У.бр.164/2009

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седница одржана на 9 септември 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 56, 57, 58 и 88 од Законот за установите („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2005 и 120/2005).

2. Дурим Љума од Тетово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на четири одредби од Законот за устано-вите означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата смета дека со примената на оспорените одредби од Законот се прекршувале одредбите од Уставот како највисок политичко-правен акт, со оглед на тоа што истите давале широки овластувања на основачите и субјектите задолжени за надзор на законитоста на работењето на установите. Тоа било случај и со јавните установи во областа на високото образо-вание, каде при вршењето на надзорот, дискреционите овластувања на министерството за образование и наука биле спротивни на членот 46 став 1 од Уставот, кој ја гарантира автономијата на универзитетот. Како конкретен случај на злоупотреба на овие законски одредби се означува Решението бр.12-4847/1 од 2 јули 2009 година донесено од министерот за образование и наука, со кое се нарушувала автоно-мијата на Државниот Универзитет во Тетово и се прекршувале норма-тивните акти на таа установа како: Статутот на Универзитетот, Прави-лникот и други акти со кои се уредувало работењето и функциони-рањето на Установата.

3. Судот на седницата утврди дека, според членот 56 од Законот за установите, во случај на нарушување на работењето, односно вршењето на дејноста на установата или ако установата не ги извршува со закон утврдените обврски, а што не е последица на неизвршувањето на обврските од страна на основачот утврдени со актот за основање, основачот може да презема мерки со кои се обезбедуваат услови за непречено работење на установата.

Според членот 57 од Законот, нарушување на работењето на установата во смисла на овој закон се смета дека настапило:
1) ако со начинот на работење на установата не се обезбедува трајно и непречено вршење на дејноста и пружање на услуги, или остварувањето на планот за развој, со што се нанесува или може да се нанесе штета на корисниците на јавни услуги;
2) ако со средствата за работа не се располага согласно нивната основна намена со што се менуваат основните услови за работење на установата и се отежнува вршењето на дејноста за која е основана установата; и
3) во други случаи утврдени со закон.

Според членот 58 од Законот, ако настане нарушување на работењето на установата во смисла на член 57 на овој закон, основачот може да ги преземе следните мерки:
1) да го разреши директорот;
2) да го распушти органот на управување, односно да разреши оделни негови членови;
3) да го распушти органот за надзор, односно да разреши оделни негови членови;
4) да ја промени организацијата на установата;
5) да го запре од извршување актот на установата кој е спротивен на закон;
6) да го запре од извршување актот на установата со кој се доведува во прашање остварувањето на основните функции на установата; и
7) други мерки утврдени со закон со кој се уредуваат условите и начинот на вршење на дејноста од јавен интерес.

Основачот на установата ќе ги преземе оние мерки за кои смета дека најбргу и најефикасно ќе обезбедат непречено вршење на дејноста за што донесува одлука.

Против одлуката од став 2 на овој член може да се поднесе жалба во рок од седум дена од денот на приемот на одлуката, до основачот на установата. Жалбата не ја запира одлуката од извршување. Одлуката се применува од денот на нејзиното донесување и веднаш се запишува во регистарот.

Ако со одлуката се разрешува директорот, член на орган на управување или на надзор, односно распушта орган на управување или на надзор, основачот е должен да именува времен вршител на директор, односно нови членови на органот на управување или на надзор.

Во членот 88 од Законот е предвидено дека надзор над законитоста на работата и на актите на установата, врши надлежното министерство.

4. Согласно членот 46 од Уставот, кој се однесува на економските, социјалните и културни права, на универзитетот му се гарантира автономија, а условите за основање, вршење и престанок на дејноста на универзитетот, се уредува со закон.

Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно одделни негови одредби, меѓу другото содржи и причини за нивното оспорување.

Тргнувајќи од анализата на членот 46 од Уставот произле-гува дека автономијата на универзитетот се гарантира со Уставот, но условите за основање, вршење и престанок на дејноста на униве-рзитетот, се уредуваат со закон.

Врз основа на анализата на одредбите од Законот за установите, како целина произлегува дека тие не ја уредуваат автоно-мијата на високообразовните установи, како што погрешно смета подносителот на иницијативата, туку уредуваат материја која се однесува на фунционирањето, организацијата и работењето на установите воопшто и без оглед на нивниот карактер. Автономијата на универзитетот, пак е предмет на уредување во Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009 и 99/2009), чии одредби не се оспоруваат со предметната иницијатива.

Оттаму, прашањето дали министерот за образование и наука има или не широки, дискрециони овластувања во вршењето на надзорот во работењето на високообразовните установи од кои овластувања би произлегла опасност за повреда на автономијата на универзитетот не е прашање кое може да се покрене преку оцена на уставноста на оспорените одредби од Законот за установите.

По однос на останатите наводи од иницијативата, Судот оцени дека не покренуваат прашања од уставно-правен аспект, од причина што наводите за прекршување на одредбите од Уставот преку примената на оспорените одредби, за злоупотреба на зако-нските одредби при донесување на конкретниот акт од министерот за образование и наука, како и за прекршување на нормативните акти при Универзитет во Тетово се прашања и аргументи кои исклучиво се однесуваат на примената на оспорените одредби, за кои, пак, Уставниот суд, согласно член 110 од Уставот, не е надлежен да одлучува.
Според тоа, подносителот на иницијативата погрешно ги посочува оспорените членови 56, 57, 58 и 88 од Законот за устано-вите како одредби што даваат широки овластувања на министерот за образование и наука по однос на високообразовните установи, а останатите наводи од иницијативата се однесуваат на примената на оспорените одредби за која Судот не е надлежен да одлучува.

Инаку, конкретното решение бр.12-4847/1 од 2 јули 2009 година донесено од министерот за образование и наука, беше разледувано како можен акт за повреда на слободите и правата во постапката по предметот У.бр.170/2009 година, но Судот со Решение од 15 јули 2009 година го отфрлил барањето за заштита на слободите и правата, бидејќи наведениот акт не претставувал конечен или правосилен акт врз основа на кој може да се бара заштита за сторена повреда на слободи и права.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претсе-дателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.164/2009
9 септември 2009 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски