163/2003-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 18 февруари 2004 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите 92 и 95 став 1 точка 6 од Колективниот договор за уредување на правата, обврските и одговорностите на работниците на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, бр.04-4198/1 склучен на 26 мај 2003 година.

2. Кире Сотироски од Крушево и Јулијана Димитровска од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од колективниот договор означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијативата, оспорениот член 92 од Колективниот договор не бил во согласност со членовите 1 став 1, членот 9 и 32 став 2 од Уставот на Република Македонија, членот 8-а од Законот за работните односи и членот 119 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување. Според нив, предметната одредба од Колективниот договор утврдувала одредени критериуми врз основа на кои се врши бодирање на работниците на кои ќе им престане работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени, а кои во основа не можеле да претставуваат легитимна основа врз која ќе се врши бодирањето и отпуштањето на работниците поради овие причини.

Имено, критериумите “стручна подготовка и квалификација” и ” работно искуство” не можеле да претставуваат критериуми за престанок, туку само за засновање на работен однос. “Успешноста во работењето” бил критериум кој оставал голем простор за дискреционо одлучување на работодавецот и можност за самоволие, субјективизам и необјективност во одлучувањето. Критериумите “вкупен работен стаж”и “работен стаж во Фондот”; оставале можност за дискриминација при што се привилегирале оние работници кои имале подолг работен стаж во Фондот одошто оние со подолг вкупен работен стаж. Критериумите “возраст”, “здравствена состојба” и “економска социјална состојба” биле во несогласност со членовите 9 став 2 и 32 став 2 од Уставот на Република Македонија, како и со членот 8-а од Законот за работните односи.

Во однос на членот 95 став 1 точка 6 од наведениот колективен договор, подносителите на иницијативата сметаат дека истиот не бил во согласност со членот 8-а од Законот за работните односи, од причина што претставник на синдикатот не можел да има предност и истиот да го задржи работното место пред другите работници кои не се членови на синдикатот.

Подносителите бараат Судот да донесе времена мерка за запирање од извршување на Одлуката за престанок на работниот однос со отказ на работници поради економски и структурални промени во Фондот за здравствено осигурување на Македонија, бр.02-6338/3 од 23 јули 2003 година.

3. Судот на седницата утврди дека членот 91 од Колективниот договор ги утврдува критериумите врз основа на кои ќе се утврди бројот на структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени во Фондот за здравствено осигурување, и тоа: стручна подготовка и квалификација; работно искуство; успешноста на работењето; видот и значењето на работното место; вкупен работен стаж и стаж во Фондот, возраст, здравствена состојба и економско-социјална состојба.

Оспорениот член 92 понатаму ги систематизира овие критериуми, предвидувајќи подгрупи во рамките на еден критериум и предвидува нивно соодветно бодирање.

Членот 95 го уредува прашањето како ќе се постапи во случај ако работниците се наоѓаат во иста положба врз основа на наведените критериуми. Така, доколку по основ на претходните критериуми работниците се наоѓаат во иста положба, предност да го задржат работното место имаат: работничка за време на бременост и со дете до две години; самохран родител, односно посвоител на дете до 7 години; родител со потешко хендикепирано дете; инвалид на трудот и работници со професионално заболување; еден од брачните другари што се вработени кај ист работодавец; претставник на синдикатот; и работник кој е до 5 години пред одење во пензија. Она што е предмет на оспорување со иницијативата е точката 6 од оваа одредба, според која предност да го задржи работното место ќе има претставникот на синдикатот.

4. Согласно член 1 став 1 од Уставот, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава.

Во членот 9 од Уставот е утврден принципот на еднаквост на граѓаните во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, при што во ставот 2 од овој член е предвидено дека граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Членот 32 од Уставот е поместен во делот кој се однесува на економските, социјалните и културните права, при што го уредува правото на работа. Така, согласно ставот 2 од овој член, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно ставот 5 на овој член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Основната законска одредба на која се заснова иницијативата е членот 8-а од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/1993; 14/1995; 53/1997; 21/1998; 25/2000; 3/2001; 50/2001; 25/2003; 40/2003) донесен со измената на Законот во април 2003 година. Согласно ставот 1 од оваа одредба, работодавецот не смее лицето кое бара вработување (кандидат) или работникот, да го стави во нееднаква правна положба поради расата, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидноста, религиозното, политичко или друго убедување, членување во синдикати, националното или социјалното потекло, статусот на семејството, имотната состојба или поради други лични околности.

Согласно членот 2 од Законот за работните односи, работниот однос се уредува со овој или со друг закон и колективен договор. Согласно членот 3 став 2, работниот однос може да престане само на начин и под услови утврдени со закон.
Членот 105 од Законот ги уредува начините на престанок на работниот однос, при што меѓу другото предвидува дека работниот однос може да престане и поради економски, технолошки, структурални или слични промени.

Во член 129 став 1 од Законот за работните односи е определено дека структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени се утврдува врз основа на критериумите утврдени со колективниот договор на ниво на работодавец, односно со колективен договор на ниво на гранка, доколку работодавецот има потпишано таков договор. Во ставот 2 од овој член е предвидено дека со колективен договор се утврдуваат условите и критериумите за заштита на инвалидните лица во случај на престанок на работниот однос со отказ во смисла на став 1 од овој член.

Според член 77 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и други правни лица кои вршат нестопанска дејност (“Службен весник на Република Македонија бр.39/1994, 47/2000 и 73/2001), бројот и структурата на работниците на кои им престанува работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени се утврдува врз основа на критериумите: стручна подготовка и квалификација; работно искуство; успешност на работењето; вид и значење на работното место; работен стаж; возраст; здравствена состојба и економско-социјалната состојба. Иста содржина има и членот 110 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија бр.53/1995 и 11/1998).

Во член 79 од Општиот колективен договор, е определено дека со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавец се утврдуваат и други критериуми и нивно вреднување со бодови, преку кои се утврдува приоритет за задржување на работното место на работниците од член 77.

Според член 112 од Гранковиот колективен договор со колективен договор на ниво на работодавец, се утврдуваат и други критериуми и нивно вреднување со бодови, преку кои се утврдува приоритетот за задржување на работното место на работниците од член 110.

Членот 83 од Законот за работните односи предвидува посебна заштита за работниците кои извршуваат одредени активности во синдикатот. Така, согласно оваа одредба претставник на синдикалната организација има посебна заштита и не може да биде повикан на одговорност, ниту доведен во понеповолна положба, вклучувајќи го и престанокот на неговиот работен однос поради членство во синдикат или учество во синдикални активности со кои се штитат правата и интересите на работниците, ако постапува во согласност со закон и колективен договор. Посебната заштита на претставникот на синдикатот трае за време на неговиот мандат.

Во членот 113 од Гранковиот колективен договор е предвидено доколку работниците на кои треба да им престане работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени, а врз основа на наведените критериуми, се наоѓаат во иста положба, предност да го задржат работното место ќе има и, меѓу другото , претставникот на синдикатот (предвидено е приоритет да има и инвалид на трудот и работниците со професионално заболување).

Имајќи ги предвид аргументите врз основа на кои подносителите на иницијативата го засноваат своето наоѓање дека членот 92 од Колективниот договор не е во согласност со наведените уставни и законски одредби, Судот оцени дека не постојат основи да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба. Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека прашањата од работен однос, вклучувајќи го и прашањето за престанок на работниот однос во случај на економски, технолошки, структурални или слични промени се уредуваат со закон и колективни договори (општ, гранков и на ниво на работодавец). Притоа, Законот за работните односи, како и колективните договори во оваа (нестопанска) сфера ги утврдуваат критериумите врз чија основа се утврдува бројот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос по овој основ. Покрај наведените критериуми утврдени со Закон, може да се утврдат и вреднуваат и други критериуми во зависност од природата и карактерот на работата кај конкретниот работодавец, како и да се утврдат основи врз кои ќе се определи приоритет за задржување на работниците на работното место (врз основа на членот 79 од Општиот и член от 112 од Колективниот договор на ниво на гранка).

Работниот однос по својата правна природа претставува договорен однос помеѓу работникот и работодавецот. Предвидувањето на определени односи со колективен договор, како и обемот на правата на учесниците во колективното договарање, зависат од волјата на учесниците, при што колективниот договор не може да пропише помали права, ниту пак, да ги менува односите утврдени со закон, но може да ги разработува односите кои се точно определени со закон. Имено, спор ед мислењето на Судот, токму предметната одредба од Колективниот договор на Фондот за здравствено осигурување претставува операционализација на овластувањето на работодавецот да утврди објективизирани мерила (критериуми) како основа за утврдување на бро јот и структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос како технолошки вишок. Престанок на работниот однос по овој основ, врз основа на оспорената одредба, ќе му биде изречен на оној работник кој добил најмалку бодови во спроведената постапка за прогласување на технолошки вишок. Оттука, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласност на оспорената одредба со членот 9 од Уставот. Ова уште повеќе се однесува на оценувањето на уставноста на одредбата во однос на членот 32 став 2 од Уставот. Оваа одредба се однесува на достапноста на секое работно место секому под еднакви услови. Оспорениот член 92 од Колективниот договор ги предвидува бодовите врз чија основа ќе се вреднуваат работниците, а како основ за престанок на работниот однос. Тој воопшто не се однесува на, ниту го третира прашањето на достапност на работното место. Напротив, утврдената листа к ритериуми соодветно ги вреднува постојните работници и тие не служат како основ за пристап до (достапност на) работното место, туку само како основ за престанок на работниот однос. Тоа, во крајна линија, Уставот оставил да биде регулирано на начин и услови утврдени со закон и колективен договор (член 32 став 5 од Уставот).

Што се однесува до членот 8-а од Законот за работните односи, според мислењето на Судот оваа одредба се однесува на прашањето за достапност, односно пристап на граѓаните до работните места. Во оваа одредба, Законот зборува дека работодавецот не смее кандидатот за работното место, ниту работникот да го стави во нееднаква положба ниту по еден од основите наведени во одредбата. Оваа одредба не се однесува на прашањето на престанок на работниот однос. Впрочем, оваа одредба е поместена во делот од Законот кој се однесува на условите за засновање на работен однос, а не и на ситуациите кои го решаваат прашањето на престанок на работниот однос.

Што се однесува до ставот на подносителите на иницијативата дека критериумите “вкупен работен стаж” и “работен стаж во Фондот” не биле во согласност со членот 119 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр. 80/1993; 14/1995; 71/1996; 32/1997; 24/2000; 96/2000; 5/2001; 50/2001; 85/2003) кој утврдува што се смета во стаж на осигурување, според мислењето на Судот подносителите на иницијативата имплицитно бараат Судот да даде толкување на одредбата и да определи што всушност претставува поимот ” работен стаж”, што не спаѓа во надлежност на Судот. Исто така, не може да се постави прашањето за согласност на овие критериуми со начелото на еднаквост, затоа што се работи за два, по квалитет различни критериуми кои уредуваат различна состојба (стаж остварен во Фондот и вкупен работен стаж остварен кај различни работодавци). Судот оцени дека утврдувањето на критериумот работен стаж во Фондот, покрај утврдениот критериум вкупен работен стаж, не го повредува уставниот принцип на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, поради тоа што секој работник добива еднаков број бодови за секоја измината година во Фондот, а во интерес на работодавецот е да ги задржи на работа работниците со подолг работен стаж во Фондот кои имаат поголемо работно искуство на конкретни работни места.

Судот, исто така, оцени дека не постојат ниту основи за поведување постапка за оценување на законитоста на членот 95 став 1 точка 6 од Колективниот договор кој се оспорува од аспект на членот 8-а од Законот за работните односи. Ако се анализира дикцијата на членот 83 од Законот за работните односи може да се заклучи дека законодавецот предвидел посебен степен на заштита на работникот кој е вклучен во синдикални активности, а чиј активизам не треба да претставува отежнувачка околност во остварување на неговите права од работен однос. Така, претставникот на синдикатот, не само што не смее да трпи посебни негативни последици од својот синдикален ангажман, туку уште повеќе, законодавецот предвидел еден афирмативен однос кон неговиот синдикален ангажман и предвидел заштитна клаузула која треба да ги оневозможи евентуалните негативни последици кои тој би ги трпел како последица на своето синдикално дејствување или членување. Неоснованоста на наводите на иницијативата доаѓаат уште повеќе до израз ако се има предвид фактот дека членот 8-а од Законот не се однесува на ситуациите на престанок на работниот однос, туку на засновање и траење на работниот однос.

Ваквиот афирмативен однос може да се забележи и во однос на критериумот ” здравствена состојба”. Имено, не може да се постави прашањето за согласност на овој критериум со уставниот принцип на еднаквост на граѓаните, од причина што со колективните договори (гранков и на ниво на работодавец) е предвиден релативно “поблаг” однос на работодавецот спрема оние работници кои се наоѓаат во потешка здравствена состојба. Така, не само што е предвидено поголем број бодови да добие работникот кој има професионално заболување во врска со работата, односно инвалидност во врска со работата, во однос на оние работници кои имаат некаква инвалидност настаната од други причини (значи ги преферира работниците кои имаат некакво заболување стекнато како последица на работатата), туку исто така е предвидено приоритет при задржување на работното место да имаат инвалид на трудот и работници со професионално заболување. Со тоа, според мислење на Судот доаѓа до израз социјалниот карактер на државата утврден во членот 1 став 1 од Уставот на Република Македонија, при што државата го изразува својот афирмативен однос спрема оваа категорија работници на начин што предвидува поголем степен на заштита на работниците кои се наоѓаат во полоша здравствена состојба.

5. Со оглед на тоа што не постојат основи Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на предметната одредба, не се исполнети процесните претпоставки Судот да ја запре од извршување наведената одлука на Фондот за здравствено осигурување.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова – Ристова и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов, со тоа што решението во однос на членот 92 го донесе едногласно, а решението во однос на членот 95 став 1 точка 6 го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.163/2003
18 февруари 2004 год.
С к о п ј е
сп/л.а

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова