Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 5 ноември 2003 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Телекс – укажување на Министерството за образование и наука бр.03/121 од 28 август 2003 година.
2. Јован Наумовски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на укажувањето на Министерството за образование и наука. Во иницијативата се наведува дека Основното училиште “Стив Наумов” од Битола како и други училишта од Републиката, на лицата кои стекнале право на старосна пензија по еден основ – жени над 35-39 години работен стаж – им доделува принудни отказни решенија за старосна пензија, спротивно на Законот за работни односи глава 7 член 105 точка 5 и Колективниот договор глава 8 член 51. Имено, останатите лица кои се со завршена учителска школа и се во редовен работен однос под 35 години (жени) како и претежно учители од албанската структура остануваат во настава и им се доделени часови и во учебната 2003/2004 година. Со членот 33 од Законот за основното образование нееднакво се штитат одредени слободи и права на човекот и граѓанинот одредени во член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија – дискриминација на граѓаните по основ на пол, ве рска, национална и друга припадност.
3. Судот на седницата утврди дека Министерството за образование и наука испратило телекс – укажување до директорите на основните училишта со следната содржина: “Согласно член 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/2002), наставниците во одделенска настава со завршена учителска школа кои стекнале право на старосна пензија по еден основ не треба да се вклучуваат во настава почнувајќи од 1 септември 2003 година, односно при распределбата на часовите истите да не им бидат доделувани. Ова укажување треба веднаш да се достави до директорите на основните училишта”.
4. Судот на седницата, исто така утврди дека со членот 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/2002), во членот 119 од Законот ставовите 1 и 2 се бришат. Со бришењето на овие ставови, всушност, со Законот не е предвидена можност учители со завршена учителска школа и наставници во училиштата за основно и музичко образование со работен стаж над 15 години да можат и понатаму да вршат работи и задачи на работните места за кои засновале работен однос.
Бришењето на членот 119 став 1 и 2 од Законот за основното образование е последица на изменувањето на членот 66 став 2 од истиот Закон, според кој учител односно наставник во одделенска настава може да биде лице со завршено соодветно високо односно више образование.
Во однос на членот 66 став 2 и членот 119 став 1 и 2 од Законот за основното образование, пред Уставниот суд на Република Македонија имаше иницијативи за поведување постапка за оценување на нивната уставност.
Уставниот суд со решение У.бр.155/2002 од 18 декември 2002 година не поведе постапка за оценување на уставноста на член 66 став 2 од Законот за основното образование. Според Судот, оспорената одредба сама за себе не создава нееднаквост меѓу наставниот кадар бидејќи со неа се регулира степенот на потребното образование што треба да го имаат учителите односно наставниците во одделенската настава и се однесува на сите нив подеднакво, од што произлегува дека оваа одредба не создава нееднаквост во смисла на член 9 став 1 од Уставот.
Уставниот суд со решение У.бр.154/2002 од 26 март 2003 година, ја отфрли иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование според кој во членот 119 ставовите 1 и 2 се бришат.
Со оглед на тоа што во конкретниов случај членот 33 од Законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование се оспорува од причини што со бришењето на ставовите 1 и 2 од член 119 од Законот за основното образование, законот не содржи одредба која го регулира преодниот режим за наставниците (учители) кои немаат соодветно образование односно се бара укинување на одредба која фактички не постои, Судот утврди дека согласно член 110 од Уставот не е надлежен да одлучува за уставноста на Законот од аспект на одредби што не се содржани во него.
5. Министерството за образование и наука, имајќи ги предвид законските одредби според кои учител односно наставник во одделенска настава може да биде само лице со завршено соодветно високо односно више образование со телекс се обратило до сите директори на основните училишта со укажување дека наставниците во одделенска настава со завршена учителска школа кои стекнале право на старосна пензија по еден основ не треба да се вклучуваат во настава почнувајќи од 1 септември 2003 година, односно при распределбата на часовите истите да не им бидат доделувани.
Од содржината на ова укажување е очигледно дека со него не се регулираат никакви нови односи туку Министерството за образование и наука само укажува како треба да постапуваат директорите на основните училишта во кои се уште има наставници односно учители со завршена учителска школа.
Според член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Согласно член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по иницијативата.
Со оглед на тоа што оспорениот Телекс – укажување не претставува пропис во смисла на член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Лилјана Ингилизова-Ристова и судиите д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, д-р Бајрам Положани, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.157/2003
5 ноември 2003 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Лилјана Ингилизова-Ристова