склучување договори со здравствените установи, а Фондот се овластува со подзаконски акт да ја доразработи и операционализира законската одредба заради нејзино извршување.

Со членот 56 од законот се утврдува делокругот на работа на Управниот одбор на Фондот, во рамките на кој спаѓа и носењето на општите акти.

Со член 9 став 2 од Законот за здравственото осигурување каде што е предвиден основниот пакет на осигурениците утврдено е дека основните здравствени услуги од став 1 на овој член Фондот ги обезбедува на осигурениците во здравствени установи со кои склучил договор. Дека Фондот е овластен да склучува договори со здравствените установи кои вршат соодветна дејност упатува и делот од одредбата на овој член каде што Фондот се јавува како „купувач на здравствени услуги“ („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2007) каде што недвосмислено во сите законски одредби на Законот за здравственото осигурување е определено дека Фондот има овластување да склучува договори со здравствените установи, врз основа на член 69 од Законот заради обезбедување на здравствените услуги предвидени во Законот за осигурените лица.

Исто така, со член 54 од Законот, одредба со која е утврден делокругот на работа на Фондот, во став 1 точка 9 една од основните функции на Фондот е обезбедување на основниот пакет на здравствени услуги предвидени во член 9 определува дека Фондот договара обезбедување на здравствени услуги на осигурените лица со здравствените установи, според нормативи и стандарди базирани врз основа на усвоена медицинска доктрина за ефикасна и рационална здравствена заштита.

Согласно член 54 точка 4, 5 и 9 од Законот за здравственото осигурување во делокругот на работата на Фондот е обезбедувањето и остварувањето на права од задолжителното здравствено осигурување, плаќањето на здравствените услуги на осигурените лица на здравствените установи кои ги обезбедуваат здравствените услуги и договарањето на здравствените услуги на осигурените лица.

Со член 70 од Законот е определено дека Фондот склучува договори со здравствените установи и дека со договорите се уредува видот, обемот, квалитетот и роковите за остварување на здравствената заштита, односно здравствените услуги, начин на пресметување и плаќање на здравствените услуги, причините и условите под кои може да се раскине договорот.

Според напред наведените законски одредби Судот оцени дека Законот содржи одредби за склучување на договори и овластување на Фондот да склучува договори и аналогно на тоа содржи и основни критериуми (елементи) врз основа на кои се надоградени и доразработени критериумите за склучување на договори утврдени со подзаконски акт на Фондот кои напред се наведени.

Критериумите кои се утврдени со подзаконските акти на Фондот според Судот се во смисла на операционализација на законската одредба и спроведување на здравствената заштита во здравствените установи со цел на организиран начин да се обезбеди пружање на здравствената заштита, евиденција за пружената услуга и на крај одговорност за нестручна и нецелосна здравствена заштита. Во случај на непостоење на договори, Министерството за здравство и Фондот би немале никаква евиденција кој пружа здравствена заштита (кој лекар) во која здравствена установа, примена терапија и воопшто потреба од укажување на здравствена заштита.

Според напред наведеното, недвосмислено е дека со член 69 од Законот се наведени критериуми – елементи за склучување на договори со здравствените установи и тоа се точно наведени како што се според: број на осигурани лица во примарна здравствена заштита, утврдени цени на здравствени услуги, програми за одделни видови на здравствена заштита, утрдени средства во Буџетот на Фоднот по намени и други критериуми.

Во однос на иницијативата на оспорениот член за алинеја 5 каде што е наведено „други критериуми“ Судот оцени дека Законот остава можност Фондот со подзаконскиот акт со кој ги утврдува посебните критериуми да утврди и дополнителни критериуми во рамките на претходно наброените од оспорениот член.

5. Што се однесува до наводите во иницијативата по однос на оспорените членови од Правилникот за начинот за плаќање на здравствените услуги во примарната здравствена заштита, Судот утврди дека се неосновани. Ова од причина, што со оспорениот Правилник, односно членот 1 во оспорениот дел и членовите од 2 – 9 од Правилникот се врши само доразработка на законската одредба на членот 69 од Законот за здравственото осигурување.

Имено, со член 2 од Правилникот регулирано е кои здравствени услуги од примарната здравствена заштита се плаќаат по капитација, а тоа се здравствени услуги кај избраниот лекар од дејноста општа медицина, медицина на труд, училишна медицина, педијатрија и гинекологија.

Со оспорениот член 2 од Правилникот не се врши толкување на поимите што се подразбира под здравствени услуги во примарна здравствена заштита како што се тврди во иницијативата бидејќи во член 9 став 1 под а) од Законот за здравствено осигурување таксативно се наброени здравствените услуги од примарна здравствена заштита и Законот определува кои здравствени услуги се на примарно ниво како што се здравствени услуги за утврдување, следење и проверување на здравствена состојба и друго.

Исто така, Законот за здравствена заштита како lex specijalis го определува нивото на примарна здравствена заштита, а со оспорениот член 2 од Правилникот не се врши толкување на услугите од примарно ниво туку во членот 2 се определени кои услуги од примарна здравствена заштита се плаќаат со капитација според овој Правилник.

Со оспорениот член 3 од Правилникот се утврдува дека примарната здравствена заштита за превенција, лекување и санирање на болести на уста и заби во примарната стоматологија се регулира со посебен подзаконски акт и тоа Правилник за начин на плаќање на здравствени услуги во примарна стоматолошка здравствена заштита каде што исто така бидејќи станува збор за примарна стоматолошка заштита која ја пружа избраниот стоматолог се плаќа по капитација.

Со оспорениот член 4 од Правилникот утврдени се критериуми за определување на надоместокот за плаќањето на услугите (капитацијата) односно се одредени елементите врз основа на кои се пресметува надоместокот за осигуреното лице – капитација по поени според возрасната група.

Во член 5 кој не е оспорен предвидено е дека плаќањето на услугите на здравствената установа на избраниот лекар во примарна здравствена заштита се врши со склучување на договор според бројот на осигурените лица кои го избрале матичниот лекар.

Според Судот неосновани се наводите на иницијативата за оценување на уставност и законитост на член 6 од Правилникот во кој се предвидени основните поени кое секое осигурено лице во зависност од возраста ги има и во зависност од полот на осигуреното лице.

Наводите на подносителот на иницијативата дека со член 6 од Правилникот се прави дискриминација помеѓу вработените во примарна здравствена заштита и нееднаквост на граѓаните со одредување на поени за основна капитација во зависност од возраст и пол на осигурените лица и дека со тоа се повредува начелото на еднаквост на граѓаните според член 9 од Уставот, според Судот, се неосновани од следните причини:

Основните поени според Правилникот за капитација за одредена категорија на осигурени лица според став 2 на член 6 се утврдени врз основа на хронолошки потреби и предвидувања базирани на медицински докази во секојдневна пракса, приоритети во спроведување на превенција, заштита на акутни здравствени проблеми, грижа за незаразни заболувања и други утврдени цели.

Потребата од утврдувањето на основните поени по осигурено лице е резултат на пружената здравствена заштита според медицинската доктрина и статистичките податоци од Републичкиот завод за здравствена заштита за потребата од лекувањето на одредена возрасна категорија, зачестеноста од прегледите и друго.

Според тоа, со оспорениот член 6 не е создадена никаква дискриминација на граѓаните во смисла на повреда на член 9 од Уставот ниту е создадена нееднаквост на граѓаните при определување на поените на основната капитација бидејќи од напред наведеното се гледа дека почестата потреба од здравствена заштита се јавува кај возрасната категорија и кај децата која доведува до често одење на лекар, поголеми трошоци на здравствената установа и разлика во основните поени при капитацијата.

Извршената категоризација на возрасните групи кај основната капитација не е пречка за остварување на правата од здравственото осигурување ниту пак претставува отежнителна околност за остварување на овие права.

Во оспорените членови 7 и 8 од Правилникот е предвидено исплата на капитација по основ на оддалеченост и по основ на руралност која се однесува на здравствени установи кои се наоѓаат во рурални подрачја каде што е определен посебен стимул со признавање на 1.700 поени без оглед на бројот на осигурениците, со цел да се обезбеди здравствена заштита и во најодалечените места во Републиката.

Со оспорениот член 9 од Правилникот се предвидува кои трошоци од здравствената установа се покриваат со надоместокот – капитацијата, а тоа се одржување на ординација и опрема, континуирана здравствена заштита, плаќање на медицински тим (лекар, сестра), патни трошоци, административни трошоци, потрошни и други материјали и комунални такси и на тој начин при пресметката на вредноста на основниот поен на капитација се земени во обзир сите трошоци за пружената здравствена услуга.

Оттука, Законот за здравственото осигурување според Судот не прави разлика дали Фондот ќе склучи договори за обезбедување на здравствените услуги со јавни или приватни здравствени установи.

Имено, начинот на утврдување на надоместокот за извршените здравствени услуги се одредува во договор со здравствените установи кои го потпишува Фондот и здравствената установа, и истото е во негова надлежност.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, а по однос на членовите 3 и 6 од Правилникот решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.169/2007
30 јануари 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски