163/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 став 1 алинеа 1 и член 71 став 1 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 септември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата со која се бара толкување на одредбата од член 70 став 1 од Законот за основното образование.

2. На Уставниот суд на Република Македонија Сузана Ивановска и Новица Трендафиловски, двајцата од Куманово, му поднесоа иницијатива (означена како молба) во која наведуваат дека се професори по физичко воспитување, вработени во ОУ “Вук Караџиќ” во Куманово, на определено време. За нивните работни места бил распишан конкурс на кој се пријавиле повеќе кандидати, меѓу кои и такви што работеле на село. Со оглед на тоа што со Законот за основното образование било предвидено лицата кои подолго време поминале на работа во село да имаат приоритет при вработувањето, предлагачите бараат Уставниот суд да им одговори на прашањето дали со давањето приоритет при вработувањето на лицата кои подолго време работеле во село, им е повредено нивното уставно право на рамноправност и еднаквост.

3. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, и ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Од содржината на иницијативата Судот утврди дека предлагачите всушност барат од Уставниот суд толкување на одредбата од член 70 став 1 од Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.44/95), со која е предвидено дека предимство при вработувањето во основно училиште под исти услови имаат учители, наставници и стручни работници кои работат во селски населби, во потешки услови на работа, поради што, имајќи ја предвид цитираната уставна одредба, оцени дека не е надлежен да одлучува по вака поставеното барање.

4. Врз основа на наведените причини, Судот, согласно член 28 став 1 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски. (У.бр.163/96)