Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 февруари 2010 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 15, член 38 став 1 алинеја 4, став 4 алинеја 4 и член 50-б став 1 точка 4 од Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2005 и 103/2008).
2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби означени во точката 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
Според наводите на подносителот на иницијативата осорениот член 15 од Законот не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 18, член 51 и член 54 ставовите 1 и 2 од Уставот, затоа што со членот 18 од Уставот се гарантирала сигурноста и тајноста на личните податоци и во него не биле предвидени случаи дека со закон можат да се ограничат слободите и правата на човекот и граѓанинот во оваа област. Согласно член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утрдени со Уставот, а не со закон како што било предвидено во конкретниов случај.
Оспорените членови 38 став 1 алинеја 4, став 4 алинеја 4 и 50-б став 1 точка 4 од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 25 и член 51-а во врска со член 54 од Уставот, затоа што со нив се вршело ограничување на можноста за избор на директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци поради осуда за кривично дело или заради изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност и на тоа лице ,односно на директорот му престанувала таа функција ако бил осуден со правосилна судска пресуда за кривични дела на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца, кои настапувале како правна последица од осуда по сила на закон, а не како индивидуализирана казна што ја изрекол судот во рамките на видовите на казни.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 15 од Законот „Правата на субјектот на лични податоци утврдени со одредбите од членовите 10, 11.12.13 и 14 од овој закон, можат да се ограничат во посебни случаи кога со нивното практикување ќе се загрози остварувањето на обврските на контролорот предвидени со закон и тоа:
– за заштита на безбедноста и одбраната на државата,
– заради откривање и гонење на сторители на кривични дела,
– заради заштита од повреда на етичките правила на одредена професија,
– заради заштита на важни економски или финансиски интереси на државата,
– заради заштита на важни економски или финансиски интереси на Европската унија,и
– заради заштита на правата и слободите на субјектите на личните податоци или правата на другите физички лица.
4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правата е едно од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 18 став 1 од Уставот, се гарантира сигурноста и тајноста на личните податоци, а според ставот 2 на овој член на граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информациите за нив преку обработка на податоците.
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.
Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Согласно член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а согласно ставот 2 на овој член слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена и вонредна состојба според одредбите на Уставот.
Со Законот за заштита на личните податоци се уредува заштитата на личните податоци како основни слободи и правата на физичките лица, а особено правото на приватност во врска со обработката на личните податоци.
Во член 2 од Законот е утврдено значењето на одделните изрази кои се употребуваат во овој закон.
Во точка 4 од наведениот член 2 од Законот е утврдено дека „субјект на лични податоци“ е секое физичко лице на кое се однесуваат обработените податоци, а во точката 5, пак, е определено дека “контролор на збирка на лични податоци” е физичко или правно лице, државен орган или друго тело, кое самостојно или заедно со други ги утврдува целите и начинот на обработка на личните податоци (во натамошниот текст: контролор).
Кога целите и начинот на обработка на личните податоци се утврдени со закон или друг пропис, со истиот закон, односно пропис се определуваат контролорот или посебните критериуми за негово определување.
Во делот IV од Законот „Правата на субјектите на лични податоци“ се поместени членовите 10, 11, 12, 13 и 14 на кои се повикува оспорениот член 15 од Законот.
Во членот 10 од Законот е предвидено дека „Кога податоците се прибираат од субјектот на лични податоци тој мора да биде информиран за: идентитетот на контролорот и неговиот претставник во Република Македонија ако го има, целите на обработката, корисниците или категориите на корисници на личните податоци, задолжителноста на давањето на одговорите на прашањата, можни последици ако не се даде одговор и постоењето на право на пристап и право на исправка на неговите лични податоци.
Контролорот не го информира субјектот на лични податоци ако тој веќе е запознаен со работите наведени во ставот 1 алинеи од 1 до 6 на овој член“.
Според член 11 од Законот „Кога податоците не се прибират од субјектот на личните податоци, контролорот во времето на евидентирање на личните податоци, а ако е предвидено личните податоци да бидат откриени од трето лице најдоцна до моментот кога податоците прв пат се откриени, мора да го информира субјектот на лични податоци за: идентитетот на контролорот и неговиот претставник во Република Македонија, ако го има: целите на обработката: категориите на податоци: корисниците или категориите на корисници на личните податоци и постоењето на право на пристап и право на исправка на податоците што се однесуваат на субјектот на лични податоци.
Контролорот не го информира субјектот на лични податоци ако тој веќе е запознаен со работите наведени во ставот 1 алинеја од 1 до 5 на овој член.
По исклучок од ставот 1 на овој член, контролорот не го информира субјектот на лични податоци за обработување на лични податоци за историски, научни или статистички дела ако: истото е невозможно или бара несразмерен напор или трошоци или собирањето односно откривањето на личните податоци е утврдено со закон.”
Во членот 12 од Законот е предвидено дека :”Субјектот на лични податоци може да побара од контролорот да го информира:
– дали се врши обработка на неговите лични податоци,
– за целите и правната основа на обработката на личните податоци и корисниците или категориите на корисници на кои им се откриваат личните податоци,
– за личните податоци во врска со субјектот на личните податоци и изворот на податоци и
– за логиката на автоматизирана обработка, во случај на одлука донесена врз автоматска обработка, која има влијание врз субјектот на лични податоци.
Контролорот е должен да одговори на субјектот на лични податоци од ставот 1 на овој член, во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето.
Кога контролорот одговорил на барањето на субјектот на лични податоци од ставот 1 на овој член, нема обврска повторно да одговори на исто или слично барање на тој субјект, ако во меѓувреме нема промени во неговите лични податоци, освен ако изминале шест месеца од денот на доставувањето на претходното барање до новото барање“.
Во членот 13 од Законот е предвидено дека:”Kога личните податоци се обработуват во согласност со членот 6 став 1 алинеи 5 и 6 на овој закон субјектот на лични податоци има право да побара запирање на обработката на неговите лични податоци.
Во случаите од ставот 1 на овој член, ако барањето е основано, контролорот е должен да ја запре натамошната обработка на личните податоци.”
Во членот 14, пак, од Законот е предвидено дека: “По барање на субјектот на лични податоци, контролорот е должен да ги дополни, измени, избрише или да го сопре користењето на личните податоци ако податоците се нецелосни, неточни или неажурни и доколку нивната обработка не е во согласност со одредбите на овој закон.
Во случај кога контролорот ќе утврди дека личните податоци се нецелосни, неточни или неажурирни должен е истите да ги дополни, измени или избрише, независно од тоа дали субјектот на лични податоци има поднесено барање за дополнување или изменување на личните податоци.
За извршеното дополнување, измена или бришење на личните податоци,согласно со ставот 2 на овој член, контролорот е должен најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето писмено да го извести субјектот на лични податоци, корисниците на личните податоци или третите лица на кои им се откриени личните податоци освен ако тоа не е возможно, или ако тоа бара несразмерен напор или трошоци.”
Во членовите 18 и 18-а од Законот е предвидено правото на физичко лице или здружение на граѓани во кое членува физичко лице, а кое смета дека му е повредено некое право загарантирано со овој закон да поднесе барање за утврдување на повреда на правото до директорот. За повредата на правото со решение одлучува директорот на Дирекцијата против кое решение може да се поведе управен спор.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби јасно произлегува дека сигурноста и тајноста на личните податоци е уставно загарантирана и дека таквата гаранција е операционализирана со Закон за заштита на личните податоци.
Заштитата на личните податоци, покрај правната заштита вклучува и мноштво други мерки што ги преземаат субјектите што учествуваат во процесот на прибирање, обработување, чување, користење и размена на таквите податоци. Во таа смисла пропишувањето на одредени мерки, односно ограничувања на субјектот на личните податоци или поточно речено ограничувањето утврдено во оспорениот член 15 од Законот, односно неможноста на субјектот на личните податоци да ги користи правата утврдени во членовите 10,11,12 13 и 14 од Законот, а со чие користење ќе се доведат во прашање утврдените законски обврски на контролорот, не се во насока на повреда на сигурноста и тајноста на личните податоци. Имено, според Судот, во конкретниов случај се работи за ограничување на правото на информирање на субјектот на личните податоци од страна на контролорот, кој доколку би ги презентирал тие податоци би довел во прашање значајни интереси на државата кои се поголеми од интересот на поединецот.
Оттука, Судот смета дека интересот на поединецот, субјектот на личните податоци не може да се изедначува ниту издигнува над клучните интереси на државата како што се безбедноста, одбраната, економска моќ и други интереси точно утвредени во Законот.
Во поткрепа на гледиштето за допуштеноста на одредени ограничувања и исклучувања зборува и член 9 од Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци. Наведената конвенција влегла во правниот поредок на Република Македонија со донесување на Законот за ратификација („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2005). Според член 9 став 1 од наведената Конвенција „Исклучоци и ограничувања“ нема да биде дозволен никаков исклучок за одредбите од членовите 5, 6 и 8 на оваа Конвенција во рамките на ограничувањата дефинирани во овој член.
Членовите 5, 6 и 8 се однесуваат на прашања за „Квалитет на податоци”, “Специјални категории податоци” и “Дополнителна заштита на предметот на податоци”.
Според став 2 на член 9 “Исклучоците од одредбите на членовите 5, 6 и 8 од оваа Конвенција ќе бидат дозволени кога таквите исклучоци ќе бидат наведени во законите на една страна и претставуваат потребна мерка во демократското општество во интерес на : а) заштита на државната безбедност, јавната безбедност, монетарните интереси на државата или сузбивање на кривичните прекршоци, б) заштита на предметот на податоците или правата и слободите на другите.
Со оглед на наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 15 од Законот со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.
5. Судот, исто така, утврди дека во оспорениот член 38 став 1 алинеја 4 од Законот, за директор, односно за заменик на директорото, може да биде избраното лице кое „не е казнет со казна, односно да не му е изречена прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност“ (оспорен дел).
Судот понатаму, утврди дека во оспорениот член 38 став 4 алинеја 4 од Законот, функцијата директор, односно заменик директор претстанува и „ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривични дела на безусловна казна затвор во траење од најмалку шест месеца“ (оспорен дел).
Судот, воедно утврди дека во оспорениот член 50-б став 1 точка 4 од Законот, член на прекршочна комисија може да се разреши „ако биде осуден со правосилна судска пресуда за кривични дела на безусловна казна затвор од најмалку шест месеца“ (оспорен дел).
Согласно член 8 став 1 алинеите 1 и 3 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за кривично дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.
Согласно член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниви дела и за кои не била предвидена казна.
Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.
Согласно член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.
Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Согласно член 37 од Законот за заштита на лични податоци, а заради вршење на надзор под законитоста на предметните активности при обработување на личните податоци и нивната заштита на територијата на Република Македонија се основа Дирекцијата за заштита на лични податоци како самостоен и независен државен орган.
Со Дирекцијата раководи директорот, кој го избира Комисијата за прашања на изборите и именувањето на Собранието на Република Македонија по пат на јавен конкурс, за време од пет години.
Во членот 38 од Законот, се утвредни условите за избор на директор односно заменик директор на Дирекцијата.
Во членот 50-а од Законот е предвидено дека за прекршоците утврдени во членовите 49 ,49-а и 50 (казни за прекршок од физичко лице контролор и казни за прекршок од физичко лице обработувач на збирка на лични податоци) прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Дирекцијата.
Прекршочна постапка од став 1 на овој член ја води прекршочна комисија формирана од Директорот на Дирекцијата.
Во член 50-б е утврдено во кои случаи член на прекршочна комисија може да биде разрешен.
Имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби наспрема наводите во иницијативата според кои законските решенија за избор на директор и заменик-директор на Дирекцијата, за престанување на нивната функција како и за разрешувањето на член на прекршочна комисија пред истекот на мандатот за кој се избрани, односно не се избрани, настапувале како правна последица од осуда по сила на Закон, а не како индивидуализирана казна што ја изрекува Судот во рамките на видовите на казни, поради што се доведувала во прашање нивната уставност, според Судот се неосновани.
Согласно член 33 став 1 точка 5 од Кривичниот законик, забраната за вршење на професија, дејност или должност е една од казните која може да им се изрече за извршени кривични дела на кривично одговорните сторители. При тоа, во ставот 6 на овој член е утврдено дека казната забрана на вршење на професија, дејност или должност може да се изрече само како споредна казна заедно со казната затвор или со условна осуда со која е утврдена казна затвор. Согласно член 38-б од овој закон, судот може на сторителот на кој му изрекол казна затвор или условна осуда со која е утврдена казна затвор да му забрани вршење определена професија или дејност, на должности или работи сврзани со располагање, користење, управување и ракување со имот или за чување на тој имот, ако ја злоупотребил својата професија, дејност или должноста заради извршување на кривично дело и ако врз основа на природата на извршеното дело и околностите под кои е сторено може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење кривично дело. Судот го определува траењето на забраната, кое не може да биде пократко од една ниту подолго од десет години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката, со тоа што времето поминато во затвор не се засметува во времето на нејзиното траење.
Согласно член 13 точка 5 од Законот за прекршоците, забраната на вршење професија, дејност или должност претставува санкција која може да се изрече за прекршоци на прекршочно одговорни полнолетни сторители. Според член 22 од овој закон, на сторителот на прекршокот може да му се забрани вршење определена професија, дејност или должност или работи сврзани со располагање, користење, управување и ракување со имот или за чување на тој имот, ако ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршување на прекршок и ако врз основа на природата на прекршокот и околностите под кои е сторен може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење на прекршок. Траењето на забраната го определува судот, кое не може да биде пократко од една ниту подолго од пет години, сметајќи од денот на правосилноста на одлуката.
Со оглед на тоа што во Кривичниот законик и во Законот за прекршоците е утврдено во кои случаи судот може да ја изрече казната забрана за вршење на професија, дејност или должност, како и времетраењето на оваа забрана, Судот смета дека забраната за именување на јавна функција, како што е директор и заменик директор на Дирекцијата поради изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, претставува последица на индивидуализирана казна изречена од суд, поради што не може да се прифати тврдењето дека во овој случај станувало збор за правна последица од осуда по сила на закон.
Законското решение според кое функцијата на директорот, односно заменикот на директорот на Дирекцијата и на член на Прекршочната комисија, ќе му престане ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, според Судот не претставува правна последица од осуда по сила на закон, како што се наведува во иницијативата, туку последица од казната што ја изрекол судот. Имено, од дикцијата на одредбата, недвосмислено произлегува дека законското решение е токму последица од судската осуда со која е изречена казна затвор од најмалку 6 месеци, која казна по својата природа не дозволува истовремено вршителот на јавната функција, односно членот на прекршочната комисија да биде присутен и да ја врши функцијата. Ваквото решение предвидено во Законот е во согласност и со Законот за работни односи, каде во член 99 законодавецот пропишал дека „Работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување ако: 1. на работникот со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена воспитна или безбедносна мерка, поради која не може да врши работи подолго од шест месеци или поради издржување на затворска казна ќе мора да биде отсутен од работа повеќе од шест месеци“.
Како последица на изречена правосилна судска пресуда на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, произлегува дека вршителот на јавната функција – директор, односно заменик на директорот на Дирекцијата нема да биде во состојба да ја врши функцијата, бидејќи физички ќе биде отсутен и спречен да ја врши функцијата за која е именуван, што е класичен основ за престанок на вработувањето или во конкретниот случај, на вршењето на јавната функција, односно водењето на прекршочната постапка поради што не може да се прифати тврдењето дека во овој случај станувало збор за правна последица од осуда по сила на закон.
Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 38 став 1 алинеја 4, став 4 алинеја 4 и член 50-б став 1 точка 4 од Законот со член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 25 и член 51 од Уставот.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.
У.бр.155/2009
3 февруари 2010 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски