161/1993-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1993 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уствноста и законитоста на член 19 од Правилникот за решавање на станбените потреби на работниците во Претпријатието во општествена сопственост Рудници и железарница “Скопје” во Скопје, донесен од Работничкиот совет на 7 јули1990 година.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за упатување на работниците на платен принуден одмор, донесена од Работничкиот совет на 1 ноември 1990 година.
3. На Уставниот суд на Република Македонија, Круне Величковски од Скопје му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение, затоа што во член 19 од Правилникот било предвидено работниот придонес да се определува преку остварениот нето личен доход, што со оспорената одлука работниците без своја желба по налог на работоводителот биле упатувани на принуден одмор, губеле определен број бодови по основот работен придонес и што работниот придонес бил засилено вреднуван со подосновите иноваторство и рационализаторство, што не било во согласност со Уставот и со закон.
4. На седницата Судот утврди дека според член 14 од Правилникот редот на првенство за доделување стан се утврдува врз основа на основните критериуми степен на станбена загрозеност, работен придонес на работникот и пензиски стаж и дополнителните критериуми-материјална положба и број на членови на семејството. Според член 19 став 1 од Правилникот, работниот придонес како основ се определува во зависност од висината на остварениот нето личен доход на работникот во годината која и претходи на годината во која е објавен огласот, а се изразува во бодови. Во ставовите 2,3 и 4 на член 19 од Правилникот се уредува начинот на пресметувањето на бодовите што можат да се добијат по основот работен придонес, а во ставот 5 на член 19 се вреднуваат иноваторските и рационализаторските решенија кои се применуваат во производството.
5. Согласно член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Според член 52 од Законот за основните права од работниот однос, работниците ги користат средствата за заедничка потрошувачка по основ на распределба според трудот и солидарноста според основите и мерилата утврдени со општиот акт и со колективниот договор.
Според член 42 и 42-а од Законот за станбените односи (“Службен весник на СРМ” бр.36/73,14/75,27/86,1/90 и 11/91), давателот на станот на користење со општ акт ги утврдува условите и начинот на давање на станови на користење, односно основите и мерилата за определување редот на првенството за давање стан на користење.
Од изнесените законски одредби произлегува дека е право на организацијата да ги утврди критериумите и мерилата за решавање на станбените прашања на работниците, при што може да го предвиди и придонесот во работата, рационализаторството и иноваторството како и да го определи начинот на нивното вреднување.
Со оглед на тоа што со оспорениот член 19 од Правилникот се предвидени основи и мерила за учество на работниците во распределбата на станови во зависност од трудот и солидарноста, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со означените уставни и законски одредби.
6.На седницата Судот утврди дека по предметот У.бр.51/91 го одбил предлогот на Основниот суд на здружениот труд за оценување уставноста и законитоста на оспорената одлука, затоа што оценил дека не е во несогласност со Уставот и со закон.
Со оглед на тоа што Судот за истата работа веќе одлучувал по повод на поднесен предлог, а сега не наоѓа основ за поинакво одлучување, одлучи како во точката 2 од ова решение.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот м-р Јордан Арсов и судиите Бранка Циривири-Антоновска, Ариф Арифи, Димитрие Димишковски, д-р Филип Лзарески, Братољуб Раичковиќ, д-р Фиданчо Стоев и Вера Терзиева-Тројачанец.