157/2008-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 септември 2008 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Правилникот за систематизација на работните места во Казнено поправната установа ЗАТВОР-СКОПЈЕ Стопанска Единица „8 Септември“ бр.0101-1461/1, донесен од Директорот на установата по предходна согласност на Директорот на Управата за извршување на санкциите на 29 јули 2008 година.

2. Билјана Зефиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот правилник при систематизирањето на работните места, спротивно на Уредбата за начелата за внатрешна организација на органот на државната управа, делокругот на работа на стопанската единица како организациона единица која била истовремено и самостоен правен субјект, се преклопувал делокругот на работа на Секторот за извршно-управно и финансово работење на ЗАТВОРОТ-СКОПЈЕ како орган на државната управа. Имено, според описот во новиот правилник, во членот 5 точка 2.1 извршителот на досегашните работни задачи – Одговорен работни за сметководство во стопанската единица бил преименуван во – Раководител во КПУ ЗАТВОР-СКОПЈЕ – Стопанска единица „8-ми Септември“ за финансиско и сметководствено работење и ги преземал работните задачи на извршителот на работното место – Одговорен работник за буџетско работење кои работни задачи стоеле систематизирани во непроменетиот дел од претходниот Правилник кој останал во сила, заведен под бр.0101-1605/1 од 19.10.2006 година, каде и требало да останат систематизирани бидејќи правно и економски било неосновано сметководствен работник во стопанската единица да ги преклопува работните задачи на буџетските сметководствени работни. Оттука, немало никаков правен основ некој што не бил вработен во органот на државната управа и што немал никакви допирни точки со буџетското работење, да им е раководител на сметководствените работници вработени во буџетската работна заедница кои во сите досегашни закони за извршување на санкциите претставувале составен дел на Секторот за извршно-управно и финансово работење затоа што немале доволно голем обем за да бидле ангажирани поголем број на вработени и со тоа да бидат организирани како самостоен сектор. Со ваква организација на работа не се формирал сектор за финансиско работење а се отворало работно место – раководител на нешто што формално не постоело и ги мешал сметководствени работи на буџетската сметка и на стопанската сметка.

Во член 4 точка 2.2. од новиот Правилник за систематизација, систематизирано било работно место – раководител на Казнено поправна установа ЗАТВОР -СКОПЈЕ Стопанска единица „8-ми Септември“ за извршно управно работење (втор Раководител во иста организациона единица кои немале кого да раководат), а во член 7 точка 2 во описот на работните задачи на извршителот кој ќе биде распореден на ова работно место, се препишани работите и задачите на раководителот на Секторот за извршно-управно и финансово работење кој бил систематизиран, исто така, во непроменетиот дел на претходниот Правилник. Во секторот за извршно-управно и финансово работење кој согласно Законот за извршување на санкциите бил дел од работната заедница на органот на управата, систематизирани се 11 работни места од кои се пополнети 7 работни места, и со преклопувањето повторно на делокругот на работите на овој сектор, овие вработени ги раководи правникот на Стопанската единица. И со даденото име на наведените две работни места – Раководители на некакво работење (финансиско и сметководдствено и извршно – управно) а не раководители на организациони единици (кои не можело да ги има во состав на Стопанската единица која самата претставува единствена организациона единица – Трговско друштво), повторно не било постапено во согласност со Уредбата за начелата на внатрешна организација на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.105/2007) каде во член 5 став 5 е наведено дека со „Секторот раководи раководител на сектор кој за својата работа му одговара на функционерот кој раководи со органот“.

Во иницијативата понатаму се наведува дека и во Законот за извршување на санкциите во член 27 било предвидено дека во Казнено поправната установа и Воспитно поправната установа да се организираат Сектори за ресоцијализација, за обезбедување, за извршно – управно и финансово работење, стопанско-инструкторски и Сектор за здравствена заштита и за секој од наброените сектори се наведени задачите заради кои биле формирани истите (членовите 28, 29, 30, 31 и 32). Организирањето на Стопанските единици не било споменато во рамките на овој дел посветен на организација на Казнено поправна установа и Воспитно поправна установа, туку е регулирано со посебна глава седум посветена на организирање на стопанските единици како засебни организациони единици со кои овој закон дозволува да раководи раководител на Стопанска единица назначен од директорот на установата кој пак согласно Законот за трговските друштва бил управител на Стопанската единица, а не директор (како што било наведено во оспорениот Правилник за систематизација).

Со оглед на наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорениот Правилник за систематизација на работните места не е во согласност со Законот за извршување на санкциите и со Уредбата за начелата за внатрешна организација на органите на државната управа, поради што се бара Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на овој Правилник.

3. Судот на седницата утврди дека Со оспорениот Правилник за систематизација на работните места во казнено-поравната установа ЗАТВОР-СКОПЈЕ , Стопанска едница „8-ми Септември“ се утврдуваат звањата на работници потребни за извршување на работите во казнено-поправната установа ЗАТВОР-СКОПЈЕ – Стопанска единица „8-ми Септември“ видот, називот и распоредот на работните места, како и видот и степенот на стручната подготовка, условите потребни за вршење на работите и опсиот на работните места.

Оспорениот Правилник содржи 16 члена во кои се уредени прашањата во врска со потребните работници за вршење на работите и задачите, како и описот на работните места.

Во член 16 од оспорениот Правилник е утврдено дека со влегувањето во сила на овој Правилник престанувааат да важат точките од т. 7.0. и член 12 од т. 5 – опис на работните места од Правилникот за систематизација на работните места во Казнено-поправната установа ЗАТВОР-СКОПЈЕ и Стопанска едница „8-ми Септември“ заведен под бр.0101-1605/1 од 19 октомври 2006 година.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Макекдонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го определуваат прописот, а според кој тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број субјекти во правото, Судот оцени дека оспорениот акт нема карактер на пропис во смисла на наведената уставна одредба, поради што не е подобен за уставно судска оцена.

Имено, оспорениот правилник има карактер на интерен акт со кој се определуваат работните места на Казнено поправната установа ЗАТВОР-СКОПЈЕ Стопанска единица „8-ми Септември“, се утврдуваат условите потребни за извршување на овие работни места и се утврдуваат описот на работите и задачите кои се извршуваат на некои работни места, со што се овозможува остварување на работите од надлежност на установата.

Со оглед на фактот што оспорениот правилник нема карактер на пропис во смисла на член 110 од Уставот на Република Македонија, туку претставува интерен акт, Судот утврди дека не е надлежен за оценување на неговата согласнсот со Уставот и со законот, поради што согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија иницијативата ја отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски и Игор Спировски.

У.бр.157/2008
24 септември 2008 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски