У.бр.156/2006

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, членовите 28 алинеја 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 13 декември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на на членот 44, членот 45, членот 46, членот 51, членот 52 и членот 66 став 1 точка 7 од Законот за задолжителното осигурување во сообраќајот („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2005 и 71/2006).

2. Горан Ангелковиќ од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот за задолжителното осигурување во сообраќајот означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорените одредби од Законот биле во директна колизија со членот 55 од Уставот.

Имено, најновото поскапување на задолжителното осигурување на моторните возила и на зелените картони „добро го илустрирало однесувањето“ на Владата на Република Македонија кон граѓаните на Република Македонија, бидејќи определените цени немале никаква врска со економската стварност во Македонија.

Потоа, по однос на оспорениот член 44 од Законот се наведува дека Владата на Република Македонија, на предлог на Kомисијата за автомобилска одговорност ја утврдувала минималната и максималната стапка на пре-мијата на осигурување, но определбата за постоење на максимална стапка делувала лицемерно, бидејќи никој никогаш немал да ја примени, ниту да побара да ја плати и се чинело, служела само за да обезбедела привид дека постоел избор и дека се штителе граѓаните.

Притоа, не постоела објективна потреба Владата на Република Македонија или пак Комисијата да ја утврдуваат тарифата на премијата на осигурување, бидејќи на пазарот на осигурителните услуги постоеле доволно параметри, врз основа на кои секоја поединечна компанија можела да ги формира своите цени. Меѓутоа, со овој Закон Владата на Република Македонија ги штитела компаниите од меѓусебна конкуренција и í овозможувала на групацијата да лобира за високи цени на осигурувањето, со што остварувале монополски, непазарни профити на сметка на граѓаните. За таа цел, со оспорениот член 66 точка 7 од Законот, се создавала директна забрана на пазарната конкуренција.

Потоа, во иницијативата се наведува дека Владата на Република Македонија ги штитела компаниите, но не и граѓаните кои заради високо одредените цени за регистрација на возилата се почесто се определувале да не ги регистрираат возилата. Тоа, пак, доведувало до нови зголемувања на цените за осигурување, отсуствувала внатрешна контрола на реалниот пазар и токму тоа го попречувала Владата на Република Македонија, со помош на Законот.

Со ваквата состојба Владата на Република Македонија ја загрозувала безбедноста на граѓаните, ги ставала во конфликтна и нерамноправна положба, бидејќи ги казнувала сите оние што би биле спремни да ја платат цената на осигурувањето, доколку таа би била разумна.

Потоа, следува компаративен осврт на цените на зелените картони за возила, моторцикли и скутери во Македонија и други држави, со приказ на поединечни цени и проценти на зголемување со заклучок, според кој, доколку би возеле во странство штетета што таму би ја причиниле би била сто пати поголема од онаа што би ја направиле во Македонија.

За подносителот на иницијативата ваквиот модел на поскапување имал изнудувачки карактер и бил овозможен токму со одредбите од Законот, бидејќи анализирајќи ги членовите 51 и 52 од Законот, според него произлегувало како да националното биро за осигурување само си ги напишало овие одредби. Напротив, иако Законот требало да предвиди механизам за спречување на злоупотребата на монополот, го легализирал монополот и го промовирал Националното биро во картел кој им се наметнал на граѓаните по пат на принуда и не им давал право на избор.

Според подносителот на иницијативата, Владата на Република Македонија, го загрозувала правото на граѓаните да поседуваат возила и да ги користат за патување во странство, бидејќи ова не одело кон олеснување на визниот режим и намалување на цените на визите со оглед да еднодневно излегување од земјата со сопствено возило би чинело 40 евра.

3. Судот на седницата утврди дека членот 44 од Законот, е со наслов: „Формирање Комисија за осигурување од автомобилска одговорност“. Според став 1 од овој член од Законот, Владата на Република Маке-донија формира Ком исија за осигурување (во натамошниот текст: Комисија). Според став 2, Комисијата од ставот 1 на овој член е составена од пет члена и претседател. Двајца членови и претседателот се именуваат на предлог на Министерството за финансии, а другите тројца се именуваат на предлог на Националното биро за осигурување.

Членот 45 од Законот е со наслов: „Надлежности на Комисијата“. Според став 1 на овој член од Законот, Комисијата изготвува тарифа на премија за осигурување од автомибилска одговорност и и предлага на Владата на Република Македонија минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одго-ворност.

Притоа, иако во иницијативата се означува како оспорена целината на овој член, од наводите од иницијативата произл егува дека за подносителот на иницијативата останатите надлежности на Комисијата дадени во продолжение на одредбата, не се спорни.

Членот 46 од Законот е со наслов: „Утврдување на минималната и максималната стапка на техничка премија„ и во него е определено дека, Владата на Република Македонија на предлог на Комисијата еднаш годишно ја утврдува минималната и максималната стапка на техничка премија за осигурување од автомобилска одговорност.

Членот 51 од Законот е со наслов: „Формирање на национално биро за осигурување“. Според став 1 од овој член, Друштвата за осигурување со договор основаат Национално биро за осигурување (во натамошниот текст: Биро). Според став 2, Бирото од став 1 на овој член го основаат најмалку две друштва за осигурување кои имаат до звола за вршење работи на осигурување во класата на осигурување од автомобилска одговорност. Според став 3, Бирото стекнува својство на правно лице со уписот во трговскиот регистар. Според став 4, Бирото донесува Статут на кој согласност дава Министерството за финансии.

Членот 52 од Законот е со наслов: „Работи на бирото“. Во него се содржани девет точки. Според точката 1 на овој член, Бирото врши работи согласно со меѓународните спогодби за осигурување од одговорност на сопствениците и корисниците на моторни возила (зелена карта) и ги преставува друштвата за осигурување пред меѓународните организации на друштвата за осигурување. Според точката 2 Бирото издава и печати меѓународни зелени картони за потребите на членките. Според точката 3, Бирото ја определува висината на дополнителната премија за издавање на меѓународни зелени картони.

И во овој случај, иако во иницијативата се означува како оспорена целината на овој член, од наводите од иницијативата произлегува дека за подносителот на иницијативата се спорни само првите три точки кои се однесуваат на така наречената зелена карта.

Според членот 66 став 1 точка 7 од Законот, со парична казна од 250.000 до 300.000 денари ќе се казни за прекршок друштвото за осигурување ако примени стапка на премија спротивно на членот 46 од овој закон.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на закон, односно одделни негови одредби, меѓу другото содржи причини за нивното оспорување.

Според член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по иницијативата и ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај, во поднесената иницијатива на Горан Анѓелковиќ од Битола се содржани причини за оспорување на уставноста на одредбите, но истите, според нас не содржат аргументи кои би оделе во прилог на нивната несогласност со Уставот. Ова од причина што за да поднесената иницијатива биде подобна за оценка пред Уставниот суд не е доволно само во неа да се содржани било какви причини за оспорување, туку причините треба да бидат подобни за да врз основа на нив Судот пристапи кон оценка на уставноста, или пак законитоста на оспорениот акт, што не е случај со предметната иницијатива.

Исто така, во одделни сегменти иницијативата како да се движи од оспорување на уставноста на конкретни одредби кон оспорување на уставноста и на целината на Законот, па не е јасно што треба да биде предмет на оцена пред Уставниот суд.

Гледано во целина, станува збор за поднесена иницијатива која се заснова на фактички прашања, како и за иницијатива која не содржи аргументи во прилог на неуставноста на оспорените одредби, што преставува процесна пречка за постапување, од каде прои злезе дека истата треба да се отфрли, согласно член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Судот.

Што се однесува на наводот за непостоење на заштитен механизам во Законот, а тргнувајќи од член 110 од Уставот на Република Македонија, Судот, исто така, утврди дека не е надлежен да одлучува за тоа што би требало да биде содржано во одредбите според подносителот на иницијативата, туку за тоа што е содржано во нив.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од судијата д-р Трендафил Ивановски, кој го заменува претседателот на Судот, и судиите: Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.156/2006
13 декември 2006 година
С к о п ј е
мл/ла

Го заменува Претседателот
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски