169/2004-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 јануари 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на точката 6.5. од Одлуката за добивање на дозвола за вршење на услуги брз трансфер на пари, донесена од Советот на Народната банка на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/2004).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на одредбата од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата Одлуката во оспорената точка предвидувала правните последици да настапуваат по сила на Одлуката со која се предвидени, а не како последица од конкретна осуда што се состои во забрана за стекнување определени права најдолго 10 години од денот на издржаната, простената или застарената казна.

Потоа, во иницијативата се наведува дека со оспорената точка од Одлуката се предвидувало спротивно на членот 106 став 5 од Кривичниот законик да се доставува доказ дека против одговорното лице и вработените не била изречена мерка на забрана за вршење на професија, дејност или должност и дека не се осудувани за кривично дело од областа на финансиите, а според законот таков доказ никој нема право да бара од граѓаните.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената точка од Одлуката како несогласна со повеќе одредби од Уставот, и тоа член 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 51, член 54 став 1 и член 98 став 1 и 2, и за оценување на законитоста на оспорената одредба како несогласна со Кривичниот законик.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за добивање на дозвола за вршење на услуги брз трансфер на пари, донесена од Советот на Народната банка на Република Македонија, во делот ИИ – “Вид и начин на доставување на документација и постапка за добивање на дозвола”, во точката 5 определила дека трговско друштво за да добие дозвола за вршење на услуги брз трансфер на пари, до Народната банка доставува комплетно барање кое во прилог ја содржи потребната документација за исполнување на условите од член 6 и член 7 од Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари.

Во точката 6 од Одлуката е определено што треба да содржи потребната документација за исполнување на условите од член 6 од Законот, и меѓу другото во оспорената точка 6.5. во Одлуката е наведено дека е потребно да има “писмен доказ од надлежни органи дека против одговорното лице и вработените кои ќе ги извршуваат услугите брз трансфер на пари не е изречена мерка на забрана за вршење професија, дејност или должност и не е изречена правосилна судска пресуда за кривично дело од областа на финансиите”.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според одредбите од Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари (“Службен весник на Република Македонија” бр.77/2003), брз трансфер на пари е електронски пренос на пари од едно физичко лице од една земја на друго физичко лице во друга земја во рок од 1 час од уплатата, независно дали преносот е од или кон Република Македонија, при што приливот и одливот се врши преку банка.

Давател на услуга брз трансфер на пари е трговско друштво регистрирано во Република Македонија кое од Народната банка добило дозвола за вршење брз трансфер на пари во согласност со овој закон. Трговското друштво може да добие дозвола од гувернерот на Народната банка за вршење на оваа дејност доколку ги исполнува условите определени во членот 6 од Законот и тоа:

1) да е регистрирано во регистарот на трговски друштва за вршење помошни активности во финансиско посредување;
2) да располага со соодветен деловен простор, техничка опременост и информативен систем;
3) да обезбеди соодветна заштита и обезбедување на паричните средства, имотот и вработените;
4) да не е отворена стечајна или ликвидациона постапка;
5) против одговорното лице и вработените кои ќе ги извршуваат услугите на брз трансфер на пари да не е изречена мерка на безбедност забрана за вршење професија, дејност или должност и да не е изречена правосилна судска пресуда за кривично дело од областа на финансиите и
6) да има овластување во форма на договор од овластен глобален систем за електронски трансфер на пари.

Според членот 7 точка 1 од Законот, трговското друштво за добивање дозвола за вршење на услуга брз трансфер на пари до Народната банка доставува писмено барање. Со барањето задолжително се доставуваат документи, односно информации со кои се потврдува исполнувањето на условите од член 6 на овој закон.

Според членот 8 од Законот, Народната банка со одлука поблиску ги пропишува условите од член 6 точка 2 и 3 на овој закон и процедурите од член 7 точка 2 на овој закон и ги пропишува видот и начинот на доставување на документацијата, информациите и податоците од член 7 на овој закон и постапката за нивно оценување и контрола.

Врз основа на изнесениве законски одредби, Советот на Народната банка на Република Македонија ја донел Одлуката за добивање на дозвола за вршење на услуги брз трансфер на пари, во која е предвидена и оспорената точка 6.5.

Поаѓајќи од изнесениве уставни и законски одредби произлегува дека врз основа на членот 8 од Законот, Народната банка на Република Македонија имала правен основ за донесување на Одлуката, во која меѓу другото со оспорената точка 6.5. поблиску се уредени прашањата пропишани со членот 6 точка 5 и членот 7 точка 1 од Законот, а кои со Решение на Судот У.бр.15/2004 од 20 октомври 2004 година е оценето дека се во согласност со Уставот.

Оспорената точка 6.5. од Одлуката, согласно членот 6 точка 5 и членот 7 точка 1 од Законот, го определува конкретно наведениот доказ да биде содржан во документацијата на трговското друштво кое бара дозвола од Народната банка за вршење на предметната дејност, исклучиво како акт на операционализација на условите утврдени со Законот. Законски определените услови диктираат определени права и обврски, меѓутоа, оспорената одредба од Одлуката не утврдува права и обврски, туку го уредува нивното спроведување.

Што се однесува до согласноста на оспорената одредба од Одлуката со членот 106 точка 5 од Кривичниот законик од кој произлегува дека не може да се бара од граѓаните да доставуваат докази за нивната осудуваност, Судот оцени дека доказот во оспорената одредба, кој е должен да го достави трговското друштво кон барањето до Народната банка, е во врска со кредибилитетот на правното лице за вршење на оваа специфична дејност и не е во функција на посебно докажување на осудуваност или неосудуваност на индивидуите во правното лице.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Одлуката се уредува начинот на реализацијата на условите утврдени со наведените одредби од Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари кои имаат уставен основ, Судот утврди дека Одлуката е во согласност со Законот, а со тоа и во согласност со членот 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.169/2004
19 јануари 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова