155/2006-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 ноември 2006 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 14 алинеи 9, 16 и 20 во делот кој се однесува на високо стручен медицински кадар, здравствени соработници и други самостојни стручни соработници со магистериум и со специјализација во струката од Колективниот договор дел за плати, други права по основ на плата и надоместоци на плата на ниво на работодавец, склучен помеѓу Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија и Јавната здравствена установа – Универзитетски клинички центар Скопје, под број 0101-78 и број 0101-5283/1 од 26 јуни 2006 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за еднакво вреднување во делот на основната плата на категоријата работници со завршена специјализација по медицинска биохемија, во Колективниот договор означен во точка 1 на овa решение.

3. Олга Џајковска – Левајковиќ, Цветко Тодоровски, Виданка Лукаревска, Снежана Саболиќ, Јованка Серафилоска и Ангел Митревски преку полномошник Васко Томановиќ, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителите на иницијати­вата, со оспорените одредби се создавала нееднаквост во однос на вреднувањето на основната плата меѓу вработените само поради профилот на стручното образование, при што незаконски се фаворизирала медицинската и фармацевтската струка наспрема другите, а се занемарувале сложеноста и одговорноста на работните задачи кои под исти услови ги извршувале другите категории на работници.

Имено, во наведениот колективен договор меѓу другото, во алинеја 9, на здравствените соработници со специјализација (психолог со специјализација, специјалист по медицинска педагогија, биолог, физичар, дефектолог, биохемичар, хемичар и сл.) им бил определен коефициент – 4,93, во алинеја 16 на дипломиран фармацевт специјалист коефициент- 5,45 и во алинеја 20 на доктор на медицина специјалист, коефициент – 6,52.

Со иницијативата се оспорува законитоста на ваквиот начин на определување на наведените коефициенти.

Имено, подносителите на иницијативата биле дипломирани хемичари-специјалисти кои ги извршувале своите работни обврски на различни работни места во рамките на актот за систематизација на Јавната здравствена установа (гинекологија, лабораторија во педијатрија, биохемиска лабораторија при Клиника за неврологија). Онака како што било извршено основното вреднување на работните места за иста сложеност на работните задачи било повредено правото на подносителите на иницијативата во поглед на нивното право на еднакво вреднување на основната плата со останатите работници – специјалисти. При тоа требало да се има предвид дека според актот за систематизација, наведените работни задачи може да ги извршуваат специјалисти по медицинска биохемија. Поточно, работите можеле да ги извршуваат доктори на медицина-специјалисти, дипломирани фармацевти – специјалисти, дипломирани стоматолози – специјалисти и дипломирани хемичари -специјалисти. Исто така, требало да се има предвид дека без оглед на тоа за кое факултетско образование станувало збор специјалистичкиот испит се полагал врз основа на иста програма, пред иста комисија врз основа на што се добивало уверение за завршена специјализација по медицинска биохемија.

Оттука можело да се заклучи дека наведените коефициенти, во поглед на основната плата за исти работи и иста сложеност на работите, подносителите на иницијативата, како дипломирани хемичари, ги ставале во нееднаква положба наспрема останатиот високо стручен медицински кадар со специјализација во струката. Со други зборови, на наведената категорија вработени лица во Јавната здравствена организација само и единствено поради профилот на стручното образование (медицински факултет, фармацевтски факултет и др.) им се определувале поголеми права во поглед на основната плата.

Подносителите на иницијативата се на мислење дека при колективното преговарање и договарање, страните во колективниот договор морале да го имаат предвид претходно изнесеното, а тоа значи дека наведената категорија на работници, без оглед на нивниот факултетски профил, да биле еднакво вреднувани во делот на основната плата, бидејќи на исто место ги извршувале истите работни задачи. Подносителите на иницијативата укажуваат дека ваков став по ова прашање имал и Народниот правобранител на Република Македонија.

Врз основа на напред наведеното, се предлага Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорените одредби од Колективниот договор, како спротивни на член 9 став 2, член 32 ставовите 3 и 5 и член 51 од Уставот на Република Македонија и член 106 став 1 од Законот за работните односи.

4. Судот на седницата утврди дека во Колективниот договор дел за плати, други права по основ на плата и надоместоци на плата на ниво на работодавец, склучен помеѓу Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија и Јавната здравствена установа – Универзитетски клинички центар Скопје на 26 јуни 2006 година, во член 14 алинеи 9, 16 и 20 во делот кој се однесува на високо стручен медицински кадар, здравствени соработници и други самостојни стручни соработници со магистериум и со специјализација во струката, здравствени соработници со специјализација ( психолог со специјализација, специјалист по медицинска педагогија, биолог, физичар, дефектолог, биохемичар, хемичар и сл.) се вреднувани со коефициент 4,93; дипломиран фармацевт специјалист е вреднуван со коефициент 5,45, а доктор на медицина – специјалист, е вреднуван со коефициент 6,52.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 2 од Уставот, секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Согласно став 3 од истиот член, секој има право на соодветна заработувачка, а согласно став 5, оставрувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005), со овој закон се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договор за вработување.

Согласно член 12 став 2 од овој закон, со договорот за вработување, односно со колективниот договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни и се применуваат соодветни одредби од закон. Согласно ставот 3 на истиот член, со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон, а според ставот 4 на овој член, правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Согласно член 105 став 1 од овој закон, работникот има право на заработувачка-плата, согласно со закон, колективен договор и договорот за вработување. Според ставот 3 на истиот член, платата е составена од основна плата, дел од платата за работна успешност и додатоци, ако со друг закон поинаку не е определено.

Основната плата, согласно член 106 став 1 од Законот, се определува земајќи ги предвид барањата на работното место за кое работникот го склучил договорот за вработување. Работната успешност на работникот, согласно став 2 на истиот член, се определува земајќи ги предвид домаќинскиот однос, квалитетот и обемот на вршењето на работата, за која што работникот го склучил договорот за вработување, а додатоците се определуваат за посебните услови при работа, кои произлегуваат од распоредот на работното време и тоа за работа во смени, работа во поделено работно време, ноќна работа, продолжена работа, работа во недела, работа во празници определени со закон и додаток за работен стаж.

Според член 107 од овој закон, платата на работникот за работа со полно работно време не може да биде пониска од најниската плата утврдена според закон и колективен договор.

Согласно член 203 од истиот закон, колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка и поединечен на ниво на работодавач.

Општиот колективен договор, согласно член 205 од овој закон, се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите кои се членови на здружението на работодавачите потписници на колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението. Колективниот договор на ниво на гранка се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите кои се членови на здружението на работодавачите потписници на колективниот договор или кои дополнително му пристапиле на здружението.

Според член 206 од истиот закон, со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, а може да содржи и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работните односи и други прашања од работните односи или во врска со работните односи. Правните норми содржани во колективниот договор се применуваат непосредно и се задолжителни за сите лица на кои, во согласност со одредбите на овој договор, се применува колективниот договор.

Согласно член 207 од истиот закон, лицата кои според овој закон можат да бидат страна на колективниот договор, се должни со добра волја да преговараат за склучување на колективен договор во врска со прашањата кои според овој закон можат да бидат предмет на колективниот договор.

Сопред член 210 од Законот, колективен договор склучуваат работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат.

Согласно член 220 од истиот закон, поединечен колективен договор за јавните претпријатија и јавните установи склучуваат основачот или органот кој тој ќе го овласти и репрезентативниот синдикат кај работодавачот.

Врз основа на наведената законска регулатива, на 26 јуни 2006 година е склучен поединечен колективен договор на ниво на работодавач, помеѓу Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија и Јавната здравствена установа – Универзитетски клинички центар Скопје, со кој се одредуваат платите, другите примања по основ на плата и надоместоците на плата на работниците во Универзитетскиот клинички центар.

Според член 2 од овој колективен договор, платата на работникот во Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар-Скопје се состои од следните компоненти: плата за извршена работа; плата по основ на услови за работа; плата по основ на раководење и одговорност; надоместок на плата и дополнителна плата од учество во добивката.

Согласно член 6 став 3 од овој колективен договор, платата на работникот е составена од основната плата, дел од платата за работна успешност и додатоците, ако со закон не е поинаку определено.

Според член 8 од истиот колективен договор, платата на работникот за полно работно време и нормален учинок, утврдено врз основа на сложеноста на работните задачи и нормалните услови за работа, не може да биде пониска од најниската плата утврдена за одделни степени на сложеност утврдени со член 14 од овој договор, која установата, односно работодавачот се должни да ја исплатат на работникот.

Со оспорениот член 14 од овој колективен договор, се утврдува дека најниската плата за одделни степени на сложеност се утврдува така што најниската плата за најнизок степен на сложеност се множи со коефициентите за одделни степени на сложеност. Како степен на сложеност утврден според степенот на образование во смисла на овој колективен договор се вреднува степенот на образование утврден како услов во актот за организација и систематизација на работните места кај работодавачот. Притоа, во овој член се утврдуваат поединечните работи, односно занимања во Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар и се класифицираат во пет групи на сложеност.

Здравствените соработници со специјализација ( психолог со специјализација, специјалист по медицинска педагогија, биолог, физичар, дефектолог, биохемичар, хемичар и сл.), дипломираните фармацевти – специјалисти и докторите по медицина – специјалисти, се вреднувани во занимања од IV група на сложеност, со коефициенти во распон од 3,90 – 7,20, во подгрупата на високо стручен медицински кадар, соработници и други самостојни соработници со магистериум и со специјализација во струката.

Од анализата на наведените одредби и Колективниот договор во целина, Судот оцени дека Колективниот договор – дел за плати, други права по основ на плата и надоместоци на плата на ниво на работодавец, склучен помеѓу Самостојниот синдикат на Клинички центар и други здравствени организации во Република Македонија и Јавната здравствена установа – Универзитетски клинички центар Скопје, е во рамките на уредување на овие основи утврдени со Уставот и Законот за работните односи.

Имено, Колективниот договор е склучен од овластени страни за склучување поединечен колективен договор на ниво на работодавач и со него се уредуваат прашања кои се однесуваат на остварувањето на правото на заработувачка – плата на лицата вработени во Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар. Платата што овие лица ја остваруваат е составена од основна плата, дел од платата за работна успешност и додатоци, што е во согласност со законските определби за остварување на плата. Во оваа смисла, во членот 14 од Колективниот договор се утврдени поединечните работни места, односно звања кои постојат во оваа јавна здравствена установа и истите се класифицирани во пет групи на сложеност, при што се утврдува коефициентот на сложеност за секое работно место, односно звање, од што зависи висината на основната плата на секој работник.

Во однос на оспорените одредби од членот 14 од Колективниот договор кои се предмет на иницијативата, во кои се утврдени коефициентите на сложеност на работа на определени работни места, односно звања, Судот констатира дека сите оспорени работни места, односно звања се вреднувани во рамките на соодветниот степен на стручна подготовка – специјализација, односно во категоријата на високо стручен медицински кадар, здравствени соработници и други самостојни стручни соработници со магистериум и со специјализација во струката, што значи дека работниците не се ставени во нееднаква положба во однос на признавањето на нивната стручна подготовка како елемент од кој зависи определувањето на висината на основната плата.

Определувањето, пак, на конкретниот коефициент на сложеност за секое работно место, во рамките на иста група на сложеност, зависно од сложеноста и одговорноста на работните задачи, според Судот, претставува право и обврска на страните надлежни за склучување на Колективниот договор. Ова особено заради тоа што истите имаат законска обврска за меѓусебно преговарање заради уредување на правата и обврските на договорните страни, при што треба да се има предвид значењето на колективното договарање во системот на работното законодавство, утврдено во член 32 став 5 од Уставот на Република Македонија.

Притоа, со увид во Колективниот договор за здравствената дејност на Република Македонија, кој како посебен колективен договор на ниво на гранка е склучен помеѓу Министерството за здравство на Република Македонија и репрезентативниот Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија, Судот констатира дека наведените работни места, односно звања во оспорениот колективен договор се вреднувани во рамките на групите на сложеност и коефициентите утврдени за соодветните поединечни работи во гранковиот колективен договор, од каде произлегува дека работниците во Јавната здравствена установа Универзитетски клинички центар, во однос на определувањето на основната плата, не се ставени во нерамноправна положба во однос на другите вработени во здравството.

Оттука, според Судот, различното определување на коефициенти на сложеност за специјализација во различни струки (медицина, фармација, хемија), односно различните коефициенти на сложеност за специјализација на здравствени работници и здравствени соработници утврден во системот на колективното договарање, се израз на потребите, барањата и карактерот на Јавната здравствената установа Универзитетски клинички центар, што е во рамките на уставната и законската определба дека правото на плата на работникот се уредува со закон и со колективни договори. Наводите во иницијативата дека со различните коефициенти незаконски се фаворизирала медицинската и фармацевтската струка наспрема другите струки не може да претставуваат основ за изразување на сомневање во уставноста и законитоста на оспорените одредби, затоа што определувањето на овие критериуми е фактичко прашање за кое Судот не е надлежен да одлучува.

Поради наведеното пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од член 14 од Колективниот договор со член 9 став 2, член 32 ставовите 3 и 5 и член 51 од Уставот и член 106 став 1 од Законот за работните односи.

6. Во однос на наводите во иницијативата кои се однесуваат на потребата од еднакво вреднување во делот на основната плата за работите кои ги вршат специјалисти по медицинска биохемија, кои работи можеле да ги извршуваат доктори на медицина-специјалисти, дипломирани фармацевти-специјалисти, дипломирани стоматолози-специјалисти и дипломирани хемичари-специјалисти, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата во тој дел.

Имено, со иницијативата се бара определување на единствен коефициент на сложеност, односно единствено вреднување во делот на основната плата за работници со завршена специјализација по медицинска биохемија, која како посебен вид на специјализација не се наведува за ниедно работно место, односно звање во член 14 од Колективниот договор, поради што и не се утврдува коефициент на сложеност за истата.

Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согlasnosta na zakonite so Ustavot i za soglasnosta na drugite propisi i na kolektivnite dogovori so Ustavot i со zakonite.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи ја предвид наведената уставна одредба со која е утврдена надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија, како и наводите во иницијативата, произлегува дека со иницијативата се бара да се изврши еднакво вреднување во делот на основната плата на категоријата работници со завршена специјализација по медицинска биохемија, што подразбира изменување на постојниот Колективен договор. Со оглед дека ваквото барање izleguva nadvor od ramkite na nadleжноста на Уставниот сud, Судот утврди дека se ispolneti uslovite za otfrlawe na inicijativata soglasno член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Махмут Јусуфи и судиите: д-р Трендафил Ивановски, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бранко Наумоски, д-р Бајрам Положани и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.155/2006
29 ноември 2006 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Махмут Јусуфи