163/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 21 октомври 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 65 од Законот за Службата на општествено книговодство во Социјалистичка Република Македонија (“Службен весник на СРМ” бр.44/85 и 23/86).
2. На Уставниот суд на Република Македонија му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 65 од законот означен во точка 1 од ова решение, затоа што со определувањето различни комисии да одлучуваат за повреда на работната должност за раководните и останатите работници се овозможувало за иста повреда на работната должност да одлучуваат различни органи и да се изрекуваат различни казни, со што се создавала нееднаквост меѓу работниците, што не било во согласност со Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата утврди дека во член 64 од означениот закон е предвидено со статутот на Службата или општ акт во согласност со закон, да се определува кои повреди на работната должност и работната дисциплина преставуваат потешка или полесна повреда на работната должност, за кои можат да се изречат дисциплински мерки утврдени со закон. Во оспорениот член 65 од Законот е предвидено мерките за повреда на работната должност на раководните работници што ги именува советот на Службата да ги изрекува дисциплинска комисија што ја формира советот на Службата, а мерките за повреда на работната должност за другите работници ги изрекува дисциплинската комисија на работната заедница на организационата единица, која ја избира организационата единица од редот на работниците во таа единица. Против одлуката на дисциплинската комисија може да се изјави жалба во рок утврден со општиот акт. По жалбата против одлуката на дисциплинската комисија на советот на Службата одлучува советот на Службата, а по жалбата против одлуката на дисциплинската комисија за организационата единица одлучува второстепената дисциплинска комисија формирана од советот на Службата. Составот и начинот на работата на дисциплинските комисии се уредуваат со статутот на Службата.
Судот, исто така, утврди дека според член 41 од Законот, раководните работници ги именува и разрешува советот на Службата, по предлог на генералниот директор во согласност со статутот на Службата. Раководните работници за својата работа одговараат пред генералниот директор и советот на Службата. Останатите работници засноваат работен однос врз основа на јавен конкурс или оглас, а ги избира раководителот на организационата единица.
4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Републиката се еднакви во слободите и правата независно од полот, расат, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Согласно член 32 став 5 од Уставот остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и колективни договори.
Основните права на работниот однос се уредени со Законот за основните права од работниот однос (“Службен лист на СФРЈ” бр.60/89 и 42/90), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот, се применува како републички, а се разработени со Законот за работните односи и посебните закони од одделни области.
Од изнесените уставни одредби произлегува дека правата и обврските од работниот однос се уредуваат со закон. Според тоа, постои уставен основ со закон да се уредат правата, обврските и одговорностите и на работниците во Службата за општествено книговодство.
Од оспорените законски одредби произлегува дека раководните работници имаат различна положба од другите работници, во поглед на начинот на засновањето на работниот однос и органите пред кои одговараат. Исто така, од оспорените законски одредби произлегува дека раководните работници не се исклучуваат од одговорност за повреда на работните должности, ниту за нив се предвидени поинакви дисциплински мерки.
Со оглед на тоа, Судот оцени дека со оспорените законски одредби не се повредува уставното начело на еднаквост, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.