166/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 23 октомври 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Конкурсот за запишување студенти во прва година на факултетите на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во учебната 1996/97 година.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Марјан Марјановски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Според иницијативата во точката В од Конкурост биле предвидени две категории кандидати за запишување редовни студенти и тоа едни финансирани од државата и други кои во текот на целокупното студирање ги поднесувале трошоците за студирање. Понатаму, во иницијативата се наведуваат низа прашања како што се: зошто биле привилегирани само редовните студенти да можат да се запишуваат со школарина, а не и вонредните студенти; дали можело со Конкурсот да се воведува школарина или тоа требало да биде уредено со закон; дали било можно со Конкурсот да се предвиди дека основните правила за студирање на категоријата студенти со школарина се пропишуваат со посебен акт на универзитетската управа; дали можела факултетската управа со посебен акт да пропише дека студентите запишани во прва година со школарина, доколку покажат посебни резултати, во наредните учебни години да преминат во категоријата студенти што ги финансира државата; дали школарината можела да се определува со Конкурост или требало да биде пропишана со правен акт на државата; дали можело со Конкурост да се предвиди дека запишаните студенти со школарина склучуваат договор со факултетот за меѓусебните права и обврски во остварувањето на наставно-образовниот процес и во режимот на студирањето или тоа требало да биде уредено со закон, зошто конкурост го објавува Универзитетската управа, а не секој факултет одделно итн.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот Конкурс го објавила Универзитетската управа на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, во согласност со Министерството за образование и физичка култура. Во Конкурсот е определен бројот на студентите што ќе се запишат во прва година на студии во учебната 1996/97 година, критериумите и условите за запишување на редовните и вонредните студенти, дополнителните квоти за упис на студнети, запишувањето на студенти со поднесување на трошоците за студирање, запишувањето на кандидати со завршено средно образование во странство, како и роковите за пријавување, полагање и запишување и потребните документи за тоа.

Судот на седницата утврди дека треба да се впушти во оценка на законитоста на точката В од Конкурсот што се однесува на запишување студенти со поднесување на трошоците за студирање и на основот на Конкурост во смисла дали Универзитетската управа е надлежна да го објави Конкурсот.

Што се однесува до прашањата поставени од подносителот на иницијативата, Судот согласно уставните одредби не е надлежен да дава одговори.

4. Според член 44 од Уставот, секој има право на образование кое е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно.

Со член 45 од Уставот, се уредува дека граѓаните имаат право, под услови утврдени со закон, да основаат приватни образовни установи во сите степени на образованието, освен во основното образование.

Согласно член 46 од Уставот, на универзитетот му се гарантира автономија. Условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредуваат со закон.

Според член 86 став 1 од Законот за насоченото образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.16/85, 2/86, 29/86, 7/88, 18/89, 29/89, 10/90, 12/90, 20/90, 11/91, 40/91 и 44/95), план за запишување на студенти изработува секоја организација за насочено образование врз основа на утврдени образовни потреби на организациите на здружениот труд, пошироките потреби на општеството и личните интереси на студентите.

Согласно член 88 став 4 од Законот, конкурост за запишување на студентите го објавува организацијата за високо образование, доколку тоа право не е пренесено на универзитетот.

Членот 196 од Законот утврдува дека граѓаните можат своите лични потреби и интереси во областа на образованието да ги задоволуваат во непосредни односи со организациите за насочено образование под услови што ги утврдува заедницата за насочено образование.

Согласно член 218 став 1 алинеја 4 од Законот, во универзитетот се остварува изедначување на условите, мерилата и критериумите за запишување на студентите.

Од изнесените уставни и законски одредби произлегува дека Уставот има нов приод во однос на образованието, а особено на високото образование и дека постојниот Закон за насочено образование (во делот што се однесува на високото образование) сеуште не е усогласен со Уставот. Меѓутоа, тргнувајќи од начелните уставни определби по однос на правото за стекнување со образование, како и од автономниот статус на универзитетот, Судот оцени дека има основ, граѓаните, своите лични потреби и интереси од областа на образованието да ги задоволуваат во непосредни односи со високообразовните организации и под еднакви услови да можат да се запишуваат како студенти во високообразовните организации за кои имаат интерес под условите и критериумите утврдени со конкурсот за запишување на студенти и кои важат за сите граѓани подеднакво.

Во однос на спорното прашање дали Универзитетската управа е надлежна да го објави конкурсот, Судот оцени дека согласно законските одредби во Универзитетот се остварува изедначување на условите, мерилата и критериумите за запишување на студентите, а со Спогодбата за здружување на факултетите во Универзитетот е пренесено правото на Универзитетот да го објавува конкурсот.

Врз основа на изнесеното Судот оцени дека оспорената глава В од Конкурсот за запишување студенти во прва година на факултетите на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје во учебната 1996/97 година, како и надлежноста на Универзитетот да го објавува конкурсот не се во несогласност со уставните и законските одредби поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.166/96)