168/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 септември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 7 став 1 точка 3 од Законот за државјанство на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.67/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија, Кочоски Марјанчо од Прилеп му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на оспорените одредби од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со нив се вршела дискриминација на лицата кои имаат физички или психички мани, а сакаат да стекнат државјанство на Република Македонија, односно за сите странски државјани, па и за државјаните на републиките од поранешна СФРЈ се барало доказ за психофизичката состојба, како што било постапено и со сопругата на подносителот на иницијативата, што не било во согласност со Уставот.
3. Судот, на седницата утврди дека во член 7 од Законот се определени условите за стекнување на државјанство со природување, односно услови за стекнување на државјанство на Република Македонија од страна на странци, при што во оспорената точка 3 од овој член е предвидено лицето што бара државјанство на Република Македонија да е психофизички здраво.
Во член 9 од Законот е предвидено странец кој се во брак со државјанин на Република Македонија најмалку една година и до поднесувањето на барањето законски престојува најмалку една година непрекинато на територијата на Република Македонија да може да со природување да стекне државјанство на Република Македонија иако не ги исполнува условите од член 7 став 1 точка 2, точка 6 и точка 8. Судот, исто така, утврди дека за државјаните на другите републики во поранешна СФРЈ и државјаните на поранешна СФРЈ, во член 26 став 3 од Законот се предвидени посебни услови, при што за нив спорниот услов од член 7 точка 3 не е предвиден.
4. Според член 4 став 1 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија имаат државјанство на Република Македонија, кое, согласно став 3 од овој член, се уредува со закон.
Тргнувајќи од изречното уставно овластување со закон да се уреди државјанството на Република Македонија, како и начелото на еднаквост на граѓаните, утврдено во член 9 од Уставот, Законот за државјанство на Република Македонија утврдува еднакви услови за стекнување и губење на државјанство на Република Македонија за сите граѓани на Републиката.
Според член 29 од Уставот, странците во Република Македонија уживаат слободи и права гарантирани со Уставот, под услови утврдени со закон и со меѓународни договори.
Имајќи ја предвид оваа уставна одредба, Судот оцени дека не постои уставна пречка со закон да се утврдат посебни услови под кои странец може да стекне државјанство на Република Македонија, а во тие рамки, како еден од условите да се предвиди лицето што бара државјанство, да биде психофизички здраво.
Со оглед на изнесеното Судот смета дека уставното начело на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот се однесува на граѓаните на Република Македонија, а странците-слободите и правата гарантирани со Уставот на Република Македонија ги уживаат под услови утврдени со закон и со меѓународни договори, што значи, дека за странците со законот можат да се предвидуваат посебни услови за стекнување на државјанство на Република Македонија, водејќи сметка за правата гарантирани со меѓународни договори.
Според Општата декларација за правата на човекот и други меѓународни акти, секој има право на државјанство и никој не смее самоволно да биде лишен од своето државјанство, ниту од правото да го промени своето државјанство. Определувањето на условите за здобивање и губење на државјанство на одредена држава е исклучиво право на самата држава, односно прописите за државјанство спаѓаат во исклучителна надлежност на секоја држава.
Со оглед на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената законска одредба.
Што се однесува до наводите во иницијативата дека за сопругата на подносителот на иницијативата, која била државјанка на република од поранешна СФРЈ, законот бил погрешно применет Судот, согласно член 110 од Уставот, не е нбадлежен да одлучува за тоа.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лазарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.