160/2002-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 22 јануари 2003 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за пренесување на акциите во сопственост на државните институции на сметка на Агенцијата на Република Македонија за приватизација бр.23-3086/1 донесена од Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 11.06.2002 година.
2. Стопанска банка, АД Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.
Според наводите во иницијативата оспорената одлука пред да влезе во сила не била објавена во “Службен весник на Република Македонија”, што не било во согласност со член 52 став 1 и 2 од Уставот.
Освен тоа, прашањата што се уредувале со оваа одлука по својата суштина и значење биле во надлежност на законодавната, а не на извршната власт, така што за донесување на оспорената одлука од страна на Владата на Република Македонија не постоел ниту уставен ниту законски основ.
3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија на 30 декември 2002 година донела Одлука за укинување на Одлуката за пренесување на акциите во сопственост на државните институции на сметка на Агенцијата на Република Македонија за приватизација, која е објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.100/02).
4. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето, ако за истата работа, веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по барањето во иницијативата.
Со оглед дека оспорената одлука е укината и престанала да важи Судот утврди дека во конкретниот случај постојат процесни пречки за одлучување по барањето во иницијативата во смисла на член 28 од Деловникот, поради што и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.160/2002
22 јануари 2003 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов