157/2005-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 и од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 декември 2005 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за спроведување на активности за емисија на еврообврзници и управување со јавниот долг (“Службен весник на Република Македонија” бр.54/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Министерството за финансии и министерот за финансии не можеле да бидат овластени со одлука на Владата на Република Македонија да ги спроведуваат активностите околу подготвување на Република Македонија за емисија на еврообврзници и министерот да ги пропишува критериумите за оценување и избор на најповолна понуда, како што е тоа сторено со оспорената одлука на Владата на Република Македонија. Ова поради тоа што оспорената одлука не се однесувала на спроведување и извршување на определен закон.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, како спротивна на членот 8 став 1 алинеја 3 и 4, член 51, член 68 став 1 алинеја 2, член 88 и член 91 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија, во спротивност со членовите 35 и 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија, и во спротивност со член 55 став 1 и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија ја донела Одлуката за спроведување на активности за емисија на еврообврзници и управување со јавниот долг, број 19-2450/1 од 30 јуни 2005 година објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.54/2005, со која во точката 1 определила дека во името на Владата на Република Македонија се овластува Министерството за финансии да ги спроведе активностите околу подготвување на Република Македонија за емисија на еврообврзници вклучувајќи и избор на странска инвестициона банка/и и странска правна фирма кои на Министерството за финансии ќе му помогнат во:

– изработка на целокупната документација потребна за емисија на еврообврзниците од страна на Република Македонија на меѓународен пазар;
– спроведување на емисијата;
– рекламирањето на емисијата пред потенцијалните инвеститори;
– одржувањето на ликвиден секундарен пазар на еврообврзниците и
– поефикасното управување со јавниот долг.

Во точката 2 од оваа одлука е утврдено дека за спроведување на постапката за избор на странска инвестициона банка/и и странска правна фирма, се формира Комсија за емисија на еврообврзници и управување со јавниот долг.

Се овластува министерот за финансии да ја формира Комисијата за емисија на еврообврзници и управување со јавниот долг и министерот за финансии ги пропишува критериумите за оценување и избор на најповолната понуда/и.

Во точката 3 од оваа Одлука е определено дека се овластува министерот за финансии да го изврши изборот на странска инвестициона банка/и и странска правна фирма врз основа на извештајот за оцена од Комисијата за емисија на еврообврзници и управување со јавниот долг. Изборот на странската правна фирма ќе се изврши само во случај на неангажирање на истата од страна на странската инвестициона банка/и.

Во точката 4 е утврдено дека по спроведување на активностите од оваа одлука Министерството за финансии до Владата на Република Македонија ќе поднесе предлог за правно заокружување за емисијата на еврообврзници, а во точката 5 е утврдено дека оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

4. Според членот 88 од Уставот на Република Македонија, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамки на Уставот и законите.

Согласно членот 91 алинеја 1 од Уставот Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување.

Во алинеите 5 и 6 од овој член од Уставот е определено дека Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите и утврдува нечела за внатрешната организација и за работата на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа.

Со Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 12/2003 и 55/2005) се уредуваат организацијата, начинот на работата и надлежноста на Владата на Република Македонија.

Според членот 27 став 1 од овој закон, Владата утврдува насоки и ставови за извршување на законите и другите прописи.

Согласно членот 35 од овој закон, за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Во членот 36 став 3 е определено дека со одлука Владата одлучува за одделни прашања и мерки за извршување на законите; основа стручни и други служби за своите потреби и заеднички служби за потребите на Владата и на министерствата и другите органи на државната управа.

Со Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000, 44/2002), се уредуваат организацијата, надлежностите и работата на органите на државната управа.

Согласно членот 19 од овој закон, Министерството за финансии ги врши работите што се однесуваат на: системот на финансирање; трезорскиот систем; царинскиот систем; даночниот систем и даночната политика; системот на девизно работење; системот на банките и штедилниците и други финансиски институции; систем на сметководството, ревизијата и платниот промет; заемите и кредитите; макроекономската политика и за развој на националната економија; подготвување проекција на платниот биланс и макроеко-номските биланси; осигурување на имот и лица; игрите на среќа; изготвување и извршување на Буџетот на Република Македонија и на завршната сметка на Буџетот на Република Македонија; и врши други работи утврдени со закон.

Согласно одредбите од членот 4-в од Законот за буџетите (“Службен весник на Република Македонија” бр.79/1993, 3/1994-исправка, 71/1996, 46/2000, 11/2001, 93/2001, 46/2002, 24/2003, 85/2003 и 96/2004), дефицитот на Буџетот на Републиката се финансира со земање заеми од земјата или странство, со издавање благајнички записи или обврзници. Премостувањето на временската неусогласеност меѓу приливот на приходите и извршувањето на расходите на Буџетот на Република Македонија се врши преку емисија на државни записи кои ги издава Република Македонија.

Начинот и постапката за издавање и исплата на државните записи ги утврдува министерот за финансии во соработка со гувернерот на Народната банка на Република Македонија.

Судот утврди дека согласно цитираните законски одредби, Владата на Република Македонија со оспорената одлука одлучила надлежното министерство да преземе одредени конкретни мерки за спроведување на активности за емисија на еврообврзници и управување со јавниот долг, и со Одлуката дала конкретни насоки за реализација на тие активности.

Поаѓајќи од одредбата на членот 91 алинеја 1 од Уставот, според која Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивно извршување, произлегува дека за остварување на оваа надлежност Владата може да донесува акти утврдени со закон, кои по својата природа можат да бидат прописи или конкретни акти во зависност од прашањата кои се третираат со тие акти.

Имајќи ја предвид содржината на оспорената одлука, Судот утврди дека таа претставува конкретен акт донесен од Владата на Република Македонија за функционирање на определени работи и задачи на орган на извршната власт, односно на Министерството за финансии и не уредува односи на општ начин, поради што оспорената одлука не претставува пропис за чија уставност согласно членот 110 од Уставот на Република Македонија Судот нема надлежност да одлучува.

Врз основа на изнесеното, а согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, според кој Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по неа, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Махмут Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.157/2005
28 декември 2005 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова