163/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 јуни 2009 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2008).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членовите 4 и 6 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на целината и на членовите 1, 2 и 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Дељо Кадиев адвокат од Скопје и Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на целината и посебно членовите 5 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатура.

Според наводите на подносителот на иницијативата Стамен Филипов целиот оспорен закон по содржина и процедурално не бил во согласност со Уставот. Поконкретно членовите 1 и 2 од Законот во однос на укинувањето на полагањето на адвокатскиот испит биле спротивни на член 8 став 1 алинеи 3 и 11 и член 53 од Уставот затоа што укинувањето на полагањето на адвокатскиот испит задира кон усовршување на адвокатот, запознавање со европското право и подигање и потенцирање на етичките принципи на адвокатот и говорништвото и реториката на секој адвокат.

Членовите 3 и 4 од Законот во однос на бришењето на условот “работен однос” при уписот во Именикот на адвокати биле спротивни на член 8 став 1 алинеи 3 и 11, член 32 ставовите 1 и 5 и член 53 од Уставот.

Со новото законско решение според кое секој адвокат кој ќе заснова работен однос му мирува адвокатската дејност не само што се повредувале наведените уставни одредби туку со тоа се коселе и одредбите од Законот за работните односи во кој точно биле предвидени случаите кога на работникот му мируваат правата и обврските од работниот однос.

Членот 5 од Законот, бил спротивен на член 2 став 2, член 8 став 1 алинеи 3 и 11, член 20 став 1 и член 53 од Уставот, ова затоа што, со законското решение Адвокатската комора на Република Македонија се враќал наназад 15 години кога имало 500-600 адвокати и постоел проблем да се обезбеди кворум за работа, а денес кога има дури 1700 адвокати не било можно од технички, просторни и други околности сите адвокати да се членови на Собранието.

Според наводите на подносителот на иницијативата Дељо Кадиев со оспорениот член 5 со кој се воведува нов член 33-а, во Законот за адвокатура се утврдувале органите на комората што било во директна спротивност со начелото на самостојност и независност на адвокатурата како јавна служба кои принципи претставувале основа и темел на адвокатурата. Имено, самостојноста на адвокатурата како јавна служба секако се огледала и преку нејзиното самостојно внатрешно организирање, без мешање на државата во таквата внатрешна организација.

Впрочем, според подносителот токму во тој сегмент најмногу се огледа и независноста на адвокатурата од државата. Со оспорениот член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатура повторно се воведувал еден систем на поставеност на адвокатурата кој се покажал како нефункционален и преставувал пречка за функционирање на адвокатурата, поради што бил напуштен.

Според наводите на подносителот на иницијативата Стамен Филипов оспорениот член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатура бил спротивен со член 53 од Уставот, затоа што I Адвокатската комора се издржувалa и финансирала исклучиво од сопствени средства и тоа од коморскиот уписен влог и од коморската члeнарина, кој коморски уписен влог досега изнесувал само 1600 евра и бил низок во целиот регион.

Согласно наводите на подносителот на иницијативата Дељо Кадиев со оспорениот член 6 со кој се воведува нов став 2 на член 36 од Законот за адвокатура, висината на коморскиот уписен влог се лимитирала на износ не поголем од две просечни плати во Република Македонија во месецот пред донесувањето на одлуката за нејзиното утврдување. Лимитирањето на висината на коморскиот уписен влог повторно претставувала повреда на принципот на самостојноста и независноста на адвокатурата утврден во член 53 од Уставот.

Со ваквото законско решение адвокатурата се ставала во состојба на потчинетост на државата која и ги лимитирала приходите, а со тоа и активностите, на кој начин адвокатурата се туркала во состојба на сиромаштија и зависност од други приходи кои таа самата не била во состојба да ги обезбеди.

Воедно оспорениот член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатура не бил во согласност и со одредбата од член 5 од Законот за адвокатура.

Понатаму подносителот на иницијативата Стамен Филипов наведува дека Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатура не бил во ред од уставно-правен аспект за што зборувал и фактот што Претседателот на Републиката одлучил прво да не го потпише Указот за прогласување на Законот, па дури откако Законот повторно од Собранието бил разгледан и усвоен, Претседателот согласно член 75 од Уставот го потпишал Указот за прогласување на Законот.

, Според наводите на подносителот на иницијативата Стамен Филипов, оспорениот закон бил донесен по итна постапка спротивно на член 61 став 2 од Уставот, а во врска со член 167 од Деловникот на Собранието, бидејќи само по исклучок закон може да се донесе по итна постапка. Фактот што не биле исполнети некои од причините поради кои законот е донесен по итна постапка може да се заклучи и од самото образложение на Предлог-законот за донесување на Законот по итна постапка од јули 2008 година.

Оспорениот Закон не бил во согласност со член 16 став 2 и член 50 став 3 од Уставот, во однос на правото на јавно информирање како и правото на граѓанинот да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со другите за нивно унапредување и заштита, имајќи предвид дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Воедно, според овој подносител на иницијативата при донесување на оспорениот Закон направена била и повреда на член 125 став 2 и член 145 од Деловникот на Собранието, затоа што не била спроведена јавна дискусија и што предлог на законот не бил разгледуван од други работни тела, во случајов тоа била Адвокатската комора на Република Македонија која била намерно заборавена и изоставена. Со оглед на наведените причини подносителот бара Судот да одржи подготвителна седница, по што ќе го поништи оспорениот закон, а до донесување на конечна одлука на Судот двајцата подносители предлагаат Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечни акти или дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорениот закон.

5. Судот на седницата утврди дека според член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатура во членот 12 алинејата 7 се брише.
Со оспорениот член 2 од измените на Законот за адвокатура членот 12-а се брише
Со оспорениот член 3 од измените на Законот за адвокатура е предвидено дека членот 23 став 2 точка 3 се брише.
Со оспорениот член 4 од измените на Законот е предвидено дека во членот 24 став 2 точка 2 сврзникот „и“ се заменува со точка и запирка. Во точката 3 точката се заменува со сврзникот „и“ и се додава нова точка 4 која гласи:

4) „засновање на работен однос“.

Во оспорениот член 5 е предвидено дека по членот 33 се додава нов член 33-а кој гласи:

– „Органи на Адвокатската комора на Република Македонија се Собрание, Претседател, Управен одбор, Надзорен одбор, Дисциплински обвинител, Дисциплински суд, Жалбен совет и други органи основани од страна на Собранието на Адвокатската комора на Република Македонија.

– Највисок орган на Адвокатската комора на Република Македонија е Собранието во кое членуваат сите адвокати запишани во именикот на адвокати.

– Претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија се избира од страна на Собранието со мандат од две години.

– Претседателот на Адвокатската комора на Република Македонија учествува во работата на Управниот одбор без право на глас“.
Во оспорениот член 6 е предвидено дека: во членот 36 по ставот (1) се додава нов став (2) кој гласи:

„Висината на коморскиот уписен влог не може да изнесува повеќе од две просечни нето плати исплатени во Република Македонија во месецот пред донесувањето на одлуката од ставот (1) на овој член, според податоците на Државениот завод за статистика“.

– Според член 61 став 1 од Уставот на Република Македонија Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

Според став 2 на наведениот член, организацијата и функцијата на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловник.

Согласно член 66 став 4 од Уставот, Собранието донесува Деловник со мнозинство гласови од вкупниот број на пратеници.

Врз основа на наведените уставни одредби Собранието на Република Македонија донело Деловник на Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија„ бр.60/2002). Наведениот Деловник содржи општи норми, односно начелни норми за работа на Собранието, како и одредби што се однесуваат на конституирање на Собранието, правата и должностите на пратениците, правата и должностите на претседателот, потпре-тседателот и генералниот секретар на Собранието, седницата на Собранието, избор на Владата, избор и разрешување на носители на јавни функции, работни тела на Собранието, програмирање на работата на Собранието, постапка за донесување на закони и други прописи, постапка за измена на Уставот, предлог за покренување постапка за утврдување на одговорност на претседателот на Републиката, односи на Собранието со Владата меѓународна соработка на Собранието, јавност во работата на Собранието и Служба на Собранието.

Во делот на одредбите од Деловникот кој го уредуваат прашањето на донесување на закони и други прописи, односно во член 175 е предвидено дека по исклучок закон може да се донесе и по итна постапка, кога тоа е неопходно заради спречување и отстранување на поголеми нарушувања во стопанството или кога тоа го бараат интересите на безбедноста и одбраната на Републиката или во случаи на поголеми природни непогоди, епидемии или други вонредни и неодложни потреби.

Предлогот, законот да се донесе по итна постапка, предлагачот е должен да го образложи.

Според член 176 став 1 од Деловникот за оправданоста на предлогот, законот да се донесе по итна постапка одлучува Собранието без претрес.

Од анализата на наведените уставни одредби произле-гува дека уставотворецот со членот 61 став 2 од Уставот предвидел дека организацијата и функционирањето на Собранието се уредуваат со Уставот и со Деловникот. Имено, во врска со прашања за донесу-вање на законите Уставот само го уредил прашањето за тоа кои закони треба да се донесат со определено мнозинство, а прашањето за самата постапка што претходи на донесување на одреден закон препуштил да биде уредено со Деловник.

Со оглед на фактот што со Деловникот како основен правен акт на Собранието се уредува постапка за донесување на законите, а во тие рамки и постапката во кои случаи определен закон може да се донесе во итна постапка, Судот оцени дека не е надлежен да се впушта во оцена дали постојат оправдани причини или не одреден законот да биде донесен по итна постапка.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека наводите во иницијативата со која се бара поништување на Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатурата поради фактот што тој бил донесен по итна постапка излегуваат надвор од доменот на надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена со Уставот, од кои причини иницијативата, во овој дел се отфрла.

7. Според член 53 од Уставот адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овлстувања во согласност со закон.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според ставот 5 на овој член остварувањето на правото на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со Законот за адвокатура („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002, 60/2006, 29/2007 и 106/2008) адвокатурата е определена како самостјна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош согласно овој и другг закон.

Според членот 5 од Законот, самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба, се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организација на адвокатите во Адвокатска комора и нејзино финансирање, автономно донесување на актите за работа на Адвокатската комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите, Именикот на адвокатските стручни соработници, Именикот на адвокатските приправници и донесување на Кодекс на адвокатска етика.

Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби за поставеноста на адвокатурата како независна и самостојна јавна служба, која самостојност и независност се остварува, покрај другото, и со организирање на адвокатите во Адвокатска комора и избор на органи на Адвокатската комора, наспрема оспоренот член 5 од Законот со кој се утврдени органите на Адвокатката комора, Судот смета дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 5 од Законот со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативите.

Според мислењето на Судот,поаѓајќи од членовите 33 и 34 од Законот за адвокатурата, Адвокатската комора претставува специфична асоцијација на лица кои се здружиле поаѓајќи од истовидниот карактер на дејноста што ја вршат нејзините членови,што таа има својство на правно лице на кое со закон се пренесени јавно правни овластувања,како и фактот што основен акт на Адвокатската комора е Статутот со кој согласно членот 37 од Законот за адвокатура се уредува осбено делокругот,организацијата и работата на органите на комората, Судот оцени дека со оспорениот член се доведува во прашање независноста и самостојноста на Адвокатската комора како посебен правен субјект.Ова дотолку повеќе што Законот, од една страна, утврдил дека со статутот на Адвокатската комора ќе се утврдат органите на Комората,а од друга страна со оспорениот член веќе ги утврдил органите, со што се создава една недосленост на законодавецот во уредување со оспорената норма на кој начин се доведува во прашање и начелото на владеење на правото .

8. Според член 10 од Законот, правото на вршење на адвокатска дејност согласно со овој закон се стекнува со уис во Именикот на адвокатите на Адвокатската комора на Република Македонија.

По уписот во Именикот на адвокати на Адвокатската комора на Република Македонија на впишаниот адвокат му се издава лиценца за работа.

Согласно членот 12 од Законот, во Именикот на адвокати може да се запише лице кое ги исполнува условите за засновање на работен однос во органите на државната управа кое ужива углед и е достојно за вршење на адвокатската дејност, при што покрај другите наведени услови, лицето може да се запиште во Именикот ако не е во работен однос и не врши работи кои се неспојливи со адвокатурата.

Според членот 20 од наведениот закон, адвокатот не може да врши функција или професија и друга служба.

Во членот 23 од Законот е уредено прашањето во кои случаи правото на вршење на адвокатската дејност на адвокатот му престанува, кога: „се откаже од правото на вршење на адвокатска дејност, ги изгуби државјанството на Република Македонија, биде лишен од деловената способност или трајно ја загуби способноста на вршење на адвокатската дејност, правосилно е осуден, не врши уплата на коморска чланарина и му е одземена лиценцата за работа“.

Во членот 24, пак, е уредено прашањето дека на адвокатот избран или именуван на јавна функција вршењето на адвокатската дејност му мирува до престанувањето на функцијата.

На барање на адвокатот вршењето на адвокатската дејност може да му мирува: поради болест, негово отсуство, односно отсуство на брачниот друга кога се упатени на работа во странство од страна на Република Македонија, стручно усовршување и засновање на работен однос.

Од анализата на наведените одредби од Законот за адвокатурта произлегува дека во Именикот на адвокатите покрај другото може да се запише лице ако не е во работен однос и не врши работи кои се неспојливи со адвокатурата, а доколку лицето е веќе адвокат, а при тоа заснова работен однос, на негово барање вршењето на адвокатската дејност му мирува. Мирување на вршење на адвокатска дејност е воспоставено и во случаи кога лицето адвокат биде избран или именуван на јавна функција до престанок на функцијата на која е избран.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, а посебно од одредбата од член 32 став 2 од Уставот, според која секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место, како и одредбата од член 53 од Уставот според која адвокатурата е независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон содржината на оспорената одредба од член 4 со кој се менува член 24 став 2 точка 4 од Законот како и наводите во иницијативата Судот смета дека истите не се основани.

Поаѓајќи од фактот што вршењето на адвокатската дејност е неспојлива со вршење на друга дејност, право е на законодавецот при утврдување на условите за упис во Именикот на адвокатите да предвиди лицето да не е во работен однос, имајќи го предвид фактот што барањето за упис во именикот на адвокати и добивањето на лиценца претпоставува активно вршење на адвокатската дејност. Инаку, што би била смислата лицето да се упише во Именикот, да уплати уписен влог и да добие лиценца, а да не ја врши адвокатската дејност.

Според мислењето на Судот, во ист контекст е и законското решение на адвокат да му мирува вршењето на адвокатската дејност доколку истиот заснова работен однос и врши друга дејност, односно професија, што е негово право на избор. Меѓутоа, доколку по престанокот на работниот однос, лицето сака повторно да врши адвокатска дејност, тоа треба да му биде овозможено без повторно да ја поминува истата постапка за упис во Именикот, плаќање на уписниот влог и добивање на лиценца за вршење на адвокатска дејност, како што е впрочем и оспореното решение од член 4 од Законот, со што се остварува уставното начело на слободен избор на вработување.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 4 од Законот со наведените уставни одредби.

9. Тргнувајќи од член 1 од Уставот на Република Македонија, според кој Републиката е и социјална држава, според Судот таа мора да води сметка за материјалните можности на граѓанинот, односно, материјалните можности на граѓанинот да не бидат пречка за остварување на едно од основните права, правото на работа утврдено во член 32 од Уставот.

Според тоа, поаѓајќи од содржината на оспорената одредба од член 6 од Законот, според кој е утврдена максималната висина на коморскиот уписен влог, Судот смета дека утврдената максимална висина претставува заштитна мерка која е прифатлива и потребна и својата оправданост ја има во целта, односно политиката на државата на граѓаните да им го обезбеди правото на работа.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 6 од Законот со уставните одредби на кои се повикуваат подносителите на иницијативите.

10. Во однос на наводите од иницијативите со кои се оспоруваат измените на член 1 со кој се брише член 12 алинеја 7, член 2 со кој се брише член 12-а и член 3 со кој се брише член 23 став 3 точка 3 од Законот за адвокатурата ,Судот оцени дека согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд иницијативата во тој дел треба да се отфрли. Ова затоа што со иницијативата во суштина се бара Судот да ги укине оспорените одредби од членовите 1, 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за адвокатура и да ги врати во важност претходно важечките одредби од Законот за адвокатура. Имено Судот не е надлежен да врши законодавна функција и да нормира односи за враќање во сила на норми кои не се во правниот поредок ниту да ја цени уставната основаност на бришаните норми.

11. По однос на наводите од иницијативата за донесување на решение за запирање од извршување на поединечните акти дејствија, донесени односно преземени врз основа на оспорениот закон односно оспорените членови од законот,Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд.

12. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

13. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов По однос на точката 2, член 6, решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.163/2008
10 јуни 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски