Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 71 и 28 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата од 22 ноември 1995 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 19 алинеја 3 и член 23 од Законот за санација и реконструкција на дел од банките во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.14/95).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/93).
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Славчо Малинов од Скопје му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што за трансформирањето на општествената сопственост, која била народна сопственост, можел да одлучува само народот по пат на референдум, а бидејќи при донесувањето на оспорените закони, кои регулирале прашања во врска со трансформација на сопственоста, таков референдум не бил спроведен, тие биле несогласни со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека со членот 19 алинеја 3 од За конот за санација и реконструкција на дел од банките во Република Македонија е предвидено дека покрај спроведувањето на процесот на санација на дел од банките според овој закон, реконструирањето на Стопанската банка АД Скопје опфаќа и разделување и приватизирање на Банката. Исто така, Судот утврди дека согласно членот 23 од овој закон, остатокот од Банката, по издвојувањето на дел или делови како самостојни банки ќе се приватизира така што најмалку 51% од нејзиниот акционерски капитал ќе биде сопственост на приватни инвеститори, под што, според ствот 2 на овој член од Законот, се подразбираат физички и правни лица со мнозинство на приватна сопственост (51% од основачкиот капитал).
5. Согласно член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост, а според ставот 3, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста или правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Имајќи го предвид изнесеното, а поаѓајќи од основната интенција на Уставот за изградба на граѓанско општество, кому општествената сопственост не му е иманентна, туку негова основна карактеристика е сопственоста како граѓанско правен однос, тој не може ни да ја гарантира општествената сопственост. Поради тоа, одредбите од членот 30 од Уставот се однесуваат исклучиво на сопственоста во граѓанско правна смисла на зборот.
Со други зборови, општествената сопственост нормативно не егзистира во Уставот на Република Македонија, туку претставува затечена категорија од поранешниот уставен поредок, така што обврската за нејзино трансформирање произлегува непосредно од самиот Устав на Република Македонија. Затоа, според член 7 од Уставниот закон за спорведување на Уставот, Собранието на Република Македонија беше овластено во рок од 6 месеци да донесе закон за начинот на трансформација на општествената сопственост.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека законодавното тело е овластено да ги утврди условите, начинот и формите на трансформирањето на општествената сопственост во некоја од сопственичките категории, па во таа смисла, законодавецот е слободен во изборот како на називот на законот така и на начинот на кој ќе се изврши трансформацијата на овој вид сопственост, поради што оцени дека не може основано да се постави прашањето за уставноста на алинеја 3 на член 19 и членот 23 од оспорениот закон.
6. Судот на седницата утврди дека со решение У.бр.170/93 од 20 април 1994 година и решенија У.бр.117/95, У.бр.168/95 и У.бр.172/95 не повел постапка за оценување уставноста на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал.
Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со оглед на тоа што оспорениот закон бил предмет на оценка пред Судот во целост, а нема основи за поинакво одлучување, Судот ја отфрли иницијативата за оценување на неговата уставност.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 на ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав претседателот н а Судот д-р Јован Проевски, судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.У.бр.169/95 и 335/95