У.бр.156/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеите 1, 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 23 април 2014 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на

а/ уставноста на член 64 ставовите 1 и 2 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010 и 55/2013) и на
б/ уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за северниот дел од локалитетот на Касарната „Илинден“, општина Карпош и општина Бутел – Скопје, бр.07-8261/7, донесена од Советот на општина Карпош на 9 ноември 2011 година („Службен гласник на општина Карпош“ бр.16/2011) и на Објавата број 07/2012 за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на електронско јавно наддавање за изградба на објекти за семејно домување во станбени згради, комерцијални и деловни намени и здравство во општина Карпош со Табеларен преглед на градежните парцели и податоци за нив, бр.08-6141/3 од 6 септември 2012 година, донесена од Комисијата за спроведување на постапките за јавно наддавање во општина Карпош.

2.Неџмие Ариф од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 под а/ од ова решение и на уставноста и законитоста на Одлуката и Објавата означени во точката 1 под б/ од ова решение.

Во однос на член 64 ставовите 1 и 2 од Законот, подносителот на иницијативата најнапред ја цитира содржината на оспорените одредби, потоа содржината на член 8 став 1 алинеите 3 и 6, член 9 став 2, член 30 ставовите 1, 3 и 4, член 51 став 1 и член 52 став 4 од Уставот, па наведува дека „со измената на член 64 од Законот за денационализација, конкретно ставот 1 и 2 на овој член, со кој се менува членот 64 од Законот за денационализација, повреден е член 9 став 2 од Уставот, бидејќи барателите на кои, не по нивна вина, државата не им го решила предметот по барањето за денационализација (постапката сеуште е во тек или сеуште не започнала), се ставени во понеповолна положба во однос на барателите чии барања се решени до оваа законска измена, што е спротивно на членот 9 став 2 од Уставот на Република Македонија.“

Во натамошниот текст на иницијативата подносителот наведува дека „уставното начело за забрана на повратното дејство на законите значи забрана на примена на законите во правни ситуации и односи што настануваат по нивното влегување во сила, односно законите дејствуваат само врз новите правни ситуации и односи што настануваат по нивното влегување во сила. Дозволен исклучок е ако повратното дејство на законот е поповолно за граѓаните, што не е случај дека постои со оспорените законски одредби од став 1 и 2 на членот 64. Со ваквите законски одредби се воведува нееднаквост на граѓаните во постапката за денационализација, а со тоа и повреда на правната сигурност на граѓаните, како елемент на начелото на владеење на правото и повреда на неприкосновеноста на правото на сопственост, како уставно загарантирано право.“

Во врска со Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план и Објавата број 07/2012, во иницијативата се наведува дека се оспоруваат поради нивната неусогласеност со Законот за денационализација, Законот за сопственост и други стварни права и со Уставот.

„Со член 2 од Законот за денационализација е утврдено кој имот се враќа, односно за кој имот се дава надомест. Според член 37 став 1 од Законот за денационализација, за имот кој не се враќа или за имот кој престанал да постои, се дава надомест според правилата и во постапка утврдена со истиот закон.

Со член 6 од Законот за сопственост и други стварни права се гарантира правната заштита на сопственоста.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, а според алинеја 6 од истиот став, правната заштита на сопственоста е исто така темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според став 3 и 4 од истиот член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правото на сопственост, освен во точно определени ситуации, во кој случај сопственикот добива правичен надомест. Согласно член 51 став 1 од Уставот, законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.“

Според наводите во иницијативата, „со оспорената Одлука градежното земјиште опишано со број на градежни и катастарски парцели во Табеларниот преглед во прилог на оспорената Објава за оттуѓување на градежно земјиште, спротивно на цитираните одредби од Уставот и законите е одлучено да се продава како градежно земјиште во сопственост на Република Македонија, иако истото нема таков третман, туку е национализиран имот за кој јас водам постапки за денационализација, во кои имам доставено доказ за сопственост на истото и тоа тапии. Дека сеуште се водат постапки за денационализација за предметниот имот, доставив во прилог на првичниот поднесок за иницијатива за преиспитување на уставност и законитост.

Фактот што државата сеуште нема правилно одлучено по моите барања за денационализација, бидејќи решенијата на министерот за финансии-Комисија за одлучување по барањата за денационализација за општина Чаир со седиште во општина Чаир, се поништени по заведените управни спорови по нив и тоа Решението ДН бр.19-08-271/3-08 од 27.08.2010 година се поништува со Пресуда на Управниот суд на РМ У-2 бр.75/2011 од 05.09.2012 година и Решението ДН бр.19-08-1705/1 (19-08-494/03) од 29.10.2010 година е поништено со Пресуда на Управниот суд на РМ У-2 бр.91/2011 од 05.09.2012 година.

Имајќи ги редвид цитираните одредби, оспорената одлука и објава биле незаконски и неуставни и со нив се продавало земјиште кое не било во сопственост на Република Македонија, истото било одземено во корист на државата и согласно член 2 од Законот за денационализација бил имот кој се враќа односно имот за кој се давал надомест. Во случајов, со оспорената одлука не бил определен никаков надомест за сопственикот.

3.а/ Судот на седницата утврди дека член 64 од Законот за денационализација е систематизиран во Глава V „Преодни и завршни одредби“ на Законот.

Во став 1 од наведената законска одредба се определува дека „во период од пет години од денот на влегувањето во сила на овој закон заклучно со 7 мај 2003 година, не е дозволено располагање со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот.“

Според став 2 од истиот член, „по истекот на периодот од ставот 1 на овој член, без оглед кога е поднесено барање за денационализација, располагањето со имотот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот, е дозволено.“

Судот, исто така, утврди дека во Автентичното толкување на член 64 ставови 1 и 2 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/98, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/10, 171/10 и 55/13), дадено од Собранието на Република Македонија на 28 февруари 2014 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014) се наведува:

„Одредбата на ставот 1 треба да се толкува така што располагање со имот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот не било дозволено во периодот од влегувањето во сила на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/98) до 7 мај 2003 година.

Одредбата од ставот 2 треба да се толкува така што располагање со имот што е предмет на денационализација, како и искористување на таков имот со кој се создаваат обврски за барателот е дозволено по 7 мај 2003 година. Дозволата за располагање и искористување на имот – предмет на денационализација се однесува на сите поднесени барања за денационализација, од денот на влегувањето во сила на Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/98). Ова значи дека по 7 мај 2003 година, е дозволено располагање и искористување на имот – предмет на денационализација за сите поднесени барања од 7 мај 1998 година до крајниот рок 31 декември 2007 година, кој рок е утврден во членот 49 од Законот за денационализација („Службен весник на Република Македонија“ број 20/98, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/10, 171/10 и 55/13).“

Покрај тоа, Судот утврди дека содржината на член 64 ставовите 1 и 2 од Законот беше оценувана од Уставниот суд во предметот У бр.82/2011, при што со Решение донесено на 18 мај 2011 година не се поведе постапка за оценување на уставноста на наведените законски одредби.

б/ Имајќи предвид дека Уставниот суд веќе одлучувал за уставноста на член 64 ставовите 1 и 2 од Законот за денационализација така што со Решение У бр.82/2011 од 18 мај 2011 година не повел постапка, како и имајќи го предвид Автентичното толкување на член 64 ставовите 1 и 2 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.43/2014), од кое произлегува дека од 7 мај 1998 година до 7 мај 2003 година не било дозволено корисниците да располагаат или да го искористуваат имотот на барателите за кој во тој период било поднесено барање за денационализација (член 64 став 1 од Законот) и дека од 7 мај 2003 година до 31 декември 2007 година било дозволено располагање или искористување на имотот-предмет на денационализација од барателите ако поднеле барање за денационализација во периодот од 7 мај 1998 година до 7 мај 2003 година (член 64 став 2 од Законот), Судот оцени дека сите баратели кои поднеле барање за денационализација во периодот од 7 мај 1998 година до 7 мај 2003 година имале исти права независно дали се решени нивните барања или не, поради што Судот утврди дека нема основи за поинакво одлучување, па оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на овој дел од иницијативата како пресудена работа.

4.а/ Судот на седницата утврди дека Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за северниот дел од локалитетот на Касарната „Илинден“, е донесена врз основа на одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање (член 22 став 1 и член 26 став 4) и Законот за локална самоуправа (член 62 став 1), при што во член 1 од Одлуката се наведува дека со неа се донесува Деталниот урбанистички план и дека тој план е изработен според одредбите од Генералниот урбанистички план на град Скопје, Законот за просторно и урбанистичко планирање, барањата во Програмата за содржината на Планот, Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за поблиска содржина и начинот на графичка обработка на плановите и за начинот и постапката за донесување на урбанистички планови.

Членот 2 од Одлуката ја определува површината (95,16 хектари), опфатот на Планот (северниот дел од Касарната до улицата „Октомвриска револуција“, новопредвидената улица „Втора македонска бригада“), намената (домување; комерцијални деловни намени; јавни институции; производство, дистрибуција и сервиси; зеленило и рекреација; инфраструктура), како и прецизна разработка на намената на објектите опфатени во Планот.

Во член 3 од Одлуката се определува дека составен дел од Одлуката се текстуалниот дел, графичките прилози, основните параметри за уредување на просторот и табеларниот приказ на урбанистичките параметри, а во член 4 се утврдува дека Планот се заверува во седум примероци од кои по еден за архивата на Општината, Секторот за урбанизам, Државниот архив, Министерството за транспорт и врски, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот завод за геодетски работи и едниот примерок се изложува во Општината заради достапност на јавноста.

Членот 5 од Одлуката определува дека таа влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Карпош“.

Судот, понатаму, утврди дека Објавата број 07/2012 определува дека (1) „Предмет на електронското јавно наддавање е градежно неизградено земјиште, сопственост на Република Македонија, предвидено со Детален урбанистички план за северниот дел од Касарната „Илинден“, усвоен на Совет на општина Карпош со Одлука број 07-8261/7 од 9.11.2011 година, со намена …“; (2) „Право на учество на јавното наддавање имаат: 1/ физички лица …..; и 2/ правни лица ….“; (3) „Услови за учество на електронското јавно наддавање – пријава за учество на јавното наддавање, за секоја градежна парцела поединечно, во која е наведено кои документи се составен дел на пријавата, комплетирана со докази; ….“; (4) „Почетна цена – почетна цена на електронското јавно наддавање изнесува 6.000,00 денари од метар квадратен, ….“; (5) „Депозит – депозитот за учество на електронското јавно наддавање; ….“; (6) „Рокови – пријавите за учество на јавното наддавање можат да се достават до 10.10.2012 година на адреса на општина Карпош улица „Демир Трајко“ 43 во Скопје, или директно во архивата на општината Карпош; …..“; (7) „Постапка- 1/ Комисијата ги известува подносителите на пријавите за комплетираноста на истите по електронски пат, во рок од три дена ….; 2/ на денот на одржување на електронското јавно наддавање учесниците пристапуваат на интернет страната …; 3/ електронското јавно наддавање може да отпочне со најмалку еден учесник …; ……; 16/ незадоволните учесници на јавното наддавање можат да изјават приговор до Комисијата во рок од три дена од одржаното електронско јавно наддавање ….“.

б/ Во однос на согласноста на оспорената одлука за донесување на Детален урбанистички план со член 2 и член 37 став 1 од Законот за денационализација и со член 6 од Законот за сопственост и други стварни права, Судот утврди дека спротивставените одредби уредуваат различна материја, па оцени дека не може да се одлучува за согласноста на Одлуката со наведените законски одредби односно дека има процесни пречки за постапување по овој дел од иницијативата, поради што Судот одлучи да го отфрли и тој дел од иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

При таква состојба, Судот утврди дека не може да се постави прашањето и за согласноста на оспорената одлука со член 8 став 1 алинеите 3 и 6, член 30 ставовите 1, 3 и 4 и член 51 став 1 од Уставот.

Во врска со примената, пак, на наведените законски одредби при донесувањето на оспорената одлука и, поради тоа, повреда на наведените уставни одредби, Судот утврди дека, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите. ,

Во однос на оспорената објава број 07/2012, имајќи ја предвид нејзината содржина, Судот утврди дека таа објава не е пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, туку е поединечен акт за отуѓување на конкретни градежни парцели преку електронско јавно наддавање, поради што Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање и на тој дел од иницијативата поради ненадлежност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Елена Гошева и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У бр.156/2012
23.04.2014 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Елена Гошева