162/2008-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 30 став 1 точки 9, 10 и 11, став 2 и став 3 од Законот за данокот на додадена вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.44/1999, 59/1999, 86/1999, 11/2000, 8/2001, 21/2003, 19/2004, 33/2006, 45/2006, 101/2006, 114/2007 и 103/2008).

2. Стевче Стојанов од Струмица, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со намалувањето на данокот на додадената вредност од 18% на 5% на производите и услугите, како што тоа било сторено со оспорените одредби од Законот за данокот на додадена вредност, се овозможувало привилегирани услови на стопанисување за одредени субјекти на пазарот, а со тоа се повредувале одредбите од Уставот, кои се однесувале на еднаквоста на граѓаните (член 9 став 2) и еднаквата правна положба на сите субјекти на пазарот (член 55 став 2).

3. Судот на седницата утврди дека со членот 30 од Законот е предвидено:

(1) Повластената даночна стапка од 5% се применува врз прометот и увозот на:

1) Производи на човечка исхрана;
2) Вода за пиење од јавните системи за снабдување;
3) Публикации и тоа: книги, брошури, и слични печатени материјали, весници и други периодични публикации, детски сликовници, книги за цртање и боење за деца и картографски производи од секаков вид, освен публикации кои служат претежно за рекламни цели, како и публикации со порнографска содржина;
4) Семенски и саден материјал за производство на земјоделски растенија;
5) ѓубрива;
6) средства за заштита на растенијата;
7) фолии од пластична маса за употреба во земјоделството;
8) земјоделска механизација;
9) лекови и медицински помагала (помагала за надополнување или замена на анатомски дел од телото или физиолошки процес, ортопедски помагала, помагала за отстранување на анатомски, односно функционални пореметувања, како и инвалидски колички);
10) Машини за автоматска обработка на податоци и нивни единици (компјутери) и
11) Термални сончеви системи и компоненти.

(2) Повластена даночна стапка од 5% се применува и на прометот на следниве услуги:

1) Превоз на лица и нивниот придружен багаж;
2) Софтвер за машини за автоматска обработка на податоци и нивни единици (компјутери) и
3) Услуги за одржување на јавна чистота и опремување на отпад.

(3) Владата на Република Македонија поблиску ги определува добрата и услугите од ставовите 1 и 2 на овој член кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност“.

4. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Репубика Македонија е владеењето на правото.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичко и верско уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите морат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 55 став 2 од Уставот, Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот.

Законот за данокот на додадена вредност го воведува данокот на додадена вредност и го уредува неговото пресметување и плаќање. Данокот на додадена вредност како општ потрошувачки данок, се пресметува и плаќа во сите фази на производството и трговијата, како и во целокупниот услужен сектор, освен ако поинаку не е пропишано со закон (член 1). Со овој закон се утврдува што е предмет на оданочување со данокот на додадената вредност, даночната основа, даночни ослободувања, даночните стапки, времето на настанувањето на даночниот долг, даночен должник, одбиток на претходниот данок и друго.

Предмет на оданочување со данокот на додадената вредност е прометот на добра и услуги, односно прометот опфаќа се што може да биде предмет во правниот промет.

Според Законот, даночната основа на данокот на додадена вредност е всушност износ на надоместокот што е добиен или што треба да се добие за прометот во кој не е вклучен данокот на додаена вредност. Во Законот, исто така, се утврдени и даночните стапки кои можат да бидат определени како општа даночна стапка од 18% и повластена даночна стапка од 5%. Општата даночна стапка од 18% се применува врз целокупниот промет и увоз, освен врз прометот и извозот кој се оданочува со повластена даночна стапка во случаи таксативно утврдени со закон.

Во одредбите од членот 30 од Законот се таксативно наведени случаите за кои се однесува повластената даночна стапка од 5%, а Владата поблиску ги определува добрата и услугите кои подлежат на повластената стапка на данокот на додадена вредност.

Поаѓајќи од наводите во иницијативата, Судот оцени дека легитимно право е на законодавецот да го воведува данокот на додадена вредност и истовремено да го уредува неговото пресметување и плаќање, а кое е во согласност со членот 33 од Уставот, според кој секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Од анализата на оспорените законски одредби во контекст на целината на одредбите од Законот за данокот на додадена вредност, а притоа имајќи ги предвид причините поради кои одредбите од Законот се оспоруваат, Судот оцени дека со регулирањето на повластената даночна стапка во случаите кои се наведени и на начинот кој е определен во оспорените одредби од Законот, не се повредуваат уставните принципи на еднаквоста на граѓаните и еднаквата правна положба на субјектите на пазарот утврдени во членовите 9 став 2 и 55 став 2 од Уставот.

Наводите во иницијативата дека со оспорените одредби од Законот граѓаните и субјектите на пазарот се доведувале во нееднаква правна положба бидејќи повластената даночна стапка се однесувала за прометот само на одредени добра и услуги, се неосновани, затоа што сите граѓани и субјекти на пазарот во иста правна ситуација имаат иста даночна обврска и се еднакви пред Уставот и законите.

Тргнувајќи од наведените причини Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот со Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.162/2008
4 февруари 2009 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски