У.бр.155/2007

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 19 декември 2007 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТРФЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 1 ставови 1 и 4 од Зако­нот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 18/2002).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата по однос на делот со кој се бара оцена на меѓусебната согласност на членот 1 ставови 1 и 4 од Законот наведен во точката 1 на ова решение со Законот за соработка на Република Македонија и Меѓународниот кривичен суд за гонење на лица одговорни за сериозни повреди на меѓународното хуманитарно право извршени на територијата на поранешна Југославија („Службен весник на Република Македонија“ бр.73/ 2007) и посебно со неговите членови 25, 26, 27 и 28 како и со членот 9 став 1 од Статутот на Хашкиот Трибунал.

3. Јана Лозаноска од Скопје на Уставниот суд на Репу-блика Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 1 ставови 1 и 4 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Иницијативата започнува со озна­чување на домашните и меѓу­на­родни правни акти кои според под­носителот на иницијативата би требале да бидат „применливо право“ во третирањето на прашањето за оценување на уставноста на ставo­вите 1 и 4 од членот 1 од Законот.

Потоа, во иницијативата се изложува сваќањето на поими­те: „вооружен судир“ или „вооружен конфликт“ според гледиштето на подносителот на иницијативата преку одредбите на Законот за амне­стија и повеќе меѓународни акти. Меѓу нив се посочува на: I, II III и IV Женевската конвенција од 1949 година и I и II Дополнителен Протокол од 1977 година и Статутот на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија од Април 2004 година, заедно со Правилникот за постапка и докази.

Притоа, според подносителот на иницијативата правото кое се применувало во вооружените конфликти се нарекувало меѓуна-родно хуманитарно право во чија основа биле Женевските конвенции и Дополнителните протоколи чија договорна страна била и Република Македонија, со посочување дека во овие акти бил дефиниран воору-жен судир од немеѓународен карактер.

Потоа се појаснува дека намерата на подносителот на иницијативата не е да ги поткопува процесите на помирување во на­шата држава туку да придонесе за владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

По однос на оспорениот став 1 од членот 1 од Законот, подносителот на иницијативата наведува дека од содржината на оспорената одредба не можело да се утврди кога започнал конфли-ктот за да се одреди од кога треба да започне сметањето на важе­ње­то на амнестијата, што било од исклучителна важност. Временската рамка всушност и не била определена од страна на институциите во Република Македонија а ни Меѓународниот трибунал во Хаг сеуште не утврдил кога започнал конфликтот.

Оттаму, според подносителот на иницијативата, не може­ле да се покријат со амнестија делата сторени пред март 2001 година, а поврзани со овие настани.

Поради наведеното, Јавното обвинителство и судските органи биле ставени со сила во состојба на пасивност и неможност да ги извршуваат своите со Устав и закон утврдени функции, поради што постоела повреда на членот 51, членот 98 и членот 106 од Уставот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека законода-вецот не прецизирал за кои кривични дела се однесувала амнести­ја­та, иако во членот 6 став 5 од II Дополнителен Протокол било опре­де­лено дека: „властите ќе се потрудат да дадат амнестија на оние лица кои учествувале во вооружениот конфликт“. При ова требало да се има предвид дека домашната, но и странската теорија и практика го потврдувале фактот да нема амнестија за воени злосторства. Напро-тив прешироката и бланко амнестија се сметала за неле­гална и неважечка.

Поради наведеното постоела повреда на членот 51 и членот 118 од Уставот на Република Македонија и на Законот за сора­бот­ка на Република Македонија и Меѓународниот кривичен суд за гонење на лица одговорни за сериозни повреди на меѓународното хумани­тар­но право извршени на територијата на поранешна Југославија („Служ­бен весник на Република Македонија“ бр.73/2007).

По однос на оспорениот став 4 на членот 1 од Законот подносителот на иницијативата најнапред посочува дека Кривичниот законик ги санкционирал воените злосторства во делот на кривични дела против човечноста и меѓународното право (член 403-422). Притоа надлежност за процесуирање на воените злосторства имал и Меѓуна-родниот трибунал, а во членот 9 став 2 од Статутот на Трибу­налот била уредена примарната надлежност по однос на национал­ните судови, која пак одредба била вградена во оспорениот став 4 на членот 1 од Законот.

Меѓутоа, според подносителот на иницијативата, оваа оспорена одредба, како одредба од процедурален карактер, била нај­проблематична заради нејзиниот непрецизен и општ карактер по однос на соработката на македонските одргани со Трибуналот. Ова и од причина што на оваа одредба не и било местото во Законот за амнестија на што укажувала практиката на некои држави по однос на соработката со Трибуналот, како што бил случајот со Република Хрва-тска. Затоа немало никакво оправдување за пасивноста на македо-нските законодавни органи, а вака создадената „лоша“ одредба не била соодветна за остварување на соработка со Трибуналот.

Понатаму во иницијативата следуваат коментари по однос на тоа кога требало да биде донесен Законот за соработка на Република Македонија и Меѓународниот кривичен суд за гонење на лица одговорни за сериозни повреди на меѓународното хуманитарно право извршени на територијата на поранешна Југославија, коментар по однос на уредувањето на меѓународната правна помош во Законот за кривичната постапка, како и коментар за „правниот персоналитет“ на Трибуналот.

Заради сето наведено подносителот на иницијативата смета дека постоела повреда на членот 12 ставови 1 и 2 и членот 51 од Уста­вот на Република Македонија.

Втората причина за оспорување на ставот 4 од членот 1 од Законот, според подносителот на иницијативата се состоела во тоа што одредбата не го содржела зборот: “надлежност“ заради што се создавале сите проблеми што создавало импресија дека Хашкиот трибунал имал ексклузивна надлежност за судење на воени злосто-рства, што не било точно. Имено, таква надлежност имале домашните судови и тоа само во случај кога Трибуналот не ја употребил својата примарна надлежност и доколку имало постоење на вооружен конф­ликт. Притоа постоењето на вооружен конфликт морало да го утврдат националните судови или пак да ја применат донесената дефиниција на Трибуналот.

Оттаму, по однос на оваа одредба постоела некомпати­билност со Законот за соработка на Република Македонија и Меѓу-народниот кривичен суд за гонење на лица одговорни за сериозни повреди на меѓународното хуманитарно право извршени на територи­јата на поранешна Југославија и посебно со членовите 25, 26, 27 и 28 како и со членот 9 став 1 од Статутот на Хашкиот Трибунал. Потоа, постоела и некомпатибилност и по однос на нашите обврски согласно со Женевските конвенции од 1949 година и Дополнителните Прото­коли од 1977 и со меѓународната судска практика.

Поради сето наведено постоела повреда на членот 51, членот 98 став 5 и членот 118 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека според содржината на оспорениот член 1 став 1 од Законот за амнестија, со овој закон се ослободуваат од гонење, се запираат кривичните постапки и потполно се ослободуваат од извршување на казната затвор (во натамошниот текст: амнестија), граѓани на Република Македонија, лица со законски пре­с­тој, како и лица кои имаат имот или семејство во Република Маке­до­нија (во натамошниот текст: лица), за кои постои основано сомне-вање дека подготвувале или сториле кривични дела поврзани со конфлик­тот во 2001 година, заклучно со 26 септември 2001 година.

Амнестијата се однесува и на лица кои и пред 1 јануари 2001 година, подготвувале или сториле кривични дела во врска со конфликтот од 2001 година (став 2).

Во ставот 3 алинеи: 1 и 2 од истиот член од Законот е пре-двидено ослободување од гонење и запирање на кривичните постапки за кривични дела според Кривичниот законик или друг закон на Република Македонија против лицата за кои постои основано сомнение дека подготвиле или сториле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година. Во алинеата 3 од истата одредба е предвидено потполно ослободување од извршувањето на казната затвор за кривични дела според Кривичниот законик и други закони на Република Македонија на лицата кои подготвиле или извршиле кривични дела поврзани со конфликтот до 26 септември 2001 година, а во алинејата 4 е определено бришење на осудата и укинување на правните последици на осудата заклучно со наведениот датум.

Според оспорениот став 4 на членот 1 од Законот, одред­бите од ставовите 1, 2 и 3 на овој член не се однесуваат на лицата кои извршиле кривични дела поврзани и во врска со конфликтот во 2001 година, кои се во надлежност и за кои Меѓународниот трибунал за гонење на лица одговорни за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година ќе поведе постапка.

5. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите пропи-си и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставни-от суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иници­јативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај, во претходна постапка се утврди дека по повод иницијатива на Игнат Панчевски, адвокат од Скопје, која содржела слични наводи како предметната иницијатива Уставниот суд на Република Македонија донел Решение У.бр.169/2002 од 19 февруари 2003 година во чија точка 1 одлучил да не поведе пос­тапка за оценување на уставноста на Законот за амнестија (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/2002). Во постапката по овој предмет, меѓу другото, предмет на оцена биле и сега оспорениот член 1 ставови 1 и 4 од Зако­нот.

Решението е објавено во „Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2003.

По повод поднесената иницијатива Судот тргнал од ана­лизата на член 8 став 1 алинеја 3, член 10, член 11, член 12, член 15, член 20 став 4, член 68 став 1 алинеја 18 и член 118 од Уставот и утврдил дека Уставот во своите одредби не ги определува содржи­на­та и видовите на амнестијата и оставил овие прашања поблиску да се уредат со закон, како и тоа дека давањето на амнестија припаѓа во надлежност на Собранието на Република Македонија.

Според Судот, со генерално дефинирање на амнестијата се занимава членот 113 од Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр.37/1996), па во оваа одредба е предвидено дека: на лицата кои се опфатени со акт на амнестија им се дава ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршувањето на казната, им се заменува изречената казна со поблага казна, им се определува бришење на осудата или им се укинува опре-делената правна последица од осудата.
Гледано ретроспективно во Република Македонија, актите за амнестија секогаш биле донесувани како чин на добра волја на државата, со цел преку ваквите акти да се делува од кривичен аспект на генералната и специјалната превенција или со цел да се воспос­та­ви одредена хармонија и смирување на одредени состојби во опште­с­твото. Со оспорениот Закон целта е воспоставување на мирот, надми­нување на кризата во државата, реинтеграција на лицата кои подгот­вувале и сториле кривични дела во врска со конфликтот во 2001 годи­на и нивно побрзо враќање во општеството како слободни граѓани. Потребата од донесување на конкретен акт за амнестија може да биде различна, но секогаш следува донесување на ваков акт, кога со други правни средства не може да се добие правно решение, а при тоа не треба да се занемари и гледиштето на државата дека постои потреба на овој начин да се измени она што претходно е одлучено.

Сето ова е на релација со дефинирањето на амнестијата, како акт врз основа на кој поименично неопределени лица, чиј круг се определува со актот за амнестија, добиваат потполно или делумно ослободување од извршувањето на казната или други поволности, како што се: запирање на постапките што се во тек, замена на изре­че­ниот вид казна со поблаг вид на казна, бришење на осудата и укину­вање на правните последици на осудата. При тоа актот за амнестија може да содржи и аболиција или ослободување на сторителите на делата од кривично гонење за сторените дела за кои е во тек или не започнала да се води кривична постапка.

По однос на прашањето дали во оспорениот Закон било нужно определување на почетниот период по однос на подготвува-њето на кривичните дела во врска со конфликтот, за Судот појдовна основа била содржината на член 18 став 3 од Кривичниот законик, каде поблиску се определени однесувањата-делувањата што можат да се сметаат како подготовка на кривично дело. Во оваа одредба како подготовка за извршување на кривично дело се наведени: наба­вување или приспособување на средства за извршување на криви­ч­ното дело, отстранување на пречките за извршување на кри­вичното дело, договарање, планирање или организирање со други изврши­те­ли на кривични дела, како и други дејствија со кои се создаваат усло­ви за непосредно извршување на кривичното дело, а кои не претс­та­вуваат дејство на извршување.

Од изложениот карактер на можните активности насочени кон извршување на конкретно кривично дело, според одредбата од Кривичниот законик, според Судот, станувало збор за фактичко пра­шање дали одредено однесување, според временскиот период кога се случувало и други показатели, може да се смета како дејствие на подготовка на кривично дело, па од изложениот аспект не можело да се прифати дека се повредува членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Според мислењето на Судот во оспорениот Закон не било неминовно дефинирање на повеќе пати употребениот поим “конф­ликт”, на кое нешто се инсистирало во иницијативата, бидејќи станува збор за општо познат поим, па не е сторена повреда на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Од друга страна дали определен закон ќе содр­жи дефиниција на употребените поими или не, оставено е на оценка на законодавецот кој треба да ги почитува уставните одредби.

Понатаму, по однос на содржината на членот 1 од Зако­нот, Судот утврдил дека во него нема поединечно набројување на кривичните дела за кои се дава амнестија преку: ослободување од гонење, запирање на кривичните постапки, потполно ослободување од издржувањето на казната затвор, бришење на осудата, укинување на правните последици на осудата, односно во член 4 не се наведени кривичните дела за кои нема да се поднесе кривична пријава, освен што во двете одредби е определено дека се работи за сторени или подготвувани кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година.

Меѓутоа, според Судот, доколку се имало во предид дека во членот 1 став 4 од Законот е предвиден исклучок во примената на амнестијата за сторителите на кривичните дела за кои е надлежен Меѓународниот трибунал, во членот 2 има децидно набројување на кривичните дела за кои се однесува амнестијата, во членот 3 став 2 е содржан вториот исклучок во примената на амнестијата за стори-телите на кривичните дела против човечноста и меѓународното право и делата во врска со неовластеното производство и пуштање во промет на наркотични дроги и други кривични дела, произлегува дека може да се определи за кои се кривични дела се даваат предвиде­ни­те погодности на амнестијата. Уште повеќе што не секое кривично де­ло може да има карактер на кривично дело сторено или подготвувано во врска со конфликтот од 2001 година.

Понатаму, според мислењето на Судот во оспорениот Закон не било неминовно дефинирање на повеќе пати употребениот поим “конфликт”, на кое нешто се инсистирало во иницијативата, бидејќи станува збор за општо познат поим, па не е сторена повреда на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Од друга страна дали опре­де­лен закон ќе содржи дефиниција на употребените поими или не, е оставено на оценка на законодавецот кој треба да ги почитува устав­ните одредби.

Според гледиштето на Судот, правото на државата да даде амнестија, не ги повредува одредбите од Уставот што ги гаран­тираат наведените права. Ова од причина што повредата на овие уставни права, во кривичните норми добиваат обележје на конкретно кривично дело и тие дела соодветно се санкционираат. Исто така, не постои уставна забрана на сторителите на овие најтешки кривични дела или било кое кривично дело да им се даде амнестија од страна на Собранието на Република Македонија. Уставот во член 68 став 1 алинеја 18, определил можност Собранието на Република Македонија во конкретна ситуација да даде амнестија, но содржината и видовите на амнестијата е оставено да се регулира со самиот акт за амнестија.

Од друга страна во член 1 став 4 од Законот е определен исклучок во примената на амнестијата по однос на лицата кои извр­шиле најтешки кривични дела поврзани и во врска со конфликтот во 2001 година, кои се во надлежност и за кои Меѓународниот трибу­нал за гонење на лицата одговорни за тешко кршење на меѓународ­ното хуманитарно право на територијата на поранешна Југославија од 1991 година ќе поведе постапка. Вториот исклучок е предвиден во членот 3 став 2 од Законот, на начин што амнестијата не се однесува на осудените лица помеѓу другото и за кривични дела против човеч­носта и меѓународното право (глава XXXIV, член 403 до 422 од Кривичниот законик).

Врз основа на изнесеното Судот оценил дека со предвидените исклучоци во членот 1 став 4 и членот 3 став 2 од Законот, се обезбедени механизми за заштита на наведените неприкосновени права, со оглед дека нивната повреда е окарактеризирана како тешко кршење на меѓународното хуманитарно право, односно како кривични дела против човечноста и меѓународното право.

При оценката на согласноста на ставот 4 од членот 1 од Законот со уставните одредби, кај Судот се поставило и прашањето дали со ваквото законско решение не доаѓа до исклучување на домашното законодавство од надлежноста да ги гони и казни стори­телите на најтешките кривични дела од периодот на конфликтот.

Oд тие причини било нужно Судот да навлезе и во анали­за на одредбите на Статутот на Хашкиот суд или Хашкиот трибунал, формиран со Резолуцијата 808 од 22 февруари 1993 година од Советот за безбедност врз основа на Повелбата на Организацијата на обединетите нации, а врз основа на обврската на страните вме­шани во конфликтот на територијата на поранешна Југославија да се придржу-ваат кон меѓународното хуманитарно право и посебно кон Женевската конвенција од 12 август 1949 година.

Притоа Судот утврдил дека надлежноста и постапката пред Трибуналот се уредени со Статутот на Судот, прифатен од Советот за безбедност, а покрај Статутот усвоени се и други акти што ги регулираат одделните фази во постапката пред Судот. Основното начело на кое се базира конкурентната надлежност е взаемната надлежност на Хашкиот трибунал и на националните судови.

Критериумот “тешко кршење на меѓународното хуманитарно право” како недоволно прецизно дефиниран, се разработува во одредбите на Статутот на Трибуналот, кои пак содржат јасно опреде­лување на казнивите дела со повикување на: кршење на Женевската конвенција од 1949 година (член 2), како што се: намерно убивање, тортура или нехуман третман и други инкриминирани дејствија. Потоа во членот 3 од Статутот се содржани казниви дела што значат кршење на законите или обичаите на војување. Член 4 од Статутот содржи казниви дела како што се геноцид или некое друго злосторство спо­ред Конвенцијата од 1948 година за превенција и закана за злостор­с­тва од овој вид. Притоа како дејствија со кои се врши геноцид се про­пишани: убивање на членови или на цела група, причинување тешки телесни или ментални повреди и така натаму. Злосторствата против чове-штвото се забранети без оглед по каков повод се направени, а како злосторства се прогласени со Повелбата за Нинрбершкиот суд и со други документи. При тоа само членот 2 изричито се базира на Жене-вската конвенција, а за останатите одредби, заклучокот за тоа во кој меѓународен документ се предвидени се влече од анализата на описот на кривичните дела. Оттука, според Судот, овие кривични дела изричино се пропишани со меѓународните правни акти што се рати-фикувани, а истите кривични дела се преземени и во национал­ните законодавства.

Понатаму, Судот, по пат на компарација помеѓу одредбите од оспорениот Закон со членот 7 став 1 од Статутот, по однос на пла­нирањето на кривичните дела, утврдил дека во одредбата од меѓуна­родниот акт, исто така, се предвидува одговорност и за лицето кое планирало или потикнувало кривично дело од членовите 2 до 5 од овој Статут, без определување на почетниот термин на планирање односно подготовка на кривичното дело.

Македонското кривично законодавство во целост ги сан­кционира кривичните дела опфатени во бројни меѓународни акти во членовите 403 до 422 од Кривичниот законик во главата под наслов “Кривични дела против човечноста и меѓународното право”. Од ана­лизата на одредбите на Статутот и оваа глава од Кривичниот законик произлегло дека тие не содржат изворна регулатива по однос на би­тијата на кривичните дела и нивните наслови туку истите се базираат на повеќе меѓународни конвенции.

Понатаму, во постапката по предметот у.бр.169/2002, Судот утврдил дека според членот 9 од Статутот, Меѓународниот суд и националните судови паралелно се надлежни кривично да го гонат лицето за тешко кршење на меѓународното хуманитарно право сторе­но на територијата на поранешна Југославија од 1 јануари 1991 годи­на. Меѓународниот суд има примат над националните судови. Мегуна­родниот суд може во било која фаза на постапката формално да побара од националните судови да ја отстапат надлежноста на Меѓу­народниот суд во согласност со овој Статут и Правилникот за постап­ката и доказите на Меѓународниот суд. Република Македонија на ба­рање на Трибуналот одстапи пет предмети, формирани против извр­шители на кривични дела во врска со конфликтот во 2001 година, чиј правен исход се уште не е познат.

Според Судот, оваа одредба ја разрешува конкурентната надлежност со давање на примат на Хашкиот трибунал над домаш­ната или националната надлежност, бидејќи националната јурисдик­ција не може да ја исклучи меѓународната јурисдикција. При тоа со гонење за такви дела, како и со давање на амнестија или помилување за ваков вид на кривични дела, не би смеело да се оневозможува извршува-њето на одлуките на Хашкиот трибунал.

Од така направената анализа, произлегло дека содржа-ниот исклучок за лицата што не се амнестираат од член 1 став 4 од Законот за амнестија бил неопходен заради фактот што меѓународ­ните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија согласно член 118 од Уставот.

Исто така, Судот имал предвид дека Република Македо-нија е членка на Обединетите нации. Одлуката за пристапување кон Женевските конвенции и протоколи е донесена во 1993 година, со што Република Македонија во правниот поредок вклучила низа меѓу­народни акти што санкционираат тешки кривични дела. Одлуката за пристапување на Република Македонија кон меѓународните договори за основните човекови права и слободи е донесена во 1993 година, со што Република Македонија пристапила кон: Универзалната деклара­ција за човековите права од 10 декември 1948 година, Конвенцијата за спречување на злосторства на геноцид од 9 декември1948 година и многу други меѓународни акти.

Врз основа на наведеното произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија во донесеното Решение У.бр.169/2002 од 19 февруари 2003 година во целост се произнел за прашањата што се покренуваат со предметната иницијатива. Оттаму, произлегува дека Судот веќе одлучувал за истата работа и нема основи за поинакво одлучување согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Судот од каде се исполнети претпоставките иницијативата да се отфрли.

Што се однесува до останатите наводи за можна повреда на членот 51 и членот 106 од Уставот, Судот оцени дека според својот карактер не би можеле да доведат до утврдување на поинаква факти-чка и правна состојба од веќе утврдената и не се од значење за доне-сување на поинаква одлука.

6. Тргнувајќи од содржината на член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на одредби од ист или различни закони.

Оттаму, по однос на наводите од иницијативата со кои се бара оцена на меѓусебната согласност на членот 1 став 1 и 4 од Зако­нот за амнестија со Законот за соработка на Република Македонија и Меѓународниот кривичен суд за гонење на лица одговорни за сериоз­ни повреди на меѓународното хуманитарно право извршени на тери­торијата на поранешна Југославија („Службен весник на Република Македонија“ бр.73/2007) и посебно со неговите членови 25, 26, 27 и 28 како и со членот 9 став 1 од Статутот на Хашкиот Трибунал исполнети се претпоставките за отфлање на иницијативата сог­ласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од пре-тседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите: Лилјана Ингилизова-Ристова, м-р Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.155/2007
19 декември 2007 година
С к о п ј е
мл

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски