162/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 февруари 2001 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на член 5 став 4 од Правилникот за начинот на пресметување и плаќање на данок на промет на производи и услуги (“Службен весник на РМ” бр.11/96, 80/93,12/97 и 16/98).
2. Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 5 став 4 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорениот став 4 на член 5 од Правилникот не бил во согласност со член 19 точка 11 од Законот за данок на промет на производи и услуги, бидејќи спротивно на оваа одредба од Законот, во него приходите од станарина, закупнина, надоместокот за употреба на градежното земјиште, надоместокот за проценка на становите и деловниот простор и др., не биле третирани во групата ” станбено-комуналните услуги на уредување населби и простори” – за ослободување од обврската за плаќање на данок на промет, поради што ова претпријатие и неосновано било задолжено по наведените основи, со решение бр.15-54-229/2 од 10.12.1999 година на Управата за јавни приходи да пресмета и плати да нок на промет од услуги и камата, за времето од 21.10.1999 година до денот на уплатата, од која 14% ќе се издвои на посебна сметка. Всушност, ова решение е и непосреден повод за оспорување на наведениот член од Правилникот.
Понатаму, во иницијативата се наведува дека со член 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за данок на промет и производи и услуги од 1995 година, бил бришан член 18 од Законот, а со член 17 – станбено-комуналните услуги и уредувањето на населбите (за што било регистрира но и ова претпријатие) биле изземени од обврската за плаќање на овој вид на данок, од што исто така, произлегувало дека ова јавно претпријатие немало обврска да плаќа данок на услуги по основ на станарина и закупнина.
3. Судот на седницата утврди дека во членот 5 став 4 од Правилникот се утврдува дека под станбено-комунални услуги и уредување на населби и простори во смисла на член 19 став 1 точка 11 од Законот (за данокот на промет на производи и услуги) се подразбираат: просторно и урбанистичко планирање, уредување на населби и простори (подготвување на градежно земјиште за изградба, отстранување на постојните објекти, санациони работи, надзор при изградба на комунални објекти и инсталации), уредување и одржување на улици и сообраќајници, уредување и одржување на паркови, зелени и рекреативни површини, одржување на чистотата во градови и наслеби, изнесување и депонирање на отпадоци, оџачарски услуги, погребни услуги и уредување и одржување на гробови.
4. Судот на седницата, исто така, утврди дека Правилникот за начинот на пресметување и плаќање на данок на промет на производи и услуги, чиј член 5 став 4 е предмет на оспорување со оваа иницијатива, е донесен врз основа на член 67 од Законот за данок на промет на производи и услуги, според која министерот за финансии е овластен да донесе поблиски прописи за примена на одделни одредби од Законот, меѓу кои, се утврдени и одредбите за даночните ослободувања.
Понатаму, Судот утврди дека според член 65 од Законот за данокот на додадена вредност (“Службен весник на РМ” бр.44/99, 59/99-исправка, 86/99 и 11/2000-исправка), со денот на примената на овој закон престанува да важи Законот за данокот на промет на производи и услуги, а согласно член 66 , овој закон ќе се применува од 1 април 2000 година.
Инаку, во однос на примената или поточно за судбината на постојните подзаконски прописи донесени врз основа на Законот за данокот на промет на производи и услуги, Законот за данок на додадена вредност не содржи никакво решение.
5. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата, меѓудругото, и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Имајќи ја предвид наведената деловничка одредба, како и напред утврдената фактичка правна состојба од која, според мислењето на Судот, јасно произлегува дека Законот за данокот на производи и услуги, во однос на кој се оспорува законитоста на ставот 4 на член 5 од Правилникот, престанал да важи со денот на примената на Законот за данокот на додадена вредност (1 април 2000 год.), со кој ден престанале да важат и сите подзаконски акти донесени врз основа на тој закон, меѓу кои е и оспорениот Правилник, Судот оцени дека во конкретниот случај се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно наведениот член од Деловникот.
При одлучувањето, Судот ги имаше предвид и одредбите на член 61 став 3 од Законот за данокот на додадена вредност според кои Законот за данокот на промет на производи и услуги останува да важи за сите дејствија регулирани со него кои подлежат на оданочување кои биле остварени пред 1 април 2000 година. Меѓутоа, според мислењето на Судот, овие одредби не се од влијание на оценката дека тој закон престанал да важи со денот на примената на Законот за данокот на додадена вредност и дека од тој момент не се смета како дел од позитивниот правен поредок на Република Македонија. Ова од причини што наведените одредби од Законот по својот карактер и содржина се преодни одредби, поради што и се поместени во делот на преодните и завршните одредби на Законот за данокот на додадена вредност, и како такви нивната цел и функција е единствено да се довршат постапките, односно да се реализира наплатата на данокот на промет на производи и услуги кој бил остварен пред 1 април 2000 година до кога важел и тој закон, како и прописите донесени врз основа на тој закон.
Значи, во ситуација на постоење на јасна и прецизна законска одредба според која Законот за данокот на промет на производи и услуги престанал да важи на 1 април 2000 година, а според ставот на Судот тогаш престанал да важи и оспорениот Правилник, Судот оцени дека согласно член 110 од Уставот на Република Македонија не е надлежен да ја оценува нивната уставност, односно законитост по престанувањето на нивното важење, а во конкретниот случај законитоста на оспорената одредба од Правилникот. Судот, исто така, утврди дека не се исполнети условите утврдени во Деловникот за оценување законитоста на оспорената одредба од Правилникот во времето на нејзиното важење, со оглед дека иницијативата е поднесена по престанокот на важењето на Правилникот.
5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.162/2000
7 февруари 2001 год.
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов