156/1992-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 20 од Законот за основите на постапката пред Уставниот суд на Република Македонија и за правното дејство на неговите одлуки, на седницата одржана на 18 ноември 1992 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за определување највисоко ниво на цените на водата од регионалниот водовод “Студенчица”, донесена од Владата на Република Македонија на 5 јуни 1992 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/92).
2. На Уставниот суд на Република Македонија од Јавното претпријатие за комунални услуги “Комуналец” во Кичево му е поднесена иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што Владата на Република Македонија немала овластување да го утврдува највисокото ниво на цената на водата за пиење од регионалниот водовод од причини што водоснабдувањето не било утврдено со закон како услуга од интерес за Републиката.
3. На седницата Судот утврди дека со Одлуката е определено највисокото ниво на цената на водата од регионалниот водовод “Студенчица”.
4. Според член 2 од Законот за системот на општествена контрола на цените (“Службен лист на СФРЈ” бр.84/89), кој, согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, се применува како репуглички со надлежност на републичките органи согласно Уставот на Република Македонија, претпријатијата ги формираат цените слободно, според условите на пазарот. Според член 13 мерките на непосредна контрола на цените се највисоките цени односно највисокото ниво на цените, враќањето на цените на определено ниво и начинот на формирањето на цените. Мерката на непосредна контрола на цените може да трае најмногу 6 месеци, а може и да се продолжи, со тоа што на секои 6 месеци повторно се утврдува постоењето на причините за нејзиното воведување. Според член 14 од Законот мерките на непосредната контрола на цените од интерес за целата земја ги пропишува Сојузниот извршен совет.
Со член 2 од Законот за општествена контрола на цените (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/90) се наброени производите и услугите што се од интерес за Републиката. Со член 4 од Законот е утврдено овластување за Владата да ги пропишува мерките на непосредна контрола на цените за производите и услугите од интерес за Републиката.
Во рамките на уставниот систем пред донесувањето на Уставот на Република Македонија уредувањето на системот на општествената контрола на цените и производите и услугите беше во надлдежност на Федерацијата. Врз таа основа со Сојузниот закон за системот на општествената контрола на цените се утврдени мерките на општествена контрола, органите, условите и начините на нивното преземање, и се остава секоја општествено-политичка заедница со свои прописи да утврди кои производи и услуги се од нејзин интерес. При тоа, цените на производите на комуналните дејности, со оглед на тоа што изречно беа изземени од контролата што ја вршат сојузните органи, а не беа предвидени во листата на производи и услуги од интерес за Републиката, можеа да бидат ставени под контрола на општината. Со влегувањето во сила на Амандманот 69 престанаа да важат членот 111 став 1 и членот 184 став 1 од Уставот на СР Македонија, со што општината го изгуби статусот на општествено-политичка заедница, а со тоа и овластувањето од Законот за системот на општествена контрола на цените да утврдува кои производи и услуги се од интерес за општината и за нив да презема мерки на непосредна контрола. Во таа смисла, со член 8 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите на Уставот се решава и судбината на прописите на општините што тие ги донеле како општествено-политичка заедница пред влегувањето во сила на Амандманите во својство на носител на власт, така што тие се преземаат како републички прописи до усогласувањето со Амандманите на републичките закони со кои се уредуваат правата и должностите на Републиката.
Со оглед на тоа што по донесувањето на Уставот на Република Македонија општината со закон не е овластена да пропишува мерки на непосредна општествена контрола на цените на производите и услугите од комуналните дејности, според мислењето на Судот, според постојните закони Владата на Република Македонија е единствено надлежна да пропишува мерки на непосредна општествена контрола на цените на производите и услугите од комуналните дејности, во чии рамки и на водата за пиење. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одлука со наведените законски одредби и одлучи како во точката 1 од ова решение.