156/2009-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на член 59 став 4 во делот “или не расправа во рокот од став 3 од овој член” од Статутот на Општина Центар Жупа, број 07-315/3 од 28.06.2007 година, објавен во Службен гласник на Општина Центар Жупа”, број 03/2007 од 09.07.2007 година.

2. Мазлум Хасан-градоначалник на Општина Центар Жупа, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на одредбата од Статутот на Општина Центар Жупа означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од одредбата, не бил во согласност со членот 51 став 3 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија”, број 5/02), бидејќи со наведениот член, не била дадена законска можност на Општината со Статутот да го регулира прашањето сврзано со необјавувањето односно објавувањето на прописите кои Советот ги донел, поинаку одошто со Законот било регулирано.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 59 став 4 од Статутот на Опшина Центар Жупа, ако Советот го потврди прописот или не расправа во рокот од став 3 од овој член, градоначалникот е должен да го објави прописот и истовремено да поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на спорниот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија.

4. Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно амандманот XVI со кој се заменува ставот 5 на членот 114 од Уставот, локалната самоуправа се уредува со закон.

Согласно член 7 став 1 од Законот за локалната самоуправа општината го уредува вршењето на своите надлежности со статут и со други прописи.

Согласно член 31 од Законот, органи на општината се: советот и градоначалникот.

Согласно член 36 став 1 точка 1 од истиот закон, советот, го донесува статутот на општината и други прописи.

Согласно член 50 став 1 точки 2, 3 и 4 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот ја претставува општината, ја контролира законитоста на прописите на советот, ги објавува прописите на советот во службеното гласило на општината и го обезбедува извршувањето на одлуките на советот, а согласно член 51 став 3 од Законот, ако советот го потврди прописот, градоначалникот е должен да го објави и истовремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија.

Согласно член 59 став 4 од Статутот на Општина Центар Жупа, ако Советот го потврди прописот или не расправа во рокот од став 3 од овој член, градоначалникот е должен да го објави прописот и истовремено да поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на спорниот пропис пред Уставниот суд на Република Македонија.

Од наведените законски одредби произлегува дека Законот за локалната самоуправа упатува со статутот на општината да се уредат нејзините надлежности; дека овој закон го овластува градоначалникот да ја контролира законитоста на прописите што ги донесува советот; дека градоначалникот е овластен со решение да го запре објавувањето на прописот ако оцени дека истиот е несогласен со Уставот и законите и дека советот е должен во рок од 15 дена од донесувањето на решението со кое градоначалникот го запрел објавувањето на прописот, да го разгледа тоа решение во контекст на прописот и да одлучи по него. Оттука, надлежноста на градоначалникот како јавна функција и неговите права и обврски што тој ги има во врска со таквиот статус се утврдени со Законот за локалната самоуправа, при тоа, во ниедна одредба од овој закон не е утврдено овластување за единицата на локалната самоуправа со свој акт да ги уредува овие прашања на било кој начин. Оттаму, овластувањето за градоначалникот содржано во статутарната одредба, излегува надвор од рамките на утврдените надлежности во Законот за локалната самоуправа, бидејќи уредувањето на правата и обврските што му припаѓаат на градоначалникот не е прашање од локално значење за кое е надлежна општината.

Поради изнесеното, Судот утврди дека оспорената одредба од Статутот, му дава можност на советот да не го потврди прописот или да не расправа по него во определениот рок, а го задолжува градоначалникот и без расправа и произнесување на советот да го објави прописот и едновремено да поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на неговата уставност и законитост пред Уставниот суд на Република Македонија, поради што Судот оцени дека истата е несогласна со Законот за локалната самоуправа.

Имајќи ја предвид наведената правна состојба, како и фактот дека со оспорената одредба од Статутот се утврдува овластување за градоначалникот да го објави оспорениот пропис и во случај кога советот не расправал и не се произнел по истиот во дадениот рок, Судот утврди дека во конкретниот случај општината Центар – Жупа ги надминала своите овластувања, поради што и оцени дека оспорената одредба не е во согласност со Законот за локалната самоуправа.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Статутот со член 51 став 3 од Законот за локалната самоуправа.

5. Врз основа на гореизнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 156/2009
9 септември 2009 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски