159/1996-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 11 декември 1996 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на став 2 на точката 1 од Задолжителната инструкција бр.2/94-акт на Царинската управа бр.257/1 од 22 февруари 1994 година, донесена од Царинската управа на Република Македонија.

2. На Уставниот суд на Република Македонија, Драган Поповски од Скопје му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на инструкцијата означена во точката 1 од ова решение затоа што со неа се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека со ставот 2 на точката 1 од Инструкцијата се предвидува слободните царински продавници да се отвараат исклучиво за продажба на стоки на патници, односно дека не може и не смее да се продаваат стоки во големи количини. Поточно, во слободните царински продавници може да се продаваат на домашни и странски патници, стоки во одредени колични и тоа до 5 штеки цигари, 5 флаши пијалок (со количина до 1 литар флаша) и 5 килограми кафе.

Исто така, Судот утврди дека на 25 февруари 1994 година е извршено дополнување на наведената инструкција во смисла што со него се задолжуваат царинарниците веднаш, по службена должност, да донесат дополнителни решенија со кои ќе ги утврдат во целост новите услови предвидени во оспорената инструкција.

Понатаму, Судот утврди дека на 8 април 1996 година е извршено ново дополнување на Инструкцијата, со кое се брише оспорената точка 1 со што во слободните царински продавници се дозволува продажба на стоки на домашни и странски патници, без ограничување на количината.

Со ова дополнување, всушност оспорената точка 1 од Инструкцијата е отстранета од правниот поредок.

4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по неа.

Со оглед на тоа што, во конкретниов случај, иницијативата е поднесена во Судов на 19 јуни 1996 година, (а оспорената точка од инструкцијата престанала да важи на 8 април 1996 година), односно во време кога истата веќе била отстранета од правниот поредок, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по неа, па одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Јован Проевски и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр.159/96)