161/2013-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 5 март 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 2 став 1, во делот

2. Стамен Филипов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од членот 2 став 1, не произлегувал од одредбите на член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1,3 и 8, член 9, член 34, член 35 и член 51 од Уставот. Во законот не било дефинирано што се подразбира под поимот политики за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот во текот на животот, поради што формулацијата била недоволно прецизна и јасна и не обезбедувала правна сигурност на граѓаните како еден од елементите на владеењето на правото.

Во однос на оспорената одредба од членот 22 став 2 од Законот за социјалната заштита, во иницијативата се наведува дека истата била неодржлива од уставно-правен аспект, затоа што ако на барателот му е предизвикана штета при работа или во врска со работата во јавната установа за социјална заштита, во приватна установа за социјална заштита и во здружение и физичко лице кои вршат определени работи од областа на социјалната заштита, тогаш работодавачот на овие установи бил должен да ја надомести штетата според општите правила за одговорноста за надомест за штета, а не како што било предвидено во оспорената одредба. Ова произлегувало и од член 159 од Законот за работните односи, според кој, ако на работникот му е предизвикана штета при работата или во врска со работата, работодавачот е должен да му ја надомести штетата, според општите правила на одговорност за надоместок на штетата. Одговорноста за обештетување на работодавачот се однесува, исто така, и на штетата која работодавачот ја предизвикал со кршењето на правата на работникот од работниот однос.

Поради наведеното оваа законска одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија и се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 став 1 во делот: „и политики“ и член 22 став 2 од Законот за социјалната заштита и истите да ги укине или поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 2 став 1 од Законот за социјалната заштита, социјалната заштита е систем на мерки, активности и политики за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот во текот на животот, за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост и за јакнење на неговиот капацитет за сопствена заштита.

Судот на седницата исто така утврди дека според оспорениот член 22 став 2 од Законот, доколку во судска постапка се утврди дека со барателот или корисникот на социјална заштита е постапувано спротивно на одредбите од членовите 20 и 21 на овој закон, барателот или корисникот на социјална заштита има право да бара надомест на штета од сторителот на дискриминацијата.

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за иницијативата и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од содржината на иницијативата произлегува дека подносителот на иницијативата го оспорува дел од членот 2 од Законот за социјалната заштита бидејќи во него не било дефинирано што се подразбира под поимот политики (за спречување и надминување на основните социјални ризици) и дека поради тоа оспорената одредба била нејасна и непрецизна. При тоа, подносителот наведува повеќе членови од Уставот член 1 став 1, член 8 став 1 алинеи 1,3 и 8, член 9, член 34, член 35 и член 51, но без да наведе конкретни причини за несогласност на оспорената одредба со наведените одредби од Уставот.

Во однос на оспорената одредба од членот 22 став 2 од Законот за социјалната заштита, исто така, во иницијативата само се наведуваат одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, но без да се наведат конкретни причини за неуставноста на одредбата. Покрај тоа, од наводите во иницијативата произлегува дека за подносителот на иницијативата е спорно самото законско решение во врска со субјектот кој треба да ја надомести штетата, кое што не било уредено на начин на кој што тој (подносителот на иницијативата) смета дека треба да биде уредено и согласно член 159 од Законот за работните односи. Значи иако се наведени одредби Уставот, несогласноста на одредбата се објаснува со упатување на решение од друг закон, но Уставниот суд не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на законите.

Оттука, во услови кога во иницијативата не се дадени воопшто аргументи, односно причини за неуставноста на оспорената одредба (на членот 2 од Законот), односно кога неуставноста се аргументира со неусогласеност на оспорената одредба со одредба од друг закон (за членот 22 став 2), Судот оцени дека се исполнети деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.161/2013
5.03.2014 година
С к о п ј е
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева