165/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 5 ноември 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 55 од Законот за премер, катастар и запишување на правото на недвижноста (“Службен весник на Република Македонија” бр.27/86 и 17/91).

2. На Уставниот суд на Република Македонија Ристо Котевски од Битола му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 55 од Законот ознчен во точката 1 од ова решение, затоа што тој не бил во согласност со член 30 од Уставот и член 37 од Законот за основните сопственосно правни односи. Имено со оспорениот член со кој е утврден преклузивен рок од три години за поднесување на тужба кај редовниот суд да се бара бришење на запишаните права на недвижностите и враќање на запишаните права во поранешна состојба се ограничувало и не се гарантирало правото на сопственост на граѓанинот.

3. На седницата Судот утврди дека во член 55 од Законот е предвидено дека секој што смета дека со запишувањето на правата на недвижностите е повредено неговото право на недвижност, и може со тужба кај редовниот суд да бара бришење на запишаните права на недвижностите и враќање на запишаните права во поранешна состојба.

Тужбата од став 1 на овој член може да се поднесе во рок од 3 години од денот на извршеното запишување. По барање на заинтересираното лице спорот може да се прибележи во имотниот лист.

4. Според член 30 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на сопственост и правото на наследување сопственост создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата.

Никому не може да му биде одземена или ограничена сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 9 од Законот за основните сопственосно правни односи (“Службен лист на СФРЈ” бр.6/80) кој согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија се применува како републички пропис граѓанинот може да има право на сопственост на предмети кои служат за задоволување на неговите лични потреби и интереси како и на личните потреби и интереси на членовите на неговото семејство.

Според член 20 од наведениот закон правото на сопственост се стекнува според самиот закон, врз основа на правна работа и со наследување.

Правото на сопственост се стекнува и со одлука на државен орган на начин и под услови определени со закон.

Според член 37, пак, во делот за заштита на правата на сопственост е предвидено дека сопственикот може со тужба да бара од држателот поврат на индивидуално определен предмет.

Сопственикот мора да докаже дека на предметот чии поврат бара има право на сопственост како и дека предметот се наоѓа во фактичка власт на тужениот. Правото на поднесување на тужба да се бара од држателот поврат не застапува.

5. Имајќи го предвид изнесеното Судот смета дека оспорената одредба не е во несогласност со Уставот од причини што лицето кое претендира на правото на сопственост на конкретно недвижност која во катастарот е запишана на име на друго лице, во секое време може да го докаже своето право на сопственост во судски спор по сопственичка тужба и да добие пресуда врз основа на која не може да му биде одбиен уписот во катастарот.

Ова право на сопственост произлегува од Законот за основните сопственосно правни односи со кој е уредена постапката за заштита на правата на сопственост кои одредби во никој случај не се дерогираат со оспорената одредба.

Сопственичкиот спор согласно наведениот закон и спорот за поднесување на тужба за бришење на упис во катастарот и враќање во поранешна состојба се две различни постапки кои сопственикот на недвижноста може да ги води заради докажување на своето право.

Според тоа Судот смета дека пропуштањето на рокот од оспорената одредба во никој случај не значи губење на правото во секое време согласно законот да се поднесе сопственичка тужба и да се издејствува пресуда која ќе послужи како основ за нов упис.

Со оглед на изнесеното Судот одлучи дека оспорената одредба не е во несогласност со Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.165/97)