16/1997-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членот 28 став 1 алинеа 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 26 февруари 1997 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 74-а став 2 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91, 46/93 и 55/95).

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Стамен Филипов од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 74-а став 2 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него било повредено уставното право на граѓаните за здравствена заштита утврдено со членот 8 став 1 алинеи 1, 8 и 11; член 1 став 1; член 9; член 34; член 35 и член 39 од Уставот. Подносителот смета дека на осигурениците за кои не бил уплатен придонесот или уплатата задоцнила повеќе од 60 дена не би можело воспоставените права од здравственото осигурување да им се ускратуваат, а ускратените права повторно да им се воспоставуваат со денот на намирувањето на сите пристигнати, а не уплатени обврски, ако се почитувале напред наведените одредби од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што осигурениците не биле воопшто виновни и не дале никаков придонес што нивните работодавачи – обврзници за плаќање на придонесот не го извршувале законот и не вршеле редовно уплата на придонесот или пак со уплатата задоцниле повеќе од 60 дена. Осигурениците за тоа не смееле да бидат жртви и тоа законски поради нивните неодговорни работодавци – обврзници за плаќање на придонесот. Дотолку повеќе што во член 74-б од истиот закон предвидена била и одредена санкција со која обврзникот за плаќање на придонесот со други средства ќе се присилел на законска послушност и уредност, а без штета за правата на осигурениците.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 74-а став 2 од Законот за здравствена заштита на осигурениците на кои Фондот ќе утврди дека редовно не е уплатен придонесот или уплатата задоцнила повеќе од 60 дена, правата од здравственото осигурување на товар на средствата на Фондот за здравствено осигурување им се ускратуваат, освен правото на итна медицинска помош, а ускратените права повторно им се воспоставуваат со денот на намирувањето на сите пристигнати, а не уплатени обврски.

4. Судот, исто така, утврди дека одлучувал за уставноста на членот 74-а став 2 од Законот и со решение У.бр.26/96 од 12 јуни 1996 година не повел постапка, бидејќи Уставот само утврдил право на социјално осигурување и го гарантирал правото на здравствена заштита, а условите, начинот и обемот на правата препуштил да се уредат со закон, во конкретниот случај со Законот за здравствена заштита преку уплата на придонес за здравствено осигурување во Фондот за здравствено осигурување. Според мислењето на Судот, принципот на солидарност и взаемност воспоставен со Законот се состои во различните вложувања на осигурениците во Фондот за здравствено осигурување, а не и во изедначувањето на правата на осигурениците без оглед дали се исполнети обврските за плаќање на придонесот.

5. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на тоа што Судот ја ценел уставноста на член 74-а став 2 од Законот, а нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение, Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талески и д-р Тодор Џунов. (У.бр.16/97)